Научници работат на развивање револуционерна вакцина која нуди потенцијално решение за проблемот со високиот холестерол. Иновативната вакцина цели на лошиот холестерол, особено на липопротеините со мала густина (ЛДЛ), познати по тоа што предизвикуваат затнување на артериите и зголемување на ризикот од мозочен удар.
Во истражувањето на научниците од Универзитетот во Ново Мексико и Универзитетот во Калифорнија, вакцината се фокусира на клучен протеин поврзан со ЛДЛ.
– Вакцината се заснова на неинфективна вирусна честичка, само на вирусната обвивка, која може да се користи за развој на вакцини против различни проблеми – објаснува молекуларниот генетичар Брајс Чакеријан.
Со вакцината се предизвикува имунолошки одговор кој го неутрализира вишокот штетен протеин кој не може да се регулира од црниот дроб. Резултатите од тестови на глувци и мајмуни покажале дека вакцината може да го намали лошиот холестерол во крвта до 30 отсто.
Иако примената на вакцината на луѓе сè уште е далеку, научниците се оптимисти за нејзиното потенцијално влијание врз речиси 18 милиони животи кои годишно се губат поради кардиоваскуларни болести.