Сутерен.мк

Отец Пимен: Кучињата лајат

Немаше кој не ја знае во градот. Ја знаеја и по селата. И старо и младо и машко и женско. Од љубомора и за да си ги зачуваат момчињата ја знаеја младите жени, а старите од што се плашеја за синовите да не загазат со неа. Мажите од меракот што и го имаа. Дедовците кога ќе ја видеа на Господа се лутеа што првин силата им ја земал, а после меракот. Децата пак, ја знаеја од кавгите на родителите кога мајките меракот по нејзе на татковците низ нос им го вадеја.

А убава беше пустата. Одржана, дотерана, стално набелена и нацрвена на лице. Затоа и ја викаа Бела Митра.

Животот беше суров кон неа. Поточно суров беше маж и, кој само што ја ожени замина Америка на печалба и ни ал, ни абер прати веќе. Нити пиша, нит писмо нит пари прати, нити пак се врати. Ја остави неа и болната му мајка, сами да се снаоѓаат. Мајка му од с’клет по него ја прости Господ на годината.

Митра си ја почува честа уште малку време дур имаше пари за живот од нивчето што го продаде за да ја погреба свекрвата и да преживее уште некој месец. Потоа мораше да се снаоѓа. И така почна да прибира мажи за пари.

Обично касно навечер или рано пред зори и доаѓаа посетителите за да не ги види некој од комшиите. До душа, нејзе баш и беше гајле кое време ќе поминат оти муабетот секако и беше пуштен, ама мажите се плашеа да не ги поткаже некој дома, па врагот да се чуди како ќе се правдаат. Измислуваа кутрите дека од касно ќе одат на дрва за да не ги фати омарнината на пладне, дека мораат пред зори да тргнат на пазар за робата свежа да е… А кога ќе се вратеа од на пазар кусокот пари што им фалеа го правдаа со тоа што се жалеа дека лош бил пазарот тој ден и дека секогаш домашниот есап на пазар не излегувал.

Потоа дел од парите ќе се појавеа кога Митра ќе одеше кај терзијата за нов фустан или кај кондураџијата за чевли. Некогаш фустаните и чевлите самите мајстори ги компензираа со ноќни посети. Тие што одеа на пазар до Битола знаеја да се платат и со драм белило или ока црвенило.

Не пребираше многу муштерии. Битно беше да имаат со што да платат за меракот што си го истерале. И навистина меракот од лицата на сите им се читаше кога в зори крадешкум портата ја затвораа со крајна внимателност да не тропне или крцне, па да не ја разбудат комшивката која често знаеше да ѕирне и потоа да продаде за ситна пара информација дали некој бил кај Митра кога ќе ја распрашуваа невестите.

Меѓу сите беше и Димко. Младо и здраво дрварче од горните села. Неженето. Е тој пак и беше меракот на Митра. Доаѓаше често чим се изгасеше и последниот фенер во маалото. По договор ќе се шмугнеше низ вратата на прсти и откако ќе си се израдуваа еден на друг ќе потрчаа кон постелата. Со ќеиф остануваа гушнати во неа додека не залаат кучињата по пазарџиите кои рано в зори со магарињата и коњите се упатуваа кон пазарот за да ја наредат робата. Тогаш Димко ќе се сецнеше и ќе се вратеше во реалноста од љубовниот занес. Ќе се исправеше на газ и ќе почнеше да напипува низ темнината за да ја пронајде негде зафрлената кошула за да се облече. Митра ќе ги протегнеше рацете, ќе му се обесеше на вратот и ќе го потегнеше назад в постела шепотејќи:

-Каде бре пиле? Лежи тука, рано е…

-Како рано, пазарџиве тргна кон пазар. Не ги слушаш кучината како лајат?- се објаснуваше Димко.

Освен што и беше мерак, Митра покрај него чувствуваше и некоја сигурност. Потсвесно сакаше намерно да го закаснува на излегување за да го видат, да го зборат, па да не може да се ожени и да го изгуби. Затоа измислуваше приказни за пазарџиите како од вечер ја редат робата, па пак се прибираат дома да се наспијат или пак за дрварската традиција од вечер да се оди в планина.

-Овие градскиве пазарџии нопачни са. Сега вечерва ќе одат в пазар ќе наредат тезгите и одма дома бегат да са наспијат до сабајле. На са поарни ни дрвариве. Тие дека подалеку им е планината касно на вечер тргват. Рано е за бегање. Наспи се ти до мене. Нели ти е жал да ма остаеш уште од вечер? Земи бре раскрши ова снагава изгорев по тебе.- ќе го убедеше Митра и ќе го вратеше в постела на обострано задоволство.

И уште недоизмилувани ќе се огласеа петлите зора да најават и Димко пак ко попарен ќе изрипаше.

-Е сега стварно морам да бегам. И петливе запеја. Зора са зорит. Ќе на обденит. Ќе ма познат на излегвење, ќе ма прикажват низ село.

-Оган да го изгорит овај комшијава од кај го довлечка ова петлиштево лажовно. Не знет кога пеет. Секоја вечер ма разбудвит во ниедно време. Сон немам од него. Не бери гајле. Спиј. Изгали ме бре за сите пари. Ако не ти е жал за мене, барем за парите нека ти е жал. Ами ѕирни низ пенџере да видиш дека мамит петелот, дека уште време имат до зори. Ај шо та гледам будала.- продолжуваше Бела Митра љубејќи му го вратот и навалувајќи ја главата на неговите гради.

Наивниот Димко ќе се стопеше повторно од милина во нејзината прегратка и ќе се прададеше на меракот ризикувајќи да го раздени на излегување. И веруваше и никогаш не одеше до пенџерето за да провери, нити погледнуваше на џебниот часовник да види колку е саат. А и да сакаше не можеше да погледне во часовникот, бидејќи тој одамна беше заложен кај саатчијата за да има Калеш Димко пари да ја посетува Митра.

(Авторот е митрополит на Европската епархија на МПЦ-ОА. Попознат, како отец Пимен. Роден, одамна во Ресен. Од ‘97 година во Водочки манастир. Живее во кола.)

п.с.

Народната песна

Кучињата лајат

Кучињата лајат
пазарџии идат
пуштај ме Бела Митро да сјодам.

Тие кучиња од вечер лајат.
приседи калеш Димчо до мене,
прикрши рамна снага Митрина.

Петлите пејат
зора са зорит
пуштај ме бела Митро да сјодам.

Тие са петли,
петли лажовни.
приседи калеш Димчо до мене,
прикрши рамна снага Митрина.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *