Сутерен.мк

Игор Пачемски: Ковиде леде, 2 дел – Интензивна

Evictus. Знаев дека некој умрел.

Во делириум, на апарати, имав чувство дека сум во некој средновековен манастир. Енигма, sadness. Монашко кадифе се влече по подот. Откако Мечката уплатила пари, а на шалтерушата четири пати и паднале од раце додека ги броела, нашата бугарска Цеца и рекла – „па, ако не, вратете ги парите, пошто за овој да го погребаме ќе ни треба сандук, иха величина!“ Шалтер версус Медвед! Acute humour failure, од двете страни.

На интензивна се подготвуваат за хемофилтрацијата. Денот почна со диверзантски упад на доктор Зорица: „Пачемски генерацијо, држи се!“

  • Остај ме да умрам мори, не минираш мост!?

Слушам „југулица“. Процесуирам. Капирам југулум дека е врат на латински, го поврзувам со југулар и само прашувам:

  • Низ врат ли ќе ме филтрирате, бре!?

„Да“, одговараат, „бидејќи сте обезен!“

Фала фуксо, крв да сереш. Ок. Доаѓа анестезиолог и низ „вратчето“ ви ставаат цевка во срцето или, тука некаде близу (се ждрига ептен, од тоа цевкиштето)! Всушност, вратот ви е ко на Франкенштајн, а една справа, голема колку врата, која ме потсетува на дивата Плава лагуна од Петтиот елемент, ви ја филтрира крвта преку 30 филтри.

Процедурата трае 24 часа и е најблаго речено, бизарна. Се ладите (буквално), малку халуцинирате – зборував латински со докторите, Емилија Попадиќ во фул елемент – за широкиот ми септум, за неадаптираната ми маска…

  • Ве молам, маската! Ве молам, нарачајте ми нов ручек!

Која будала мисли на јадење додека го испираат како некој Ролинг стоун во швајцарска клиника!?

А притоа, тотално незаинтересиран гледам како луѓе околу мене се интубираат, умираат, се на расклопување како Boxing Helena! Немам срце? Имам, и тоа како! Но не смеете да паничите. Пред мои очи двајца, со значително подобри параметри од моите, завршија на тубус од нервни напади. Еден и „летна“. Evictus.

На цела мака и глад (постојано ми се мота низ глава Антонина Бугарска и она нејзиноно: „Искам салааам, цјал живот с’м дебела и гладна“), препознавам едни очи на мило шумско животно. Боби од 29 – ти! „Брат, катетер да ти стаам?“

  • Не фала брат, дај гуска.

Во дилериумската фаза, врвно достигнување ми беше полнењето на „гуската“ како Крали Марко, до горе! Машала. И такви девет измочав за осум часа!? И пиев вода. И го полудев персоналот. Ем најдебел, ем најпргав вол!

Дојде време за спиење. „Шеф сале“ на дневна беше Ане. Ја сакам! Кули врз неа да градиш! Ноќта го донесе Астрид. Препаметен. Премангуп. Прескопски.

  • Брату, со еден дизи очекуваш да заспијам!?

„Штом го викаш дизи, нема ни со десет.“ Паметен до несвест. Се погледнавме во очи. „Во подрум сме брат, така?“ Во подрум сме. Морфиум во канила и пупунец. Среќна Паца: 24 часа на истата вратна коска лежев.

На хистеричниот од креветот дијагонално од мене во еден момент посакав тубус да му стават, само да го заќутат! „Што ме снајде на 73 години!“ А што да каже таткото на две деца кој почина или јас на 42!? Ќути таму и заблагодари му се на Бога дека имаш пари од тоа струмичките чушки и френки сево ова да го платиш!

Болницата беше преполна со провинциски типови на pater famillias што го третираа персоналот како да е стока! А персоналот барем на интензивна, се ангели. На физио, исто така. Никодин и другар му, којотот Блаже, како две прериски кучиња вртеа по ходниците. Ни го креваа моралот. На скопски или, гостиварски. Никодин или т.н. Вајкодин е мое „ѓубре“ што ублажува болка како да е ми е френд од Badoo! Астрид е „ѕвер“ од Хром! Ане е од провинција. Ги сакам до болка. Ме извадија од сигурна смрт! Chapeau.

Инаку, Струм’ца преживеа, ама после тубус. Мене за чудо, после само два дена на интензивна ме префрлија во апартман – соба. И, ме посетуваа…

На новата локација сум помеѓу Сали од Косово (пола Косово и Конектикат се негови) и Спасе од Струга. Креветите се пополнуваат од прозорецот кон вратата по градација – според богатството. Сали имаше ќерка. И син. Ќерката беше доктор во Америка. Долета да го лечи баби. Баби го подготвуваа како за учество на олимпијади! Баби оксиџени! „Види го овој дебелиов до тебе баби како седи на ивица на кревет, стани баби!“ Го полуде цел персонал. На крај, секси доктор Петар беше повикан и му ја објаснив американската потреба за константно информирање и давање клучни параметри. На Баби му станав неофицијален преведувач, а со чичко Спасе гледавме женски на ТВ – и пошто и двајцата лепотани (едниот личи на орел, другиот на свиња) им се ругавме безмилосно!

Во собата комунициравме строго на српски, строго контролирани од Мајка, са Прокупља, која зборуваше како Зоне Замфирова. Со Сали секој ден имаа натпревар кој го знае подобро Космет: „Знаш ли где је Вича?“, „А ти, знаш ли ко држи посластичару?“ Мајка еднаш по г’з ме плесна. ЈНА…

Дојде време за перисталтика. Прозорецот од четири метра, гледа на паркингот. Спасе и Сали комирани, спијат. Доктор Петар е на смена. „Чувствувате ли нагон?“ навистина, не знам. „Чеп ќе ви дадеме.“

  • Докторе, со кислородов со себе, можам ова да го завршам во тоалетот, така?

„Аааа, никако! Слаб сте уште. Во лопатка.“

  • Докторе, не ви го препорачувам тоа!

„Ајде бе!“ Наместо Ерко болничарот, доаѓа млада сестра. Ерко личи на човек кој има желудник како мојот – шајки може да свари! Но не, тука е кичевчанката. Со тазе маникир. Јас на лопатка е призор сличен на поларна мечка со задникот на пепељара!

Откако ме позиционираа на лопатката, направив еден спектакуларен croquemboushe од измет! Не, всушност гомна беа. Да. Сестричето ќе се онесвестеше кутрото! Речиси, вришти: „Лелееее, колку гнасно има!?“ (А какао, пијана си?)

Конвулзната сестра со копчето за аларм беше заменета, дојде Ерко и најтактично рече: „Брат, што си направил!?“ Ме изми со шмрк, напудри и со пеленка ме легна да го гледам Andre Rieu, кого во нормални услови би го запалил на клада, а во ситуацијава „дебелиов ќе цркне, бидете на готовс“ ми предизвика таква еуфорија, што решив дека за Нова година ќе бидам дома! Ми требаат само пет дена да се приберам! Докторите се насмевнуваат по мустак на мојава одлука – не знаат дека самиот  Diablo им е пациент.

И покрај се, ни еден оброк не пропуштив, а Астрид ме частеше овошна салата и сок. Пелената ептен се погоди – само што не ви кажуваат дека чепот тече 2 – 3 дена! Мочав стоејќи, пред погледот на многуте газдински мерцедеси. „Док палме њишу гране, медвед пиша…“

Соништата ми беа како лоши епизоди на Кошутњак филм… Време беше за фаза три – кидавела!

(продолжува)

( Авторот знае да го реши Шродингер за Јаглерод 6, но одбра да црта гаќи. Горд татко е на 3 мачки и луда папагалка со субмисивен дечко папагал. Лош шеф и сопруг на една измачена бугарска мечка. Многу чкарт педер, кој пие, арчи и се тепа.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us