Сутерен.мк

Момчило Бајагиќ-Бајага: Јавач низ соништата

Момчило Бајагиќ-Бајага е роден на 17 февруари 1960 година во Бјеловар, а целиот свој живот го поминал во Земун. Триесет и седумгодишната музичка кариера, десетиците албуми и илјадниците концерти го зацврстуваат на тронот на балканската рок-сцена. Како сопственик на чудесен баритон, со акустична гитара во рацете, кариерата ја почнува на 14 години со „Рибља чорба“, а нивен член е сè до 1984 година, кога го почнува своето соло-патување низ ноти и стихови, а набргу потоа ги основа и своите „Инструктори“, од коишто не се одделува ни денес.

Напишал хитови за сите времиња, а компонирал и филмска музика. Отсекогаш го следел имиџ на добро момче, а многу мајки го посакувале за свој зет. Уште од средно училиште е со својата сопруга Емилија, со којашто се сретнале во автобус и со којашто има две деца: ќерката Анџела и синот Марко. Насмеаниот чувар на балканскиот рокенрол и најпознатиот белградски рок-романтичар зборува за истрајноста на музичката сцена, за патувањата, за своите почетоци и за семејниот живот. Неговиот албум „Даљина, дим и прашина“ (2012), но и збирката песни „Јавач низ соништа“ издадена истата година, истовремено се и носталгично сеќавање, но и оптимистично гледање кон иднината.

  • Речиси четири децении сте на врвот на балканската музичка сцена. Што гледате кога ќе се завртите наназад?

– Јас ги паметам само убавите работи, па затоа и ги гледам само нив. Многу дружење, пријателства, многу музика, плочи, цедиња, концерти, патувања… Се разбира, никој нормален не може да каже дека сè било супер цело време.

  • Со оглед на тоа дека потекнувате од семејство кое нема допирни точки со музиката, како станавте музичар? Што беше пресудно?

– Почнав да свирам гитара релативно доцна, во осмо одделение, а сè понатаму си дојде само по себе. Кога нешто сакаш, работиш напорно за да го реализираш тоа. Татко ми, кој беше воен пилот, но и мајка ми, која работеше како економист, никогаш не ми бранеле да го работам тоа што го сакам или, да речеме, да пуштам долга коса, што долго време ми беше „заштитен знак“. Свирев на земунскиот кеј како тинејџер, а во тоа време таму се вртеа многу денешни одлични музичари, како Мирослав Тадиќ. Потоа свирев во повеќе аматерски бендови до четврта година гимназија. Тогаш на покана на сега веќе покојниот Рајко Којиќ им се придружив на „Рибља чорба“. Сè понатаму е историја. Моите деца сакаат музика, особено ќерка ми Анџела. Ако некој тргне по моите стапки, тоа ќе биде таа.

  • Во текот на вашата кариера, не бевте интересен ниту за папараците ниту за таблоидите. Како го објаснувате тоа?

– Ние свириме рокенрол и секогаш бегаме подалеку од она што значи естрада. Не дека одбегнуваме нешто или некого, туку едноставно не сме во таа игра. Се трудам да бидам подалеку од јавноста, ако немам што да кажам. Но, приватно не сум воопшто поразличен од она што сум во медиумите. Бајага е истиот и дома и надвор.

  • И покрај тоа што ја газите шестата деценија, изгледате младолико и полн сте со енергија. Како ја одржувате формата?

– Музиката е една убава професија и, ако искрено ја сакате, таа ви ги одржува и телото и духот. Тоа е тајната. Косата ја бојадисувам затоа што сум бел, а не затоа што жалам за младоста. За ништо не би се менувал со некој дваесетгодишник.

  • Имате ли некакво хоби? Умеете ли да се снајдете во домашните обврски?

– Немам хоби, освен што не пропуштам никаков вид уметност, концерти, театарски претстави, филмови, книги… Но, тоа и не е некое специфично хоби. Да бидам искрен, немам време многу да помагам дома и не знам да готвам. А толку би сакал да знам!

  • Се занимавате ли со некој спорт? Песната „Маракана“ е неофицијална химна на „делиите“. Зошто баш „Црвена звезда“?

