Сутерен.мк

Кога им се може…

Во врска сум веќе четири години со оженет човек и татко на две деца. Вљубена сум во него, а и тој го тврди истото и вели дека сака да се ожени со мене. Меѓутоа, проблем е што чувствува голема обврска кон сопругата, децата и мисли дека многу ќе ги унесреќи со таквата одлука. Не само нив, туку и своите, а и нејзините родители. Од друга страна, честопати плаче чувствувајќи се виновен и постојано зборува дека многу му е криво што е неправеден кон мене. Тешко ми е да го гледам таков и жал ми е што страда, но сепак – до кога вака?

Колеблива, Скопје

Колеблива дарлинг, едвај ги воздржувам солзите додека ви го пишувам одговоров. Како срце јуначко да не пукне читајќи за ваков хиперемпатичен маж!? Ем, ги жали сопругата и сопствените деца ем, вас ем, родителите ем, сватовите…. Сигурно е многу сензитивен и кон уличните кучиња и мачки! (За бездомниците, ако помислам каков е – ќе се распаднам!) Такви се тие. Им го знам сојот. Згора на се и вие го жалите него. (Да се удави чоек од липање.)

Сиротиот тој, тешко му е ептен! Од една страна топол дом, од друга страна, слободна девојка на која може кога сака и за што сака да и се јави, а спротивно, кога вие ќе го побарате обично, некое од децата има температура, нели!? Децата на женетите љубовници особено, одговорни како вашиов, се страшно болежливи. Најчесто за празници, годишни одмори и вам лично, важни датуми. Ја разбирам јас вљубеноста, страста, слабоста, стравот, очајот, но не го разбирам свесното губење скапоцено време толку долго, од чудесниот, еднократен живот! Што правите вие овие четири години!? Чекате повик.

Изигрувате џокер, утеха после семејните кавги, професионални фрустрации, четворостепена персона во нечиј живот, која го прави сето она што на таа, првостепената и здодеало. Зашто знае со кого си има работа. Верувајте ми, сопругите секогаш, се знаат.

Меѓутоа, тие, како и нивните сопрузи се додека се во комотна позиција, нема да мрднат ни со малото прсте да им ја олеснат позицијата на нивните мажи кои пак, никогаш нема да го напуштат тоа комформистичко гнездо се додека таа не го исфрли од истото.

Значи, вие сте во маѓепсан круг од кој, ако не сте доволно умни, ќе го извлечете подебелиот крај. Всушност, ова е најбаналната приказна од сите баналности што се случиле од дедо Ное па наваму и редовно, се повторува. Во сите епохи.

Така и одговорот: кажете му конечно, да одлучи – или вие или таа! Не попуштајте на разните изговори и барање време! (Сте му дале и премногу од вашиот живот.) Инсистирајте тоа веднаш да се реши. Вистинските мажи, ќе го сторат тоа. Без разлика кого, колку ќе боли. Зашто секако, тоа ќе биде помала бројка на несреќни, кои еден ден и ќе се утешат, а вака, агонијата за сите, продолжува до недоглед.

Доколку пак, не се случи тоа, а вие и понатаму ја игнорирате вашата патетична ситуација ви предлагам и други опции: почнете и вие него да го изневерувате па барем, ќе бидете фифти – фифти. Да се обложиме дека нему и тоа ќе му одговара…

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *