Сутерен.мк

Исидора Бјелица: Храбро против ракот

Исидора Бјелица е родена во Сараево, каде што ги минува детството и младоста. Благодарение на нејзините дедо и татко (и двајцата познати и признати публицисти), запознава некои од најзвучните имиња во светот на литературата, меѓу коишто и Иво Андриќ и Меша Селимовиќ. Во нивниот дом, нетипично за тогашниот систем, чести гости биле познати светски актери, како Елизабет Тејлор и Ричард Бартон, но и спортисти и шахисти…

На 18 години за својата прва книга ја добива престижната литературна награда за млади писатели, а набргу потоа ја прави својата прва претстава. Студирањето драматургија е логичен избор. Семејството пет години пред војната во БиХ се сели во Белград. Токму во Белград Исидора магистрира филмологија и ја продолжува својата кариера на драматург, писател, филмски режисер, моден креатор, пишува за сите престижни списанија („Плејбој“, „Курир“, „М-магазин“, „Профил“…), во Србија и во неколку наврати прави свои телевизиски емисии… Режирала неколку драмски претстави и еден долгометражен филм насловен како „Дорќол-Менхетн“. Автор е и на повеќе радиоемисии.

Првите вистински вљубувања ѝ се случиле уште во средно училиште. Исидора, како што раскажува таа, била во долга врска со Срѓан Кољевиќ и Драгослав Бокан, потоа со некој шпански тореадор, но и со поп. Нејзината единствена голема љубов заминала во САД за време на нејзините студии во Белград, а барањето на идеалната половина отишло дотаму што безмилосно уништила еден брак.

Овој дел од животната приказна на Бјелица е опишан во нејзиниот роман „Виртуелна курва“. Веќе 28 години е во брак со професорот по драматургија Небојша Пајкиќ (61), кој исто така поради Исидора се развел од својата прва сопруга. Живеат со нивната ќерка, Вила Еванѓелина, и седумнаесетгодишниот син, Лав Григорије. Зборува пет светски јазици.

  • Веќе докажавте дека сте врвен писател, одличен драматург, дека не Ви е непозната ниту филмската режија, дека сте хуманист, важите за дама со уникатен стил, а за многумина сте и женска верзија на еден Жељко Малнар. По застрашувачката дијагноза на рак на јајчниците, покажавте и храброст, борбеност…

– Да ви кажам искрено, кога во животот ќе ви се случи она најлошото, вашата единствена шанса е да бидете колку што е можно подобри и тоа во секој поглед… И со сето тоа да се соочите со стил, хумор и добрина. Сите ние сме смртни и не можеме да избегаме од тоа, но можеме да избегнеме да бидеме зли, лоши и страшливци…

Многу ме нервира кога луѓето под победа подразбираат дека сте успеале да преживеете по секоја цена, како бедник, како очајник, победа е кога ќе станете подобри, кога сте достоинствени и со добрина сте ги победиле сите свои стравови и слабости. Тоа е вистинската победа, а не кога ќе успееш да останеш во живот по некоја страшна дијагноза, а твојата душа е црна, карактерот беден. Тоа не е победа.

  • Во која насока се смени Вашиот живот?

– Во секоја. И духовно и физички. Духовната промена е, пред сѐ, враќањето кон црквата и нејзините свети тајни. Во физичка смисла, откако во Флорида ми е извадена половина утроба, тука се новиот начин на исхрана, нега и поглед на свет. Откако се оперирав во март, јас сум во потрага по лек и одговори. Двапати бев во Флорида, потоа во Индија, Шри Ланка, Италија и на волшебниот остров Егина, каде што се моштите на свети Нектариј Егински. Тоа е светецот кој ги лекува неизлечивите болести и тој за сето ова време ми е светлина во тунелот. За да победите мора да се борите! Значи, не лежев и не лелекав, туку патував, учев и читав.

  • Покрај класичната, се определивте и за алтернативната медицина. Какви Ви се искуствата?

– Јас сум шокирана колку малку знаев околу исхраната и негата и колку сум грешела досега. Во мојата нова книга „Спас“, што ќе излезе есенва, за време на Саемот на книгата во Белград, има и практикум, односно конкретни рецепти и упатства за исхрана, купки, суплементи, клистир, хидротерапија… Сето ова луѓето не треба да го применуваат само ако се болни, туку и превентивно, за да се исчистат од токсините.

  • Дали нешто се смени во Вашето семејство? Како тие реагираа на Вашата болест и на лекувањето?

– Да, се разбира дека се сменија многу работи. Моето семејство денес е похармонично, го цениме секој момент на среќа, во неделите заедно одиме на литургија, а во среда и петок постиме… Ова е многу тешко искуство за сите нас, особено за децата, но мислам дека благодарение на тој ужас научивме повеќе да сакаме и да простуваме, да бидеме подобри и среќни и да живееме поздраво и почисто.

  • Вие многу искрено зборувате за сѐ, па и за болеста. Дали сакате искуствата да ги споделите со другите и на тој начин да помогнете или е тоа некој вид психотерапија?

– Знаете, во Србија постои одреден број на јавни личности кои се соочиле со слични проблеми, но поголемиот број од нив го кријат тоа, затоа што болеста е ужасна стигматизација и луѓето се плашат од ракот како да е лепра. И не само што не стануваат похумани туку се полоши и посурови. Во таа смисла, јас ги разбирам зошто ја кријат болеста. Од друга страна, ако информацијата претставува спас, како да ја премолчите, како да не ја споделите? Мислам дека тоа е моја човечка должност. Ќе продолжам да зборувам!

  • Во една пригода рековте: „Храброста е најважна. Храброста победува сѐ. Таа не зависи ниту од политичките партии ниту од берзата ниту од што било друго. Со одлуката да се биде силен и храбар секој станува подобар и за себе и за околината и за Господ. Секој мора да ја добие битката на свој начин“. Дали во верата најдовте смирување, утеха, смислата на животот?

– Да, јас последниве години полека заборавав на мојот духовен живот и на црквата, а болеста повторно ме врати на тој пат. Секој што размислува барем малку е свесен за нашата конечност овде на Земјата и, навистина, единствената утеха се верата и светите тајни. Мене тоа ми дава мир, сила од една страна, но од друга, сигурна сум дека нашата задача е да го заслужиме вечниот живот, да ја поправиме нашата душа и тоа е тешка борба што секој од нас ја води секој ден одново и одново.

  • „Авато или жената на последниот деспот“ е Вашата најнова книга. Судејќи според критиките, многу е провокативна. Колку тука има реални ликови од јавниот живот?

– Книгата е инспирирана од ликот на нашиот поранешен претседател, но јас досега не го кажав ова. Едноставно, не сакав од тоа да правам јавна сензација. Првпат за вас јавно ќе кажам дека ми е жал што ја напишав таа книга и длабоко се каам поради тоа. Не се одреков јавно од книгата, но интимно да. Таа е моја голема грешка и заблуда!

  • Напишавте повеќе од 60 книги, што е респектабилна бројка, а повеќето од нив се и бестселери. Се плашите ли понекогаш да не се презасити публиката?

– Мојата публика е чудна и секогаш бара повеќе отколку што можам да напишам јас. Кај радоста нема презаситување.

  • Во Вашите романи доминираат женските ликови. Што значи да се биде жена во средина каква што е нашата?

– Тешко е да се биде жена на Балканот. Тешко е во секој поглед, а сепак величествено. Преку многу историски и современи ликови прикажав карактери на жени кои со својата духовна убавина и хероика се идоли за сите нас.

  • Го пропатувавте светот неколкупати. По што се разликува Балканот од другиот дел на планетата?

– Секое катче на Земјата е различно и јас ги сакам сите тие различности. Кога нема да ми се допадне некое место или некоја земја, јас подоцна сфаќам дека проблемот е во мене, а не во земјата… Ние луѓето не сме подготвени на различностите и ги прифаќаме тешко. На Балканот животот е потежок и посуров отколку во многу делови на светот. Но, од друга страна, иако има многу акумулирано зло, ќе најдете и бескрајна добрина и прекрасни луѓе.

