Сутерен.мк

Гордан Калајџиев: Се уште сме темен вилает!

Еминентниот стручњак од областа на правото и активистот за човекови права, д-р Гордан Калајџиев, оние што лично го познаваат секогаш прво го споменуваат како страствен љубител на музиката и еден од најголемите дискофили во земјава. Тој ни самиот не ја знае бројката на носачите на звук што ги поседува, а кога повторно би можел (или, морал) да бира, би се определил за бавењето со музика, како своја животна вокација

Професор по кривична постапка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, а предава и на Факултетот за безбедност во Скопје и на Академијата за судии и јавни обвинители.

Познат е и како активист за човекови права во Хелсиншкиот комитет, Транпарентност Македонија и други невладини организации. Партиски не е активен, што му дава за право вели, аргументирано да ги критикува сите власти, а актуелнава сепак, му довери да ја предводи реформата на казненоправниот систем.

Оние пак, што лично го познаваат, секогаш прво го споменуваат како страствен љубител на музиката и еден од најголемите дискофили во земјава: „Точно е дека најмногу ја сакам музиката и најрадо зборувам за тоа. Поради се поголема зафатеност на професионален план, на личен план се дружам речиси исклучително со пријателите кои се дискофили и аудиофили. Голем број пријатели од оваа сфера имам уште од деновите на ’Југотон’, кога една група загрозени дискофили од сите генерации секојдневно доаѓавме да провериме што има ново. Продавачите ги нервиравме проверувајќи која плоча не е крива ниту изгребана. Мојата сопруга Лина ја запознав исто така, на Скопскиот џез фестивал, каде што таа беше ангажирана како преведувач, а јас таму исто сум редовен, ги следам и тонските проби, но и секогаш спремен да помогнам што можам – едно време пишував и некој текстови за каталозите и слично. Сега со Лина го имаме малиот Јан кој исто многу сака музика и везден ги прередува дисковите по дома“, вели д-р Калајџиев, смеејќи се.

  • Како еден професор по кривично право станал дискофил? Одат ли едно со друго: нешто што толку цврсто стои на земјата, како правото и нешто толку недофатливо, како музиката?!

– Идејните парадигми за владеењето на правото и човековите права исто така се речиси, недофатливи, особено во една средина како нашата (се смее, н. з.). Освен тоа, секој од нас во приватниот живот си има свои пасии и љубов за некои други работи, било да е тоа спорт, музика или нешто трето. Инаку не би вредело да се живее овој живот само за работа, нели?

  • Колкава е Вашата колекција и каква музика најмногу сакате?

– Верувајте не знам точно ни самиот, а и не мислам дека е битна бројката. Мене ми е важно да го имам она што вреди во музиката, и тоа на што е можно подобра снимка. Кога ќе ја видат мојата колекција сите, како по правило, ме прашуваат едно исто – си ги слушнал ли сите овие!?

За среќа, работата ми е таква што дел од времето работам дома, а музиката воопшто не ми пречи напротив, ја олеснува и некако, облагородува. Најмногу имам модерен џез, од 60-тите до денес, но имам и многу рок музика, па и сериозна музика, главно музика од 20-век, по сензибилитет инаку блиска со модерниот џез. Неодамна за прв пат вистински го „открив“ блузот и имав големо задоволство за прв пат да ги доживеам легендарните остварувања на Мади Вотерс и Хоулинг Вулф. Тие во 50-тите практично ја трасирале рок музиката од 60-тите и 70-тите.

Генијалци. Инаку, секоја генерација дискофили има некоја своја главна струја во музиката, како што биле трендовите на времето. Првата група македонски дискофили, најстара, ако така може да се каже (а тоа нема пежоративна смисла туку е респектабилна категорија) беа Драган Костиќ, Оливер Белопета, Сашо „Бомбол“, Карло, Васја и уште редица други, не ги ни познавам сите, се разбира. Но, тоа беа луѓе од кои ние помладите учевме за популарната музика – Костиќ, Димитар Чемков, проф. Врчаковски, Велибор Педевски и Јолевски, на пример, имаа многу добри радио емисии, вистинска школа за популарната музика – некои емисии дури сум ги снимал на касети.

Омилени и врежани во сеќавањето ми се емисијата на Чемков за групата „Нова“, џез-рок состав на кој веќе никој не се сеќава, како и емисијата на Педевски за тапанарот Ендрју Сирил од серијалот за авангардниот џез. Сум слушал и странски програми, на пример, програмите на промотерот Бране Рончел од Словенија кои одеа на мариборското или радио Љубљана, веќе не сум сигурен. Од Рончел сум порачувал и винили на времето, албуми кои инаку не можеа да се најдат лесно во Европа, Хенри Тредгил, Дејвид Мареј. Човекот го запознав на концертот на Орегон во Скопје.

Дискофилите не се многу среќни кога позајмуваат плочи, затоа што другите луѓе обично не ги чуваат, па затоа ги разменуваат главно само меѓусебно, но затоа својот алтруизам го докажуваат со радио и ТВ програми, написи по весници, организирање концерти и сл. Ден денес ги чувам исечоците за Битлси од серијалот написи на Оливер Белопета во списанието „Екран“, на пример. Јас и самиот сум имал музички емисии за џезот на Канал 103 и сум пишувал. Денес такви се се повеќе реткост, иако се уште ги има, како Шурбе од „103-ка“, Ален од „Џез ФМ“ радио и други.

  • Скапо ли е ова хоби? Како ги набавувате носачите на звук и, имате ли некои ексклузивни изданија?

– За жал, носачите на звук се безобразно скапи. Можеби и затоа целата индустрија е во голема криза. Морам да признам дека како стипендист во странство сум останувал со денови без скршен денар зошто како зависник последните пари сум ги трошел на плочи и дискови. Порано немаше кредитни картички и дозволен минус, ако немаш пари- диета! Јас сум патувал по разни семинари во странство првенствено, за да дојдам до прилика да купувам плочи. Денес на интернет можете да најдете се, а можете и да поминете поефтино, иако не е се, сосема легално.

  • Свирите ли на некој инструмент?

– За жал, не. Постојано се прашувам дали повеќе ќе ја сакав и уживав во музиката, ако ја знаев и однатре, ако може така да се каже, а не само однадвор, како слушател и познавач кој сепак не знае ноти или теорија на музиката. За волја на вистината, ме запишаа со сестра ми Дика и братучетка ми Мери на солфеж, но мене на таа возраст ми се виде глупаво да тапкам со раката и да бројам тактови. Така тие научија да свират на клавир, а јас си останав лаик. Штета, ден денес сонувам како држам труба во рака и си цупкам, ама кога ќе ми дојде ред да отсвирам нешто, се будам во паника!

Несуден спортист!

  • Потекнувате од спортско семејство, правник сте, а обожавате музика…?!

– Татко ми сакаше јас како него да се бавам активно со спорт. Тој беше познат спортист, пред се како голман во “Работнички”, но и во низа други спортови. Јас под негово влијание како дете се зафатив со скијање на снег и на вода, кошарка…, но подоцна музиката повеќе ме влечеше.

Се сеќавам еден ден упорно неколкупати влегуваше кај мене во соба и ме викаше заедно да гледаме некој второкласен фудбалски натпревар на тв, а јас како маѓепсан го вртев одново и одново албумот на Џон Ленон “Rock and Roll“, кој го имав позајмено од некого. Претходно на телевизија го гледав спотот за “Stand By Me”, нумера од истиот албум. Се сеќавам од тоа време и на едно патување на комбиниран спортски натпревар по скијање на снег и на вода во Словенија, кога на радио за прв пат ја слушнав “I Can’t Get No Satisfaction” од Ролинг Стонсите – вистински шок!

Ден денес ми одзвонува во ушите и се уште се сеќавам како Мартин, постар скијач и скопски фраер – сега го држи кафулето „Мартини“ во „Лептокарија“, кој седеше до мене го држеше ритамот од тапаните удирајќи си по нозете. Криво ми е што не сум го доживеал излегувањето на албумите на Битлсите во шеесетите, тоа ти е. Понекогаш ми е криво што овие работи, некои песни или албуми, само еднаш ќе ги доживеете по прв пат, како прв бакнеж, незаборавно – директно во душата.

Во некои групи и албуми и буквално сум бил вљубен, колку и да тоа сега изгледа смешно, како „Ноќ во операта“ од групата Квин, „Лондон Колинг“ на Клеш, „Црвен“ и „Син“ албум на Битлсите, веројатно најдобрите компилации на сите времиња, и други навистина неповторливи музички остварувања. Последниот состав во кој буквално сум бил заљубен беше “Echo and the Buhhsman”, подоцна веројатно созреав, па иако на музиката се уште и приоѓав емотивно, работите некако се сменија.

Инаку, татко ми се откажа од идејата да ме прави спортист и се задоволи со тоа што бев одличен ученик, па парите за плочи и концерти ги добивав како награда за успехот на училиште. Единствено не му беше мило што ми дал пари за концерт на Ролинг Стоунсите кога еднаш дома на ТВ заедно гледавме како Мик Џегер на сцената јаваше огромен фалус… Ич не му беше ќејф.

  • Кога повторно би се родиле, би го избрале правото или музиката за професија?

– Ако морам да одберам, би сакал да се бавам со музика, иако и во правото најдов многу интерес, бидејќи е покреативно од она што мнозина мислат за него. Затоа, можеби би било најубаво кога човек би можел да ги има двете дарби, како мојот драг пријател, професорот Иво Јосиповиќ, на кого му се восхитувам затоа што е одличен композитор и еден од најдобрите правни експерти на овие простори. Затоа и ме чуди што покрај овие две дарби на кои му завидувам, на крајот се одлучи да се бави со политика. Тоа можеби е добро за Хрватска, но за него лично, по мое мислење е повеќе лична загуба, некаква жртва можеби. Ме радува што ќе се видиме на Охридско лето каде сум почестен со мојата сопруга да бидам гостин на двајцата претседатели.

Се уште сме темен вилает

  • Како професор, задоволен ли сте воопшто од нашиот правен систем и неговата практика?

– За ова ќе ни треба повеќе простор од ова што овде го имаме. Македонија е се уште темен вилает каде што владеењето на правото и човековите права се само декларативни вредности за чија содржина нема многу сензибилитет ниту кај власта ниту кај граѓаните. За мене и моите колеги ваквите состојби на моменти се обесхрабрувачки, но почесто се токму спротивното, голем предизвик.

Дваесет албуми за на пуст остров во избор на д-р Калајџиев:

Miles Davis “Kind of Blue” (CBS/Columbia)*

The Beatles 1962-1966 (Apple)*

Bob Dylan “Blonde on Blonde” (Columbia)*

John Lennon “Imagine” (Parlophone/Apple)*

Paul McCartney “McCartney” (Apple)*

Weather Report “Black Market” (CBS/Columbia)*

Dave Holland “Conference of the Birds” (ECM)*

David Murray “Murray’s Steps” (Black Saint, 1982)*

James Blood Ulmer “Are You Glad To Be In America” (Rough Trade/DIW,1980)*

Henry Threadgill “You Know the Number” (Arista Novus)*

Ornette Coleman “Of Human Feelings” (Island)*

Clash “London Calling” (CBS/Columbia)*

Herbie Hancock “Mayden Voyage” (Blue Note, 1965)*

Queen “A Night in the Opera” (Parlophone/EMI)*

Jeff Beck “Wired” (CBS/Columbia)*

Art Ensemble of Chicago “Nice Guys” (ECM)*

Keith Jarrett “The Surviviors Suite” (ECM)*

Steely Dan “Aja” (ABC)*

Al DiMeola “Elegant Gypsy” (CBS/Columbia)*

Jaco Pastorious “Jaco” (CBS/Columbia)*

 

Бранка Д. Најдовска

„Теа модерна“, 2010 година

Фото: Игор Тодоровски

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us