– Не сум некој особено спортски тип, сакам да пливам и да возам велосипед. Тоа го правам често. Се разбира дека сакам и гледам спорт, но не до некои фанатични граници. Што се однесува до „Црвена звезда“, откако знам за себе сум „звездаш“. Кога ги пишувам песните првенствено ме водат емоциите. Затоа „Маракана“. Би било неискрено и нечесно сега да кажам „навивам само за репрезентација“.

  • На вашиот последен албум очигледна е една по малку носталгична, автобиографска нота, наместо класичниот рок. Вие својот албум го опишавте како „нов белградски, органски оптимизам“. Што подразбирате под ова?

– Целата музика на албумот „Даљина, дим и прашина“ е правена на природни инструменти, акустична гитара, електрична гитара, засилувач… што во денешно време би значело нешто како „музика на дрва“. Оптимизмот се гледа, се чувствува и се слуша на албумот и е една од главните одлики во песните. Не би сакал да биде поинаку.

  • Што ви е потешко, да пишувате текстови или музика?

– Знаете, ако ви оди, тогаш лесно одат и двете работи. Ако не сака да тргне, тогаш тешко се помрднуваат и музиката и текстот.

  • Што слушате приватно, која музика ја сакате?

– Слушам различни жанрови, класична музика, џез и, се разбира, рок. Омилена група до денес ми се „Ролинг стоунс“, а од музичарите Брус Спрингстин. Од новите овдешни бендови ми се допаѓаат „Дубиоза колектив“.

  • Патувате многу кога имате концертни турнеи. Каде Ви било најнеобично, најинтересно?

– Најдалеку сме биле до Велингтон, Нов Зеланд. Значи, да речеме, во близина на Јужниот Пол. Мене ми беше необично во Боцвана, сме одржале концерт и во Алма Ата во Казахстан. Не сме биле уште само во Јужна Америка, а би сакал да одам.
Интересно е што иако сум пропатувал милиони километри, немам возачка дозвола. Возењето едноставно не ме интересира, а уживам да зборувам со моите добри пријатели-таксисти. Возат мојата сопруга Емилија и синот Марко.

  • Често гостувате во земјава. Имате ли пријатели тука, што Ве врзува?

– Тука, кај вас, ми одговараат многу работи. Климата, храната, атмосферата, друштвото… Имам многу пријатели и тоа не само музичари. Особено ме врзува тоа што мојата прва турнеја со „Рибља чорба“, што траеше седум дена, беше низ Македонија. Свиревме во Скопје, Делчево, Охрид, Куманово, Тетово, Струмица… Првата турнеја е најважна за секој музичар и таа некако те обележува, те предодредува. Бев средношколец и излажав дека ќе одам на операција на слепо црево, што не ми е извадено до ден-денес. Кога во медиумите беше објавена фотографија од мене пред хотелот во којшто престојувавме во Скопје, бев блиску до укор во училиштето. Но, директорот ми прости затоа што беше крај на училишната година, а и оценките ми беа солидни. Убави времиња.

  • Вашата песна „Моји су другови“ е неодминлив дел од секој кафеџиски репертоар, а „Пада влада“ омилен рефрен на сите опозициски партии. Како се создадоа овие песни?

– Првата се роди во време кога навистина многу мои пријатели и другари си заминаа од тогашната и сегашната моја земја, поради војни, политички глупости, немири… Јас одев и свирев по дијаспората и гледав што работат, како живеат, далеку од дома. Едноставно, песната излезе од мене. Втората песна е пишувана за филмот „Професионалец“, а текстот е на Душко Ковачевиќ, мој пријател и истовремено омилен писател кој, во случајов, напиша многу добар и секогаш актуелен текст. Многу е смешно што партиите ја сакаат песната само ако се во опозиција. Кога ќе дојдат на власт, повеќе не им се допаѓа, иако ја обожавале дотогаш.

  • Кога повторно би избирале професија, за што би се одлучиле?

– Ни би менувал ништо!

Ноне Абрашева Ноциќ
„Теа модерна“, 2014 година 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us