Сутерен.мк

За каква држава бев воспитуван?!

Пишува: Игор Пачемски, моден дизајнер

(Текстот е превземен од: https://www.facebook.com/kostovski.trifun)

 

Дали е ментален „Фотошоп“ или нешто друго, но не можам да ги избришам сеќавањата од посетите на „Краш“, каролините на мерење, купување Јумко и Јутранка во Беко, гордоста на Олимписките игри во Сараево, Вучко, Заги од универзијадата во Загреб 1987-ма, Олимписките игри во Сеул, сребрата на Стојна Вангеловска и Шабан Трстена.

Горењето од возбуда за екскурзијата низ Југославија и одеднаш војна, страв. Слушање на радио во автобус после скијање на Татрите дека во Вуковар имало етнички немири. Одеднаш се за кое бев воспитуван престана да важи. Лествицата веќе не беше качена толку високо.

Дете на двајца загребски дипломци, со роднини од Вардара па до Триглава, децентни интелектуалци, како стожер на екс-ЈУ високата средна класа, се најдовме во ќорсокак. Југобанка ги голтна нашите заштеди. Се најдовме во ситуација каде што платите од неколку илјади германски марки, станаа плати од сто или двеста марки.

Се сеќавам дека седев на клупа до Трговски кога додека се пукаше од другата страна на Вардар, јас и една моја соученичка отидовме во Мусандра на јуниор (секако дека беше затворено).

Немав можност да живеам долго во независна Македонија. Стипендија од Headmaster’s Conference, која во Македонија беше сврзана со Сорос (Џорџ Сорос плаќаше авионски билети и џепарлак од 500 фунти годишно) брзо ме одведе во Англија. Upingham, елитен колеџ во кој се едуцирале Stephen Fry, Christian Bale, David Suchet, колеџ во кој Hugh Jackman бил тутор по драма, со своите Елизабетански почетоци, полна со традиција, помпа, протокол, процес и се она што екс- ЈУ не учеше дека е непотребно (и донекаде била во право).

На еден екс-ЈУ фундамент, беше направена доградба на англиски пош. Го изгубив странскиот акцент, за секунди влегов во улогата на млад џентлмен. Дали играв улоги или вистински станав таков, до ден денес не знам. Знам да нарачам Grand Premiere Cru вино, научив и француски, имам Хермес аксесоари, знам да одберам твид, Лондон ми е дома.

Но секогаш, секогаш бев различен.

Бев израснат со југословенски пасош, а потоа ја имав клетвата што се вика македонски пасош. Како хомосексуалец кој бизарно е воспитан со инсистирање на децентност (контрадикција), не можам да влезам во лажен брак за документи. Тој свет беше за келнери и дадилки. Јас бев келнер еден месец и кариерата ми заврши со ставање на чинија на под и кажување на безобразна клиентка: ЈАДИ!

Graham McQueen ми стана првиот животен партнер. Нашиот стан во Челси беше возбудлив. Graham немаше брава. Ја клоцаше влезната врата да влезе дома. Беше дизајнер на кондури. Работеше деконструкција на текстил на филм. Покрај него гледав што значи да се снима Sleeps Hollow, Gladiator, Shakespeare in love, Band of brothers…

За да студирам во Лондон, се префрлив од Leicester Universits, од чиста хемија, на квантна хемија во UCL. Визата ми истече. Како трансфер студент, никој не ми провери документи. Зошто тоа и би го направиле? Кој би се сомневал во имиграцискиот статус на момчето во Прада пантолони и совршен англиски?

Graham ја сакаше мојата дрска страна. Мојата превара. Живеев во центар на Лондон, градев енормна кариера во мода паралелно на квантна хемија, бизарно, без да можам да патувам. Менував работи, измислував болести кога требаше да се патува. Доста пати мајка ми имаше излив. Или ми умираа баби. Така го пропуштив и погребот на татко ми. Но имав Вивиен Вествуд џемпери и кариера. Колку чудно тоа изгледа од точката на гледиште што ја дава мојот стан на Партизанска.

Graham престана да работи. Се пропи. Умре како алкохоличар. Го гледав до последно. Работев за Лондонска модна недела (без виза). Трчав во болници. Чекалната на Chelsea &Westminster ми стана секојденвие. Graham умре на 27-ми декември. Јас се вратив на работа на 4-ти јануари. Со еден poker face трениран од години паралелен живот. Погребот беше дури на 17-ти јануари. Станот не можев да го наследам.

Како Југословенските републики и јас решив дека ќе бидам Феникс. Дека и да ме срушат, а ме срушиле и неколку пати после тоа, повторно ќе се реинкарнирам.

Се вратив на Балкан во 2014 година. Во соседна Бугарија. Белград, New York, Los Angeles и Hawaii ми дозволија да поминам 6 години во таа ужасна земја. Погледот од канцелариите на Ralph Lauren.

Во Скопје изгреав на 14-ти јули 2020, во мојот дом. Родниот беше продаден за да се школувам. Дојден со идеја да почнам од нула, по мои правила. Ковидот се обиде да ми ги замрси конците. И за малку, му успеа. Почнав од нула. Од Македонија остварив соработка со култниот Американски ланец на продавници Anthropologie, работам со Liberty, каде што работеле Archibald Knox, William Morris, Aubrey Beardsley.

Мојата марка Nobesse Oblige беше избрана меѓу 40-те што во Париз ќе бидат преместени од саемот за долна облека на саемот за мода.

За првпат во историјата. Македонска марка! ЗАМИСЛЕТЕ!

И, што научив од сево ова, освен како да патувам бизнис, како да трошам пари, како без марама од 500 евра се чувствуавам гол (толку плитко од мене!).

Научив дека бев воспитан за држава што не постои.

На 14 години гледав како мојата иднина пропаѓа. Како Еспланаде и Москва и Pucic Palace и Excelcior  стануваат статуи на Прометеј во гаќи и Ја излези Ѓурѓо. Сепак, гледам дека сум воспитан за една држава што се уште живее во мене и по чии правила ќе играм. И држава во чиј контекст и низ чија призма го гледам апексот на Македонија. Но, по ново. Мисли глобално, делувај локално. Така и јас.

Понекогаш се прашувам што ќе беше ако станев академик. Или ако немав храброст да егзистирам во епицентарот на Лондон како илегален имигрант во Прада. Или ако Graham не ме однесе во Coco de Mer, каде што станав комерцијален директор. Не знам. Можеби ѓаволот пак ќе ме најдеше. Само едно знам. И во најголемите кризи, “у се и у своје кљусе”. Образование, принципи, децентост, искреност се вредности кои не избледуваат без разлика на географска ширина.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *