Колку банките заработуваат само од провизии и надоместоци?

Банките веќе втора година ги доставуваат извештаите за надоместоците што годишно ги плаќа секој клиент. Оваа обврска произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи кој почна да важи од при јануари 2023 година.

Од банките праќаат известувања дека согласно Законот за платежни услуги и платни системи, банката изготвила и овозможила извештаи за вкупно наплатени надоместоци од платежната сметка во денари или во девизи и од кредитните картички, за платежните услуги кои се користеле во текот на 2024 година. Според известувањата, извештаите се достапни без надомест, на шалтерите на банката, или преку профилот на интернет банка.

Од извештаите може да се види дека малку по малку и на крајот на годината се собрала симпатична сума. Сепак, има големи индивидуални разлики, зависно од број на трансакции, дали некој има електронско банкарство, или нема, дали и каква кредитна картичка има. Колку за илустрација, „Слободен печат“ ви претставува еден извештај што покажува дека годишните надоместоци што ги наплатила банката се околу 3.000 денари.

Во извештајот, на годишно ниво има 480 денари за водење на трансакциска сметка, 840 денари за електронско банкарство, потоа за разни видови на плаќања кон други правни лица (на пример, кон фирма за одржување хигиена во згради, плаќање градинка, налози кон УЈП за даночни обврски) 528 денари, членарина за кредитна картичка 840 денари, трансакции преку интернет клиринг 90 денари, за 5 готовински исплати на шалтер на банка се наплатени 250 денари.

.Според извештаите кои се достапни на Македонската берза, минатата година големата банкарска тројка: Комерцијална банка, НЛБ и Стопанска банка од провизии и надоместоци наплатила 106,8 милиони евра, а во 2023 година 99,6 милиони евра.

Поединечно, минатогодишните приходи од надоместоци и провизии на Комерцијална банка бие 39,4 милиони евра, на Стопанска банка 27 милиони, а на НЛБ 40,4 милиони евра.
Банкарите обично објаснуваат дека приходите од провизиите им се зголемуваат со оглед на зголемувањето на обемот на работа, но минатата година дел од банките излегоа со зголемување на цените на некои нивни услуги.

Согласно Законот за платежни услуги и платни системи предвидени се и забрани за одредени надоместоци следејќи ја европската регулатива.

– Согласно европските директиви забранети се надоместоци за неактивни сметки, за затворање на сметки и слично. Како централна банка формиравме и посебна дирекција за заштита на потрошувачите која прави теренски и вонтеренски контроли и постапува по пријави на граѓаните и имаше такви случаи кога е наплаќано за затворање на сметка и банките се соодветно санкционирани – рече гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.

Народната банка изготви и посебна алатка објавена на нивната веб-страница, која им овозможи на граѓаните полесно споредување на цените на најчесто користените платежни услуги, повторно во функција на зголемување на конкуренцијата и информирањето на граѓаните, а исто така имаме подготвено и предлог-закон за финансиски омбудсман.

Граѓаните може да користат платежна сметка со основни функции каде што за целиот пакет се плаќа 40 денари месечно, а ако се работи за социјално ранливи категории, тие не плаќаат никаков надоместок. Овој надоместок вклучува одржување на платежната сметка и дебитната картичка, онлајн користење интернет и мобилна апликација, неограничен број платежни трансакции за уплата или повлекување готовина непосредно на шалтерите во работните простории на банката или штедилницата или преку нејзината мрежа на банкомати, неограничен број платежни трансакции со дебитни картички и извршување минимум пет платежни трансакции со кредитен трансфер, вклучувајќи и траен налог и со директно задолжување со кои се пренесуваат парични средства на други платежни сметки кај истата банка или штедилница.

Платежната сметка со основни функции има слични функции како и „обичната“ платежна сметка, со тоа што на платежната сметка со основни функции не е дозволено пречекорување, односно навлегување во т.н. „минусно салдо“.

Платежната сметка со основни функции не вклучува кредитна картичка, а доколку потрошувачот сака да ја користи, може да склучи одделен договор за неа.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *