Зеландија, голема копнена маса со големина од околу пет милиони квадратни километри, официјално е призната во 2017 година како осми континент, иако 94 отсто од нејзината површина се наоѓа под нивото на морето.
Над површината се издигнуваат само Нов Зеланд и Нова Каледонија. Иако во секојдневниот говор континентот се смета за голема копнена област, геолошката дефиниција е поинаква. За да биде некое подрачје прогласено за континент, мора да биде издигнато во однос на околното морско дно, да има разновидни карпи карактеристични за континенталната кора, значително подебела кора од океанската, и да биде јасно одвоено од соседните континенти. Зеландија ги исполнува сите тие услови.
Најголемиот дел од континентот се наоѓа на длабочина помеѓу еден и два километри, поради што со децении се сметал само за низа острови насред Тихиот Океан, пишува N1 BiH.

Што пронајдоа?
Клучните докази се собрани по речиси 20 години истражување, водено од геологот Ник Мортимер (Nick Mortimer) од новозеландскиот институт GNS Science. Научниците собирале примероци карпи од морското дно, меѓу кои пронашле песочник, варовник, глинец и гранит – карпи карактеристични за континенталната, а не за океанската кора. Некои примероци се стари над 130 милиони години.

Истражувачкиот тим во 2023 година ја завршил и првата целосна геолошка карта на Зеландија. Во тој процес бил откриен древен вулкански појас со површина од околу 250.000 квадратни километри, како и гранитен појас долг околу 4.000 километри што минува низ центарот на континентот. Најврвната точка на континентот се наоѓа во Нов Зеланд.

Зеландија се одвоила од суперконтинентот Гондвана пред приближно 80 милиони години, заедно со Австралија и Антарктикот. За разлика од нив, нејзината кора значително се стенчила за време на одвојувањето, поради што постепено потонала под нивото на морето. Денес нејзината дебелина изнесува помеѓу 10 и 30 километри, додека континенталната кора на повеќето други континенти достигнува околу 40 километри.
Највисоката точка на Зеландија е Аораки, односно Маунт Кук (Mount Cook) во Нов Зеланд, врв на планински венец кој е најголемиот дел скриен под површината на океанот.