Сутерен.мк

Грчко списание за семејство од Скопје

Кон крајот на 2007 година, периодичното списание „Полисот на солуњаните“, што излегува трипати годишно и обработува теми од историјата, археологијата и архитектурата на Солун, но и за славните солунски фамилии, донесе и статија за познатото претприемачко грчко семејство Ламнидис…

За нас ова би бил безначаен податок доколку потомци од нивната лоза не живеат во Скопје. Публицистот и уредник во Телевизија Телма, Томислав Османли, како син на Екатерини Ламнидис и Димитрие Османли (исто така наследник на старо граѓанско презиме), е еден од директните потомци на ова семејство…

„Татко ми и мајка ми се запознале во Атина“, раскажува Томислав Османли. „Како студент, тој учествувал во посетата на белградската Академија за филм и театар предводена од ректорот Душан Матиќ, а таа била на гости кај својата братучетка, инаку мажена за грчки монархистички генерал. Средбата резултирала со преписки, а по неколку години и со доаѓање на мајка ми во Битола и со нивна свадба. Кога дошла во Битола, според нејзиното раскажување, таа и татко ми живееле во куќа со тринаесет соби, со прекрасен салон со голем витраж и мебел нарачан од Солун. Градот, сепак, покрај трагите на своето угледно минато, ги носел и оние од повоената немаштија. Таа ми кажуваше дека во излозите имало само материјали од циц, на точки и тоа било се, а мајка ми доаѓала од Грција, каде што во тие години по војната Западот истурал многу роба.

Татко ми Димитрие работел во Битолскиот театар и имал примања од 12.000 тогашни динари, но кога ја донел првата плата, ја прашал дали може да живее со осум илјади, зашто со другите сакал да им помага на двете сирачиња од братот. Можела. ’Во тоа време сите можевме’, велеше таа. ’Бевме млади и имавме љубов и на животот гледавме со оптимизам. Татко ти, заедно со Ацо Шопов, се врати од Париз поради тој оптимизам. Му нудеа место на асистент по режија, ама тој сакаше да се врати тука. Беше полн со занес и работеше неуморно и на театар и на филм. Беа тоа тешки, но, сепак, убави времиња…’ Тоа се зборови од една жена што ја нема веќе 15 години и која живееше опкружена со големи богатства, но и воени сиромаштва, за повторно во Скопје да живее во удобност во времиња што им се насмевнуваа, ако не на сите, тогаш барем на повеќемина…“, раскажува нашиот соговорник.

Томислав Османли

Историја

Меѓутоа, пред сето ова постоел еден друг живот, на друго место, а токму за тие времиња, навраќајќи се длабоко наназад, пишува и декемвриското издание на „Полисот на солуњаните“. Како што пишува списанието, кон крајот на 19 век во градот Науса (Негуш) живееле барем двајца членови на семејството Ламнидис – Григорис и Јоанис. Григорис бил оженет и имал пет деца и по престојот во Александрија, Египет, каде што се занимавал со трговија, се вратил на почетокот на 20 век во Негуш и тргувал со вино и штоф. Јоанис Ламнидис, чија семејна гранка развила претприемачка дејност во Солун, бил оженет и имал три машки деца, а по извесно време живеење во Каиро, се вратил заедно со семејството назад во Грција во 1910 година.

Со најстариот син (Констандинос) во Негуш го основал претпријатието „Ерија“, а најмладиот син (Димитрис) студирал прво право во Атина, а по женењето завршил и медицина во Париз, по што се населил во градот Комотини. Другите двајца синови на Јоанис (Констандинос и Томас) по смртта на таткото се преселиле во Солун, учествувајќи и понатаму во текстилната фабрика „Ерија“ и деловните иницијативи на големиот град. Томас студирал хемија во Германија и се оженил двапати: со Марија Камбитоглу, со која пред нејзината смрт го добил синот Павсанија, а потоа со Евгенија Васдари, која му ги родила синот Констандинос и ќерката Екатерини (или Катина), родена во 1927 година, подоцна сопруга на Димитрие Османли.

„Се сеќавам на два огромни фотографски портрета со овални паспартуа, врамени во тешки, релјефни златни рамки, што висеа во салонот на нашата куќа во Грција“, раскажува Томислав Османли. „Портретот на мојот дедо Тома што никогаш не сум го запознал и портретот на мојата баба Евгенија, единствена од бабите и дедовците што сум ја познавал и што сум ја сакал многу, а мислам и таа мене, издвојувајќи ме меѓу сите внуци. На сликата носи ѓердан од бисери, а на тилот голема дијамантска шнола, дел од накитот со кој по смртта на дедо ми, распродавајќи го, ги образуваше трите деца, од кои успеа да направи вистински луѓе. Баба ми имаше слабост кон мене, како син од нејзиното единствено женско дете, мојата мајка Екатерина, која се омажи не така далеку, во Битола, но зад челичната завеса, спуштена меѓу двата политички система што ја делеа Грција од тогашна Југославија“, се присетува Томислав и продолжува:

„Со мојот дедо Томас, баба ми живеела само девет години (умрел кога мајка ми имала шест години). Таа му била втора жена, тој нејзе единствен маж и му го исчувала и синот од претходниот брак. Дедо ми ја ценел и ја обожавал. Кога им се родил вујко ми Коста, ч подарил накит, а кога се родила мајка ми Екатерина, ч купил најскапа визонска бунда. Баба Евгенија беше интелигентна и ведра жена по потекло од Цариград, но, ете, животот ја однел далеку од родниот град. Таква е судбината на моето семејство. Затоа во нашите гени има делови од една заплетена, лично мислам и топла, медитеранска приказна. Имам внучка од синот, Елена, во која тече крв од речиси целата планета“, раскажува соговорникот на „Глобус“.

Евгенија и Томас Ламнидис (во средината) со роднини

Кариери

Во 1925 година Констандинос Ламнидис го отворил хотелот „Балканска Европа“ (зградата и денес го краси центарот на Солун) и со своето семејство и со семејството на помладиот брат Томас живеел во апартмани на првиот кат на хотелот. Констандинос бил претседател на Унијата на индустријалците на Северна Грција (1924–1928), но деловните активности на браќата биле прекинати во 1930–тите, кога умираат и двајцата. „Полисот на солуњаните“ пишува дека ниту еден од потомците на Ламнидис понатаму не се занимавале со претприемаштво.

Трагите на децата на постариот брат се губат по Втората светска војна, додека, пак, Павсанија (син на Томас од првиот брак) работел како адвокат, а потоа и како судија и бил претседател на Ефетите во Ареопагот, Врховниот суд на Грција во Атина. Другиот вујко на нашиот соговорник, Констандинос Т. Ламнидис, студирал медицина и за време на диктатурата (1967–1974) се преселил во Киншаса, Африка, каде што отворил приватна клиника, а по враќањето во Солун работел како невропсихијатар и национален консултант за ретки тропски болести. Починал од срцев удар во својата вила во Касандра, Халкидики, во 1990 година. Две години по него, во Скопје починала и Екатерини Османли, чие второ класично име – според обичајот на грчката аристократија од тоа време – било Навсика, исто како и името на една од солунските фирми на семејството Ламнидис.

Сеќавањето на Екатерини го негува нејзиниот син Томислав Османли, кој се разнежува на секое спомнување на името на својата мајка и вели: „Таа на сж гледаше со оптимизам и секогаш наоѓаше начин да им помогне на другите. Нејзина девиза беше грчката поговорка – направи добро и фрли го во море, а потоа додаваше: ’Морето само ќе ти ја врати добрината’. Оние што ја познаваа знаат за што зборувам. Имаше океан од човештина во нејзината душа“. Таа нишка на емпатија, што впрочем е и одлика на секоја вистинска аристократија, изгледа провејува низ сите генерации на Ламнидис. Потврда е и настанот за кој велат дека стариот некогашен чувар на фабриката „Ерија“ го раскажувал целиот свој живот. Имено, една зимска ноќ, газдата Томас, кога видел дека чуварот е изѕемнат, го соблекол сопственото палто и му го дал на кутриот човек.

„Мајка ми и баба ми постојано велеа дека дедото бил исклучителен човек. Им се наоѓал на луѓето во неволја и си го обожавал семејството. По раѓањето на ќерката Екатерини се претплатил на новите играчки од некоја фабрика во Германија, а новите производи пристигнувале на нивната адреса со години и откако тој умрел во 1934 година. На крајот на нашиот разговор, Томислав Османли вели дека бил пријатно изненаден кога му се јавиле од редакцијата на „Полисот на солуњаните“ и дека меѓу сите роднини во Грција му се обратиле токму нему за да го состават мозаикот за едно од највлијателните претприемачки солунски семејства.

Екатерини Ламнидис и Димитрие Османли пред својот дом во Битола

Потеклото на семејството Османли

По уништувањето на големата влашка енклава Москополе (денешна Албанија) од страна на Али-паша Јанински во 19 век, илјадници негови жители се раселуваат упатувајќи се кон Солун, Цариград, Белград, Виена и, пред сж, во Битола и во Крушево. Семејството Османли е едно од оние што се доселува во Битола, но со автентичното презиме Хаџи Наум (односно Хаџи Унча), додека, пак, презимето Османли е дадено од Турците за да означи величие и припадност кон Империјата. Најубедливата приказна се врзува за изградбата на прочуените битолски касарни, кога заеми се барале од поимотните битолчани, меѓу кои и од еден од предците на Хаџинаумовци.

Фактот дека нему му било дадено почесното именување (османли значи царски или империјален) зборува дека добиениот износ бил и највпечатлив. Прадедо на Томислав Османли е Ѓорѓи Османли, кој со сопругата Марија имал шест деца, меѓу кои и синот Дијаманди, кој бил книжарски трговец, односно сопственик на книжарница и печатница кај Саат–кулата во Битола, учесник во албанската епопеја и носител на Солунска споменица. Сопругата на Дијаманди, Евридика Шмина, потекнувала од влашкото село Магарево, кое како и селата Гопеш и Малоишта имало интензивен стопански живот. Со Евридика и трите машки деца живееле во куќа од 13 соби, на улицата „Солунска“ 210, во центарот на градот. Најстариот син на Дијаманди, Тома Османли, со помош на татка си отворил книжарница „Просвета“ во Скопје, а средниот син Ѓорѓи бил виолинист, композитор и наставник по музика, кој во салонот на семејната куќа организирал вечеринки исполнети со музика изведувана од помали состави. Најмалиот син на Дијаманди е Димитрие Османли, режисер и прв декан на Факултетот за драмски уметности во Скопје, оженет за Гркинката Екатерини Ламнидис, со која го има единственото дете – синот Томислав Османли, кој, пак, сите припадници на семејството Османли ги смести како ликови со своите автентични имиња во театарската пиеса „Спилиони“.

Бранка Д. Најдовска
„Глобус“, 2008 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *