Сутерен.мк

Ноне Абрашева Ноциќ: Нула

Нулата е број што покажува отсуство на вредност. Значи, нулата е ништо, компир, шипки варени или кур се тресе у ладна вода…. Нулата дури не била ни број до пред 15 столетија, што не значи дека во математиката не е револуционерно откритие. Значи, да резимираме: нулата е цифра без величина, освен во случај кога се опишува човек. Е, тогаш може да биде стварно многу голема!

За триесет години самостојност ние продуциравме многу хомо-нуларици, вклучувајќи го и сегашниот естаблишмент од апсолутни нули. Сега ќе ви раскажам како се станува совршена нула од човек.

Нултото лице е многу интересна појава во општеството затоа што тој е ништо и за ништо не може да се искористи. Можете да го множите, делите, да го ставате под или над дробна црта, да го коренувате, квадрирате, овој ќе си тера по негово, а крајниот резултат секогаш ќе биде нула од човек. Се додека не решите да го надувате. Тогаш нуларицава почнува да расте и станува малку поголема од обичните луѓе.

Не, не, тоа апсолутно не му е доволно, па оваа малку поголема нула, продолжува со растење, при што почнува и неконтролирано да се размножува продуцирајќи мноштво мали нулички кои гравитираат околу него. Кога ќе се напуфа до таму што ќе прерасне – се што значи жива и мртва природа – почнува да лета и да се качува до орловски височини. Арно ама и ова е малку. Нулата уопште не е задоволна со постигнатото. Без никакви шанси да се врати доле на земјата, продолжува да се искачува по вертикала, се до највисоката можна позиција – најблиску до Бога. Тогаш станува најнадуваната нула од човек, со највисока положба во општеството. Е, само на ова место нулата од човек има некоја цел и смисла. Тука си е свој на своето.

Ваквите појави со човечки лик најчесто живеат од избори до избори, некои со помош на Пустец врзуваат по неколку круга, а други бараат избори, ама не се тркаат. За да си го продолжат опстојувањето во заедницата, нулите многу често организираат балови на кои ги покажуваат своите танцувачки способности, бираат партнери со кои ќе добијат потомство, пород, подмладок, кој според досегашните искуства сигурно ќе ги надмине квалитетите на своите родители.

Во тој период кандидатските нули, многу ги сакаат децата, ги почитуваат пензионерите, им продаваат басма на работниците, беседат за морал, правда и благосостојба, убедувајќи ги останатите дека од ништото кое го поседуваат, ќе излезе нешто. Минијатурните нулички со големи амбиции, кои преживуваат од продуктите на метаболизмот на поголемите нули, весело леткаат и голтаат се што ќе им се сервира. Така, овој паразитски метаболички организам се затвора горе, високо над облаците, невидлив и недопирлив за кутрите останати броеви кои едвај живуркаат долу на земјата.

Припадниците на сите вери и нации на кои макар малку им делува земјината гравитација, можат да забележат дека во огромните празни дупки на нулариците, има толку лажги со опашки, колку што има броеви во кинески телефонски именик. Ама џабе. Членовите на ова множество се помалубројни, понемоќни, депресивни, уморни и како што во последно време кажуваат некои нули во своите изјави – крајно разочарани.

Чаре? Надеж? Спас? Има, како и секогаш, ако сакаш да веруваш во невозможното. Здружувањето на позитивните броеви би можело да даде некакво решение. Но, само под услов во тоа множество да нема ниту една НУЛА!

Да појаснам, во составувањето на групите не смее да има ни милимикронска нула, ни позитивна нула, ни преобразена нула, ни покајничка нула, ни образована нула, ни по рамковен нула, ни одлежана нула, ни развластена нула…. затоа што било која нула и понатаму е нула. Не заборавајте, нулите никогаш не можат да се претворат во броеви со вредност! Тие секогаш без исклучок ќе го изместат крајниот резултат на тешко поставената равенка.

Ви се чини тешко? Епа, тешкото не е лесно за играње.

За крај, додека трае дискусијата за реформите во образованието, молам во записникот да влезе и следново: во скалата за оценување да се вметне и нулата. Кецот колку бандера и кецот со постоље, даваат можност за повторување на годината, за класен, поправен или комисиски испит. Сето ова значи и шанса. Кај нулата ова нема и не смее да биде можно.

Да разјасниме и со конкретен пример: нула како конечен резултат на едно владеење, нула како показател за еволутивниот развој на една нација!

(Авторката е новинарка.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *