Долговечноста не мора да вклучува скапи уреди или додатоци во исхраната – клучот е во усвојувањето здрави животни навики. Токму тоа го прават жителите на таканаречените „сини зони“, односно подрачја со голем број стогодишници
Во Европа постојат две познати „сини зони“ – Икарија во Грција и Сардинија во Италија – но и многу други места каде што се негуваат животни навики за кои се верува дека придонесуваат за долговечноста, како што се редовното пешачење, едноставната исхрана и силното чувство на заедништво.
Сакате и самите да го искусите начинот на живот што придонесува за долговечност, но без комплицирани рутини? Во тој случај, можеби ќе ве интересира новата листа на најдобрите европски дестинации за долговечност, изработена од компанијата CV Villas.

Компанијата анализирала речиси 100 дестинации според неколку животни принципи од истражувањето „Power 9“ на Ден Бјутнер за сините зони, а на секоја ѝ доделила оценка за долговечност на скала од 0 до 100, пренесува Euronews.
Меѓу критериумите биле можностите за пешачење, проценети врз основа на висинските разлики на теренот, темпото на живот, мерено според просечниот годишен број работни часови, бројот на ресторани што нудат вегански јадења и винарии по жител, како и чувството на заедништво, проценето според бројот на кафулиња и цркви по жител.
„Од можностите за пешачење до квалитетната храна, чувството на заедништво и генерално побавното темпо на живот на кое многумина од нас не се навикнати, овие дестинации нудат сè што треба да понуди еден добар и релаксирачки одмор“, изјави Хана Маршал, раководителка на маркетингот во компанијата CV Villas.
„Иако Европа има само две официјално признати сини зони, нашето долгогодишно искуство и познавање на дестинациите покажуваат дека многу други места на континентот негуваат сличен начин на живот.“
Најдобрите европски дестинации за долговечност
Дури четири од 20-те најдобро рангирани дестинации се наоѓаат на Малта, вклучувајќи ја и Валета, која го зазема првото место.
Главниот град на Малта се најде на врвот благодарение на поволните услови за пешачење и бројните места за дружење покрај храна, нудејќи „токму таков вид секојдневно движење и урамнотежено темпо на живот што придонесуваат за долговечност“.
На второто место се најде грчкиот остров Паксос. Тој се издвојува по поврзаноста меѓу членовите на локалната заедница, опуштениот начин на живот и поволните услови за пешачење, додека неговата недопрена природа „им овозможува на туристите навистина да го забават темпото и целосно да се опуштат, прифаќајќи го локалниот начин на живот“.
Третото место му припадна на францускиот Сен Тропе, додека четвртото го зазеде малку неочекуваната дестинација – Егер во Унгарија.
Топ 20 европски дестинации за долговечност
1. Валета, Малта
2. Паксос, Грција
3. Сен Тропе, Франција
4. Егер, Унгарија
5. Мдина, Малта
6. Ибица, Шпанија
7. Таормина, Италија
8. Лефкада, Грција
9. Будва, Црна Гора
10. Дингл, Ирска
11. Несебар, Бугарија
12. Бад Ишл, Австрија
13. Пиран, Словенија
14. Олесун, Норвешка
15. Сент Џулијанс, Малта
16. Гозо, Малта
17. Ксамил, Албанија
18. Левоча, Словачка
19. Бордо, Франција
20. Нови Сад, Србија