Сутерен.мк

Ноне Абрашева Ноциќ: Канта тропа у ладна вода!

Епидемија, пандемија, инфодемија. Првите два поими кои последниов месец ни го изгореа џигерот, како што веќе знаете ги предизвикуваат вируси, а третиот, ако не сте знаеле – паразити. Овие „суштества“ кои живеат на сметка на својот домаќин, во конкретниов случај се микроорганзизми специјализирани за производство на лажни вести. Секој професионален новинар знае дека не е убаво да се лаже, оти тоа повлекува и крадење, а може да добиеш и вошки. Што е уште поважно, секој професионален новинар знае и дека лажни вести НЕ ПОСТОЈАТ! Постои вест и постои лага! Постои информација и постои пропаганда! Несреќно искованата кованица „лажна вест“ е чист – како момина солза – пример за оксиморон! Оваа стилска фигура која Шекспир ја искористил до ниво на генијалност, во буквална смисла може да се преведе како – мудра будала. Јас само би додала дека морон си е морон, без разлика на тоа колку е окси. И точка.

Зошто е новинарското паразитство или инфодемијата, многу поопасна од било која друга болест со масовна планетарна распростанетост? Затоа што е најсилна кога најмалку треба. Затоа што окупира територии, мозоци и срца, додека кажеш кекс. Затоа што и пука во чело и ја дотепува на лице место, нашата веќе докусурена, инаку чесна и благородна новинарска професија. Затоа што за инфодемијата нема лек, а што е за право никој не го ни бара. Затоа што лажат, измислуваат, монтираат, манипулираат, сите кои сакаат брзи пари, без мотика. Затоа што тоа го прават и оние кои најмалку смеат – власт, институции, опозиција и мал милион ѓоамити медиуми, кои се нивни продолжени рачиња. Затоа што со обични измислици, хистеријата станува гласна како концерт на „Еј-Си-Ди-Си“, а на таа сцена секој знае се. А, кога секој знае се, тогаш никој ништо не знае!

Ние како еден од најстарите библиски народи „лажните вести“ ги измисливме први и сме основоположници на овој светски феномен. И тотално заслужено и со целосно право котираме највисоко на листата најголеми сили во производство на оксимороника, рамо до рамо со Русија, Романија, Србија, Чешка, и Унгарија. Ишаааааала! Еве на пример, оваа 5 Г -технологија ни ја еба мајката. Толку врапчиња изумреа, толку роеви пчели паднаа мртви, толку развиени земји ја забранија, толку смртоносни зрачења продуцираше, што во наредните сто години никој во Македонија нема да мора да се слика на рентген. Плус генералниот секретар на НАТО, таа жива восочна фигура од Музејот на револуционерната борба, експлицитно си кажа дека нема НАТО без воведување 5Г – технологија. Арно ама додека ги пишувам овие редови, го креваат нашето знаме. Тонч!
Лекови од сите сорти, кинески, западни, индиски астролошки, душевни и духовни, јавно или во отворени и затворени групи фрчат на ангро. Имате вакви постови: братучетка и на моја другарка работи во „ХУ“ институција во Лондон и и рекла задолжително да пие топла вода или чај. Па после летаат совети: пијте ладна вода со сода. Пуштајте фен на топло и дишете на уста. Сунчајте се на ултравиолетова лампа. Јадете лук до повраќање. Гледајте во сонцето 15 минути дневно. Плескајте се редовно…..Имате и инвентивни лагарии како овие: белгиската министерка за здравство забранува секс во тројка (?!), делфините се вратиле во каналите во Венеција, слонови се опијаниле од вино во Индија?… Или небулозни конспирации како овие: американски трупи се истовараат во Европа, биолошки тероризам на дело, Путин и објавува војна Америка…. И така секој ден, 24/7.

Право да Ви кажам, во целата оваа калакурница имате и фејк „лажни вести“, уствари вистински вести што опасно личат на новинарски кромид – арпаџик. За да не биде дека ширам новинарски патки, еве и примерчиња. Го слушам академик, професор, доктор, Жан Митрев, инаку без дилема еден од најдобрите кардиохирурзи во регионов, како дава совети во врска со заштитата од ковид. Таман си помислив „што убаво им текнало на Вчерашни новости да го викнат у емисија“, гледам дека изјавата не е за во вчерашни, туку за во вистински денешни новости. Прајслес! Веднаш потоа неколку попови раководени од еден владика, кој поради здравствени причини не можел да држи литургии во затворено, качени на камион излепен со знамиња со сонцето од Вергина, опкружени со разни црковни жезоли и крстови, извршуваат верски обреди насочени против сотоната на денешното време -корона ѓаволот. Првиот пее, вториот кади темјан, третиот прска света вода од леген, а четвртиот на крај држи говор на кружниот тек во Велес пред НУЛА (и со бројка – 0) присутни верници! И така во неколку паланки во нашиот источен дел од земјата. Фелини а? Епа, Фелини.
И сега чаре за оваа инфодемијава? Нема, разберете се нема, се додека на сите им одговара или пак се додека не почнеме да им удираме клоци, чврги или најдобро чакмаци. Некои земји гледам во последно време употребуваат и долги стапови – метод што во Индија дава неверојатно успешни резултати. До тогаш, до некои подобри времиња, за нас секогаш, секаде и за вечни векови, амин, ќе важи девизата за овој од насловот што се тресе у ладна вода.

(Авторката е новинар во ezp.com.mk. Фото: Андреј Гиновски)

4 thoughts on “Ноне Абрашева Ноциќ: Канта тропа у ладна вода!

  1. Сепак мислам дека она: “Плескајте се редовно” не ќе да е погрешен совет. Сигурен сум дека е една од најдобрите терапии предложени деновиве ?

  2. Знаев дека уште кога спомна лилјаци , забега работата од кардиохирургија накај сајфај…
    Уживав читајќи убав текст од авторка која знае што сака да каже плус има смисла за хумор!
    Колешке, секоја чест! ?

  3. Браво ма Ноне. Ме разнежни со добриов текст а и пошто од наше готр лист си

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us