  • Имате Ваше училиште за пишување. Дали пишувањето е талент или тоа се учи?

– Ме навредува фактот што некои луѓе не разбираат дека пишувањето е техника што се учи како и секој друг занает. Еве веќе пет генерации во моето училиште ги учам сите што сакаат на професионални техники за пишување драми, сценарија, романи и се гордеам со нив и нивните успеси. Во поплавата од аматерски писатели кои не сфаќаат дека за пишување не се доволни само талентот и желбата, ова моето е, пред сѐ, мисионерска работа.

  • Вашето списание „Вип-трип дипломатик магазин“ се занимава исклучиво со патувања. Што е за Вас патување?

– Покрај љубовта, патувањата за мене се смислата на животот. Ништо на овој суров свет не е толку убаво колку патувањата. Његош кажа дека кој не патува, тој не живее и јас целосно се согласувам со него. Среќна сум што сум живеела така ирационално и барем можам да кажам дека секој ден од мојот живот сум го изживеала докрај. Знаете, тоа е работа на одлука. Кога човек ќе одлучи да биде патник, патиштата се отвораат сами.

  • Што чувствувате кога ќе помислите на Сараево?

– Сентимент, секако. Но, тоа беше толку одамна, како во некој минат живот. Сите мои емоции за родниот град ги ставив во драмата „Сараевчанка во Белград“, што повеќе од десет години ги засмеваше и сараевчаните и неограѓаните… Сѐ уште го сонувам Сараево!

  • Кога е во прашање модата, во едно интервју рековте: „Разубавувањето е снобовска категорија, а пристојниот изглед социјалистичка. Костимот е естетско-уметничка компонента, израз на нашата личност, порака до околината какви сме и во што веруваме“. Значи, да резимираме – дали облеката го прави или не човекот?

– Се разбира дека не го прави, ама многу зборува за човекот. Јас модата секогаш ја набљудувам како начин да се прикаже својата естетичност, да се разубави овој суров живот околу нас. Модата е ескапизам, а шапките – машини за фантазирање. Затоа ги имам повеќе од 180 во мојот гардеробер. Што и да се случува, убаво или лошо, многу подобро ќе биде ако во тој момент изгледаме – ако ништо друго – барем естетично.

  • Кога се зборува за Вас се добива впечаток дека јавноста е поделена: или Ве сакаат или не, но никој не е рамнодушен! Дали тоа Ве растажува или Ве радува?

– Што се однесува до оние што ме сакаат, тоа навистина е љубов што ја грее и полни мојата душа… Во однос на омразата, жал ми е поради неа. Не поради мене, туку поради луѓето, бидејќи омразата е проблем само за оној што мрази, а не за објектот кон кого е насочена. Омразата е голема несреќа за душата на оној што мрази.

Знаете, на чистите сѐ им е чисто… и јас се учам на тоа, никогаш не треба да се мрази човек, туку гревот во него. Многу гревови се и во мене. Секако, ниту една омраза не е без причина, но се трудам тоа да го исправам и да бидам подобра. Повеќе да не давам причини за омраза.

  • Од кога не сте биле во Македонија?

– Бев минатата година кај вас во Македонија. Еве, ќе ви откријам една тајна. Напишав едно многу емотивно сценарио за коешто инспирација ми беше вашиот ангел Тоше. Дојдов во Скопје на преговори околу неговата реализација, но, за жал, преговорите пропаднаа и не се случи ништо! Тоа е приказна за тоа како неговата песна и неговиот лик ги обединуваат душите на луѓето од поранешните југословенски простори. Значи, реална и вистинска приказна.
Инаку, имав прекрасни дружења и средби, имам многу читатели од Македонија кои секогаш ми пишуваат на „Фејсбук“ или на „Твитер“.

  • По сѐ што поминавте, за што сонувате, на што се надевате?

– Мојот живот е сменет од корен. Секоја вечер се надевам на уште еден ден во којшто ќе бидам здрава, а мојата душа полна со љубов и добрина. Се надевам на божјата милост и се молам барем уште извесно време достоинствено да поминам со моите најмили.

Ноне Абрашева Ноциќ
„Теа модерна“, 2013 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us