Кикбоксерот Бобан Илиоски и таеквондистката Милијана Рељиќ се добитници на престижното признание „Спортист на годината“, традиционална манифестација во организација на Министерството за Спорт и Сојузот на спортски федерации на Македонија.
Илиоски е број еден македонски спортист во машка конкуренција благодарение на титулата европски првак во кикбокс, додека Рељиќ триумфираше меѓу дамите поради одличниот настап на ОИ во Париз и пласманот во четвртфиналето на олимпискиот турнир.
Кај младите спортисти, признанијата завршија кај кикбоксерот Силвио Мировски и ракометарката Ива Младеновска, најдобри национални тимови се ракометните во двете конкуренции, додека Кирил Лазаров е избран за најдобар тренер.
Најуспешен спортист со инвалидитет е Оливера Наковска-Бикова, признанието за федерација отиде кај таеквондо федерацијата, додека посебни признанија добија ракометните судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.