Сутерен.мк

Горан Војновиќ: Балканот произведува премногу историја

Првиот роман преведен на македонски, во издание на „Или-Или“ на словенечкиот писател Горан Војновиќ (1980, Љубљана) – „Југославија, моја дежела“, удира таму каде што е најболно – во просторот на колективното сеќавање во коешто има многу измешани емоции! Авторот вели дека работниот наслов на овој роман, во којшто се зборува за синот кој е во потрага по својот татко-воен злосторник, имал работен наслов „Косово република – Истра континент“. Но, тој се согласил да го преименува по препорака на издавачот.

Покрај тоа што е еден од најпродаваните словенечки автори, Војновиќ е и поет, сценарист и режисер. Во Љубљана завршил филмска и телевизиска режија, а неговите кратки филмови „Мојот син, сексуален манијак“, „Фужине закон“, „Кинезите доаѓаат“, како и „Среќен пат Недиме“ имаат освоено повеќе меѓународни награди.
Неодамнешната посета на Скопје му е втора, по онаа кога пред две години како режисер на „Јужњаци, марш“, филм во којшто глуми Мето Јовановски, учествувал на филмскиот фестивал „Синедејс“ во Скопје.

Интересно е и дека првата драма поставена во националниот театар во Љубљана, на овој писател висок два метра и поранешен кошаркар, ја режирал Александар Поповски. Војновиќ е сопруг и татко на две едногодишни близначиња, а како што вели, во ретките слободни мигови сака да игра фудбал или кошарка.

  • Бевте дете кога се распадна нашата заедничка држава. На што помислувате кога ќе се спомене Југославија?

– Зависи од контекстот. Ако зборуваме за државата Југославија и нејзиното распаѓање, помислувам дека денес повторно живеам пред распадот на својата мултинационална татковина и дека сум, како и тогаш, немоќен да влијаам врз текот на историјата. Но, за мене постои и друга Југославија, онаа што е името на моите најрани спомени, мојата култура, просторот што во поголемиот дел и ден-денес го доживувам како свој и таа Југославија е значаен дел од мене, па секое нејзино споменување буди слики, емоции, горчина и насмевки. Слично како на промоцијата на мојата книга во Скопје – не можам да се соземам од шокот, поточно приемот и интересот за делото. Нормално, тоа ме радува, но и ме обврзува.

  • Колку Вие или Вашето семејство имате допирни точки со приказната во романот „Југославија, моја дежела“?

– Па, ги има. Мојата мајка е од Пула, јас таму ги поминував летата, преку патот беше населбата во којашто живееја офицерските семејства. Нови Сад за време на војната стана дом за едно мало момче од семејството на татко ми, а слично беше и со Брчко. Но, за среќа, никој од моите блиски не беше обвинет за воени злосторства и, што е поважно, никој не се согласи на кој било начин да учествува во оваа војна, на која било страна, сите ги избраа бегството и прогонството. Затоа денес сите тие се гледаат како жртви на војната, секој од нив верува во својата вистина и раскажува своја приказна и невозможно е да им се противречи.

  • Како и под кои околности еден човек станува воен злосторник?

– Да знам да одговорам на ова прашање во неколку реченици немаше да пишувам роман. Овој роман и се создаде така што се обидував да одговорам на тоа прашање. Според мене, литературата се раѓа токму од прашањата на коишто немате одговор, од прашањата на коишто понекогаш или со години ве прогонуваат, а ова е токму такво прашање. Прашањето како нашите татковци, чичковци, учители, соседи, пријатели, како многубројни блиски луѓе, буквално преку ноќ станале монструми и ги направиле сите оние злодела е прашањето со коешто пораснав.

  • Може ли да се сака родител кој е воен злосторник?

– Можеби е подобро прашањето дали може да се престане да се сака родител кога ќе стане воен злосторник? Во сите за случаи познати за мене, оние за коишто во ретки пригоди пишуваа овдешните медиуми, децата на воените злосторници не ги прекинаа контактите со своите татковци. Напротив, останаа уверени во нивната невиност, ги поддржуваа и ги сакаа и понатаму.

  • Што добивме, а што загубивме со распадот на поранешната држава?

– Пред сѐ, изгубивме еден поширок културен простор, нашите сегашни културни простори се посиромашни. Тоа на сите, сакале ние да признаеме или не, ни е заедничко. За другите добивки или загуби е тешко да се зборува вака површно, различна е судбината на самостојната држава Словенија од онаа на БиХ или на Македонија. Во Словенија многумина се задоволни од својот живот во Европската унија и немаат баш многу егзистенцијални причини да страдаат за она што било, а повеќе го нема. Се разбира, многубројни се и губитниците од транзицијата, но кога станува збор за Југославија, од луѓето проговоруваат емоции и односот кон неа често не се темели на објективна процена на квалитетот на животот некогаш и сега. Другите европски народи не можат докрај да ги сфатат сите наши постапки и реакции. Тоа од една страна е хендикеп, но од друга може да се гледа и како уникатност и богатство.

  • Дали има право Иво Андриќ кога вели дека народите на Балканот толку многу се навикнале на насилството, што мораат или да го трпат или да го прават? Дали народите на овие простори научија нешто од својата заедничка историја?

– Би сакал Андриќ понекогаш да нема право! Би сакал да верувам дека на Балканот не живеат поголеми дивјаци од другите жители на планетата, дека не сме склони на насилство, ниту сме навикнати на него повеќе од другите, оти не мораме да го трпиме или чиниме, би сакал овој наш Балкан да не нѐ осакатил до таа мера. Би сакал да верувам дека човекот е само човек и дека ние само имаме пех што живееме на простор, како и оние на Блискиот Исток и другите тажни места, на којшто се произведува премногу историја што доаѓа од сите страни, повикана, неповикана, и оти на тоа конечно ќе му дојде крајот.

  • Која е главната тема во Вашиот последен роман, „Смоква“?

– Тоа е роман во којшто се испреплетуваат повеќе теми и луѓе. Основната идеја произлегува од човековата никогаш сосем потисната потреба за бегање пред сите и пред сѐ, за слободата што ја носи идејата за новиот живот, но тоа истовремено е и роман за љубовта во оние или овие времиња, за тоа како на нашите простори секое време и секој систем навлегуваат во интимата во неа одигруваат значајна улога.

  • Која е Вашата дефиниција за слобода?

– Јас не верувам во лична слобода што модерниот свет ја продава како идеал на живеењето. Ние сме родени вмрежени во односи со другите, а секој наш однос врзува и одврзува, колку односот е подлабок, поинтимен, толку сме понеслободни и оневозможени сами да одлучуваме за својата судбина. Денешниот свет, би рекол свесно или несвесно, бега од одговорноста и тој свој бег го нарекува слобода!

  • Дали себеси се сметате за подобар писател или режисер?

– Судејќи според сѐ, излегува дека сум подобар писател, но ми се чини дека како писател ми успеа во поголема мера да го постигнам она што сум го замислил, а како режисер не сум се развил во целост. Изгледа дека ќе ми треба подолго време за да го развијам својот филмски глас.

  • Каков филм би снимил режисерот Горан Војновиќ за писателот Горан Војновиќ?

– Здодевен до немајкаде. Бидејќи режисерот Горан Војновиќ би требало да биде нероден гениј за да го направи интересен животот на писателот Горан Војновиќ.

Ноне Абрашева Ноциќ
„Теа модерна“, 2016 година 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us