Сутерен.мк

Нови стипендии од Фондацијата „Трајче Мукаетов“

Фондацијата „Трајче Мукаетов“ тринаесетта година по ред, доделува стипендии на студенти на Фармацевтскиот и Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.

Годинава, доделени се 39 нови стипендии, од кои 19 за студенти на Фармацевтскиот и 20 за студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје. Еднократната парична награда во висина од 1.200 евра во денарска противвредност, која Фондацијата ја доделува единаесет години по ред за првенците на генерациите на двата факултети, годинава им припадна на Тамара Иваноска од Фармацевтскиот факултет (со просек 9,85 – стипендист на Фондацијата „Трајче Мукаетов“) и Ева Палчевска од Медицинскиот Факултет (со просек 9,91).

„Навистина ми е драго што фондацијата ‘Трајче Мукаетов’ и компанијата ‘Алкалоид’ и во вакви специфични услови на функционирање на образовниот процес продолжија со поддршката на талентирани студенти по фармација и медицина. Иако годинава доделувањето на стипендиите се случува во време на пандемија, ние како компанија, одлучни сме да го продолжиме стимулирањето и наградувањето на студентите. Лично се надевам дека бенефициите од Фондацијата за идните фармацевти и доктори по медицина ќе бидат мотив повеќе за испорачување на уште подобри резултати и уште повисоки идни дострели во областа на македонското здравство и фармација“ – изјави г. Живко Мукаетов, Претседател на фондацијата „Трајче Мукаетов“ и генерален директор на компанијата „Алкалоид АД Скопје“.

Почнувајќи од учебната 2007/08 година, Фондацијата стипендира/ше вкупно 539 студенти по фармација и медицина, вклучувајќи ги и новите 39 во учебната 2020/2021. Од нив, 207 студенти по фармација и 195 по медицина се веке дипломирани. Од 2009 година до денес, својата кариера во „Алкалоид“, во одделите на сегментот Фармација ја започнале 87 од стипендираните студенти на Фондацијата, и тоа 80 студенти од Фармацевтскиот факултет и 7 студенти од Медицинскиот факултет.

Стипендијата изнесува 6.500 денари во текот на 12 месеци а заклучно со 30.10.2020 г., преку Фондацијата „Трајче Мукаетов“ исплатен е износ од 99.947.500 денари на стипендистите и првенците на генерацијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *