Сутерен.мк

Надеж

Секоја личност при раѓањето, во небесното огледало е чудесна мешавина на енергии подготвени да заронат во пространството на секојдневието.
Со текот на растењето за жал, улогите кои ни ги наметнува општеството и надворешните околности ќе развијат само некои од единствените потенцијали, а некои ќе ги игнорираат и обесхрабрат.
Сепак, барем во оние формативни години (некои велат, првите три, некои – првите шест), пресудна улога имаат многу мал број на луѓе. Родителите, старателите, пред се.
Зашто, како што наводно рекол Микеланџело: „човечкото битие е како мермерен блок , во кој се наоѓа статуа и се што е потребно е само да се изделка вишокот и да се ослободи личноста“.
Јасно е дека родителите се скулпторите, но не сите раце се доволно вешти да извајаат ремек дело без разлика колку труд, радост и трпение вложуваат во тоа. На крајот на краиштата, и најискусниот мајстор знае да погреши. Дури и да ја скрши целата фигура!
Колку и да го дава најдоброто од себе, најмногу што може, на најубавиот нему познат начин…
Што тогаш!?
Само очајна надеж дека таа скапоцена, неповторлива и восхитувачка креација ќе израсне во позрела личност од нас, која ќе ни прости за своите несовршености, што се по наша вина.
Меѓутоа, за тоа да се случи, потребен и е навремен гранитен постамент од безусловна љубов, присутност и прифаќање…

Бранка Н. Доневска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *