Сутерен.мк

Од Валандово до Диор

Во 1942 година, на фудбалскиот натпревар меѓу „Македонија“ и „Голаш“, се носеа првите македонски спортски обувки…

На фудбалскиот натпревар меѓу клубовите „Македонија“ и „Голаш“, одигран во Валандово, во 1942 година, се носеа првите македонски спортски обувки. Поконкретно, тимот на „Голаш“ играше во копачките изработени од чиракот во чевларската работилница на Перо Мивков, тогаш шеснаесетгодишен, Глигор Петковски.

„Кај Перо, работеа седум мајстори, но никој од нив не се прифаќаше да ги изработи патиките т.е. копачките, кои ги бараа од ’Голаш’, оти никој немал в рака таква обувка. Јас бев еден од неколкуте чираци, кои го метеа подот и одеа, она што денес се вели, ’по бурек’, а мајсторите не ти дозволуваа ниту да ’помирисаш’ од занаетот, камоли да знаеш нешто повеќе од нив. За среќа, веќе нешто разбирав од чевларството, а на фотографија имав и видено како изгледаат копачки и им предложив да ја прифатиме понудата и јас да ги изработам. Сите ме гледаа запрепастено, не верувајќи и’ на мојата дрскост, но Перо, по неколкудневно двоумење, ми дозволи да се обидам. Така, ги креирав моите први чевли и првите спортски македонски обувки“, раскажува Петковски, денес осумдесет и тригодишен витален господин, кој заради сиромаштијата не го продолжил образованието, па морал да учи занает во тогаш познатата валандовска работилница.

 

Несуден пилот

Првите насоки во чевларството, всушност, ги добил од сопругот на неговата сестра, во Струмица, за потоа да чиракува во родниот град, па повторно назад во Струмица, кај мајстор Петруш Џорлев. По завршувањето на Втората светска војна заминал на отслужување на воениот рок во авијацијата. Покрај тоа што ги поправал војничките обувки, се покажал и како талентиран пилот, па неговите претпоставени му предложиле да остане во војската и да се усовршува за управување со авиони.

„Кога им кажав на родителите од ум се ’извадија’! Мајка ми почна да лелека: ’Ќе падне авионот, ќе те отепа! Немој таа работа, стој на цврстата земја!’ Така што по војската се вратив во Валандово“, без жалење се потсетува Петковски кој, сепак, не останал долго време дома, туку на повик од војничкиот другар, со кој заедно ги крпеле „цокулите“, заминал за Нови Сад, да работи во неговиот дуќан. Таму, во 1952 година, го полагал и мајсторскиот испит.

 

„Што да ви кажувам!? Тогаш, мајсторските испити, главно, се состоеја од прашања за десантот на Дрвар, за битки, политички водачи, а најмалку за занаетот. Бидејќи бев вклучен во разни тогашни ’сојузи за општо добро на народот’, испитот го поминав од прва и со високи оценки, и станав најмлад висококвалификуван мајстор на Југословенската занаетчиска комора“, со насмевка вели нашиот соговорник, додавајќи дека потоа се’ веќе било многу полесно. Наредната година отворил сопствен дуќан „Елегант“, со петмина вработени, по кој и денес го паметат не само валандовчани, туку и старите мајстори од цела земја. Бизнисот му одел добро, но во 1959 година била отворена фабриката за чевли „Водно“ (која подоцна прераснува во „Газела“) и на покана на фабричкото раководство да се вработи кај нив како моделар, дошол во Скопје.

„Арно ама, за моделар треба школо! Ме испратија во Загреб на дообразување и по враќањето почна мојата ’кариера’ во индустријата која, пак, набрзо беше и прекината заради непринципиелност!“, тврди Петковски, кој во 1962 година со многу врева ја напуштил „Водно“, затоа што раководителите не го испочитувале договореното. Имено, се донела одлука колку пара чевли од моделот кој ќе се усвои ќе се продадат, толку динари ќе добие моделарот. Нему му успеало за две-три години од неговите креации во Чешка да се извезат дури 530.000 чифта обувки, што значело дека и толку динари требало да му исплатат.

„Со тие пари можев да купам едно ’фиќо’, но им се видоа многу и, преку ноќ, ја сменија одлуката. Лут, истиот ден, дадов отказ и по кусо време заминав кај братучед ми во Париз, кој работеше како шнајдер кај модниот дизајнер Диор. Тој ме понуди во познатата куќа и тие ме примија, но на проба на три месеци. По тој период ме вработија и станав многу баран кај париските госпоѓи, особено кај оние кои имаа различни проблеми со стапалата. Така, станав и ортопед“. Меѓутоа, на соговорникот на „Глобус“ не му се допаднало премногу во светската престолнина на модата и по нецела година повторно се вратил во Валандово, но веќе наредниот ден дошла покана за вработување од ортопедскиот завод „Славеј“. Повторно во Скопје, но овој пат, како што самиот коментира, со една многу почувствителна категорија клиенти.

Трогателни судбини

„Не можам да заборавам една преубава девојка, кога ја прашав какви чевли сака да и’ направам. Не можеше да се изначуди дека и таа, со хендикеп, може да избере модел. Во ’Славеј’ не се исполнуваа желби, земаш она што ти го нудат. Донесе една ’Бурда’ и за петнаесеттина дена и’ беа готови сандалите. Плачеше од радост кога ги облекуваше. Не бев јас за такви трогателни ситуации“, растажено заклучува Петковски, кај кого дома дошол тогашниот генерален директор на „Газела“, Узеир, со молба да се врати во фабриката. Се’ до пензионирањето тој останал на исто работно место, моделар-креатор на чевли. Во текот на работниот век освоил многу награди и признанија, обучил стотици моделари, за денес, во домашната мала работилница во скопската населба Ченто, се’ уште да подработува, како хоби, создавајќи обувки, само за свој мерак.

„Одвреме-навреме ќе дојде некој за совет, од љубопитство, но младиот свет повеќе е заинтересиран за, како што велите, ’трендовски’ професии кои, пак, според мене, и не се премногу перспективни. Новите технологии и нашата немарност ги уништуваат старите занаети. Оваа работа не е ни лесна. За креација на едни чевли не може да се определи време, бидејќи тоа зависи од фантазијата на креаторот. Колку моделот е поекстравагантен, толку е посложен за изработување. Мноштво ситни парчиња, кои треба пропорционално да се состават, а притоа да се задоволат и одредени стандарди на функционалност, флексибилност и естетика. Тука има и талент, и геометрија, и математика, и инспирација…“, истакнува искусниот занаетчија и со жалење вели дека сега се’ се работи по шнитови, набрзина, без љубов, а и без одговорност.

„Сите сакаат брзо да заработат. Не се цени знаењето, туку колку ќе излажеш, кого познаваш. Се’ е алаш-вериш! Фабриките за чевли се’ уништија, од лични, алчни побуди, а повеќето од малите кои се отворија работат со неквалитетни материјали и неквалификувани работници. Буквално, ’штанцаат‘ чевли! Освен тоа, се увезуваат евтини и лоши обувки, со што се уништуваат стапалата на цели генерации. Чевелот треба да дава удобност и леснотија кога ќе се обуе, а не само да се гледа на цената и на модерниот изглед. Во спротивно, страдаат стапалата, ’рбетот, грбот, целото тело“, заклучува, на крајот од нашиот разговор, Глигор Петковски.

Увозот од Кина не сотре!

Сопственикот на мини фабриката за чевли „Екосе“, Кенан Бајрами, кој често пати ги користи советите на Петковски, вели дека чевларството во Македонија се’ повеќе го губи значењето. Најмногу, тврди тој, поради тоа што по затворањето на големите фабрики не произлегоа нови, помали како што, на пример, тоа се случи со „Чик“ од Куманово.

„ Нема веќе мајстори на овој занает, а нема ниту производство на репроматеријали. Нашите чевли се од квалитетни суровини, исклучително увезени, внимателно и рачно изработени, но тоа чини пари. Не можеме да се натпреваруваме со неконтролираниот наплив на кинеска стока, која е евтина, која не’ сотре! Сите ја гледаат цената. Десеттина години ние сме во оваа бранша и станува се’ потешко да се опстане. Нема кадар, нема воспоставени критериуми, нема мотивација… Дури и моите деца немаат интерес да продолжат со овој бизнис, иако лично сметам дека ова може да биде доходовна гранка, со перспектива, со можност за вработување на многу луѓе“, заклучува Бајрами.

Од стотина мали фабрики, не останаа ни пола!

Еден од познавачите на состојбите во македонската чевларска индустрија е и Филип Шулевски, сопственик на фирмата „25 мај“ кој повеќе од деценија ги снабдува малите семејни фабрики со калапи за чевли од познатиот светски бренд „Копитарна-Севница“ од Словенија. Како што тврди тој, во изработката на обувките најважна улога има моделарот.

„Од тука тргнува се’! Од неговата идеја за чевелот, од неговиот прототип. Без вистински мајстор, моделар-креатор, нема добар производ. За жал, кај нас се’ поретко некој се обучува за оваа вештина, а и тоа се прави набрзина, без вистинска едукација. Растурањето на гигантите како ’Годел‘, ’Газела‘, ’Чик‘, а не отворање нови фабрики, големиот увоз на евтина стока, намалената куповна моќ на граѓаните, доведоа до тоа од стотина мали приватни фабрики денес едвај половина да работат. Па, и тие што, како така, функционираат, повеќето работат лон-систем“, вели Шулевски, додавајќи дека се’ се увезува, дури и калапите од едноставна причина што изгледа не умееме да ги негуваме професиите, кои практично секогаш се потребни.

Бранка Д. Најдовска

„Глобус“, 2008 година

 

 

                                                                              

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us