Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Изборен карневал

Главната манифестација во Венеција позната како Карневал во Венеција се случува еднаш годишно, а датумот на одржување зависи од католичкиот Великден, бидејќи манифестацијата мора да заврши 40 дена пред големиот христијански празник. Првиот ден од карневалот е резервиран за церемонијалното отворање, а потоа следуваат низа пропратни настани како што се поворката на Марија, чекањето и летот на ангелот и чекањето и летот на орелот. Церемонијата на затворање на Карневалот се случува на плоштадот Свети Марко каде се изведува крунисување на Марија.

Она што е карактеристично за овој карневал, се специфичните маски кои се направени од хартија, гипс, сомот и чипка, а украсени со пердуви и камења. Дизајн кој дополнително создава впечаток на мистериозност. Носењето на маска во Венеција преставувало начин на живот. Соопштување на животниот статус, но и игра на дамите за заведување. Понекогаш и само сокривање на сопственото лице и идентитет. Денес тие се инспирација за секој уметник, иако постојат неколку маски кои традиоционално се присутни на карневалот.

За Карневалот во Венеција навистина може многу да се пишува и секогаш (барем мене) ми преставува задоволство. Но, деновиве повторно се сетив на него, речиси истиот ден кога претседателот на Собранието на Македонија ги распиша изборите за претседател на државата. Веднаш го замислив карневалот што ни следува и иако ние граѓаните официјално не сме поканети, сепак ќе бидеме активно присутни на оваа манифестација. Буквално во наредните два месеци ќе бидеме нападнати од нашите традиционални изборни маски, кои од циклус во циклус се повеќе наликуваат на маските од „Commedia dell’Arte“.

Сосема сум сигурна дека во секој партиски караван ќе има по некој „Arlecchino“ , „Dottore“ или „Pantalone“, но секако најбројни ќе бидат „Columbina“ маските кои сокриваат половина од лицето, што претпоставува дека оној што ја носи треба да го сокрие своето вистинско лице. Адекватна за изборниот театар, која може да биде преставена во едноставна но и раскошна верзија, зависно од носителот на истата.

За да не не заведе некој „Arlecchino“ имаме опција. Можеме да носиме маска позната како „ Чума маска“. Тоа е онаа со долгиот клун, која би требало да не заштити од лажните ветувања или, пак, „Bautta“ која покрај маска содржи и црна наметка со качулка и која совршено го сокрива нашиот идентитет.Особено важно е што со носење на оваа маска се менува и нашиот глас, што пак, е извонредно во случај во случај да сакаме да кажеме нешто гласно, а при тоа да не се најдеме на нечиј список за „одстрел“. Јасно е дека меѓу граѓаните ќе има и такви кои ќе носат „ Moretta“ маски. Тоа се оние маски чиј носител мора да молчи. Веројатно ваквите маски се најпогодни за оние кои се согласуваат со се што се кажува и зборува, а кои служат за декор во изборниот карневал.

Можеби ќе имаме и некое изненадување. Маска што досега не сме ја виделе ниту пак, го знаеме нејзиното име, но сигурна сум дека ќе биде адекватна и ќе одговара на нашиот изборен карневал. Листите за учесници, односно нивните имиња се уште не ги знаеме, бидејќи тие се подготвуваат во некое изборно атеље, чие објавување се очекува да се случи на генералната конвенциска проба.

И така во исчекување на изборниот карневал, кој малку ќе ја промени секојдневната атмосфера, да не речем ќе ни пружи добра забава, ние граѓаните и натаму го живееме нашиот сон да имаме патна исправа. Да се стигне до неа е исто како да се започне најдолгиот маратон кој не знаеш кога ќе заврши, или, пак да се искачиш на највисокиот врв во светот, со надеж дека нема да те затрупа некоја лавина.

Мачниот процес кој требаше да биде сосем едноставен мислевме дека ќе се стави во ред бидејќи сме во изборното предворје (а гласачи треба), но некој заборавил да нарача обрасци, па така станавме единствена земја во светот што по втор пат ја живее короната. Излегување нема. Движење само во кругот на државата. Запознај ја татковината за повеќе да ја сакаш. Така ни велеа едно време. Сега ни наредија да ја практикуваме оваа девиза.

Пред некој ден беше објавено дека МВР склучило нов договор со фирма за телефонско закажување термин. Попусто, сите линии се зафатени. Веројатно ќе “горат“ до изборниот ден. Можеби и потоа за вториот изборен круг, ако има. Во меѓувреме, бидете така. Останете на линија, во изборна програма сте.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *