Сутерен.мк

Отец Пимен: Марие млада невесто

Ја посвршија Марија со стројници. Не се ни знаеја со момчето. А и како да се знаат – таа од Новаци, а тој ресенчанец. Дојдоа сватовите, ја побараа, си фрлија младите по еден поглед усрамен преку маса и со еден збор ја договорија, ама што е за право и си се бендисаа. Убави и двајцата.

Таа црна, тркалесто – образна, веѓите ко пијавици, а очите да те испијат со поглед и едно усте ко кутивче, а тој висок, здрав дури црвен во обравчињата и од работа широк во рамената. Договорија и свадба и набрзо дојдоа и си ја зедоа ресенчани. Само што стигнаа во Ресен право в црква отидоа да се венчаат. Тоа и беше и прво стапнување во Ресен. А црквата нова, тазе осветена блескаше со својата убавина однадвор така издигната на првото ридче над стариот дел на градот. Не беше видела таква црква, па со тоа беше уште посреќна што е христијанка.

Стариот и веќе дооден поп ги пречека на западната врата под камбаната и влечејќи ги нозете како да му се дрвени ја викна “Достојно јест”, ја размафта кадилницата и ги довлечка зад себе до олтарот за да ги прстенува. Црквата замириса на темјан, а попчето иако старо и доодено имаше ангелски глас. Марија имаше чувство дека и иконите од милината на гласот се насмевнуваат.

Кога на “Исаие ликуј” ги поведе трипати да кружат околу Евангелието, свекрвата почна да фрла преку нивните глави пченица за да се плодни, по некое шеќерче за да се благи, а децата се растрчаа низ црквата за да ги соберат шеќерчињата. Сите беа среќни и весели.
-“Чувај тро пчејнца свекрво и за надвор ко ќе излезат, ем пилината да к’снат, ем ние помалку да метиме”- на шега рече попчето, па им ги симна венците и откако сите им честитаа ги изведе надвор.
Свекрвата го послуша попот и се што беше останало од пченицата, на три четири пати го дофрли преку нивните глави. Едно зрно и влезе во око на невестата, ама од толку што беше среќна и возбудена не ни реагираше, туку само трепна два три пати и продожија.

Во тоа време пред црквата поминуваше локалниот бег Селим. И во исто време кога пченичното зрно и влезе на Марија во окото, на Селима Марија му влезе во очи. Море и во срце. Многу ја бендиса. Ја гледаше цело време од излегувањето од црква, па се до маалската чешма кај Доча.

Поминаа неколку недели од свадбата. Селим цело време демек случајно поминуваше покрај нивната куќа со надеж дека ќе ја види низ дворот, а ако испадне прилика и да ја помуабети. Не се плашеше од никого, та градот под негова власт беше. И чека и дочека Селим.

Кога еден ден Марија тргна со стомните на вода, Селим ја виде уште од далеку. Го збодна коњот и веднаш ја стигна. Ги затегна уздите и му викна на коњот:
-Дур бре стопанката- доволно гласно за да го привлече вниманието на младата невеста.
Марија застана како стаписана и полека го сврти погледот кон него, а стомните затропаа во нејзините раце од што се стресе од страв.
-Ај, мераба невесто! Не та знам. Ти џанам нова си во градов. Некни свадба превте, а?- ја поздрави и запраша бегот.
-Да ти се многу години бегу. Да нова сум тука. Скоро месец за некој ден. Од битолско сум зато не ме знајш – преплашено одговараше таа.
-Знам, знам. Са разопитав. Знам и дека Марија са викаш. Ти го знам и момчето. Добро дете, вредно, ама сиромавче. Ќе трпите за леб со него. Инаку јас сум Селим бегот ресенски – продолжи бегот.
-Сполај Му на Господа бегу и за ова шо го имаме. Ќе дојдат и поубај времиња белким. Само здравје и љубов да си имаме, другото јаваш, јаваш- продолжи Марија.
-Ти си знеш. Туку и ова да знеш ти за појќе си. Размисли – рече Селим и го збодна коњот оставајќи само прашина зад него.

Не ја оставаше раат уште неколку недели. Страдна беше да оди на вода. Се ќе ја пресретнеше, ќе ја поздравеше и ќе продолжеше. Тој ден како и вообичаено пак ја сретна. Овој пат се симна од коњот. Го извади црвениот фес и го залепи на левата страна од градите како да сакаше да каже дека зборува од срце.
-Селам ти чинам Марие млада невесто – рече бегот и ја навали главата во знак на почит и продолжи:

– Еднаш ти реков и пак ќе ти речам. Не си ти за него. Не дека не е личен, не дека не е вреден, ама многу е сиромав. Види са и ти како са мачиш секој ден со стомниве на вода да ојш, па наланите ги искина.
-Ако бре бегу, кешќи само то да е маката. Ќе дајт Господ други ќе купиме – одговори Марија и се обиде да го продолжи патот.
-Остај ти Господ шо ќе дајт, јас можам да дадам и налани и жолти жолтици купој. Да сејш само на чардакот да ги броеш, да ги нижиш и на вратот , на грлото да ги редиш. Сите твој ќе са. Ама ела кај мене потурчи са. Други вода ќе ти носат, други ќе ти перат и ќе ти готват. Ајде Маре размисли – ја изложи својата намера бегот.

Марија беше затечена од непристојниот предлог. Не и се веруваше што и предложи бегот. Толку се усрами што не можеше ни да го погледне во очи бегот. За секунда милион слики и се извртеа низ глава. Те како ја граби бегот од двор, те како момчето и го убиваат дека скокнал со вилата да ја брани, те како мајка и и татко и од срам се откажале од неа што се потурчила, те како седи на чардакот и јаде тулумби додека ги брои златниците, те како се милува со свилената турска анамска облека, те како гледа замаглено преку фереџето во конецот додека ги нижи алтаните, те го слушаше потскокнувањето на алтаните на нејзиниот врат како се меша со тропањето на новите налани додека оди по чардакот…
Подигна глава срамежливо и му одговори на бегот:
-Сполај ти бегу. Поарно посиромашко ама со љубов да си живеам сакам.

Бегот се збуни од неочекуваниот одговор. Си помисли дека малку понудил, па видно возбуден го накачи влогот во убедувањето.
-Маре, ако сакаш ќе бегаме од ова Ресенов. Од Едрене ми е семката. По Султан Селим џамијата и имево ми го дале. Ќе ти ја подарам цела џамија, само кандисај. Голем е Алах, можит еден ден и султан да са сторам. Тогај Стамбол и Света Софија ќе ти ја дам. Нека пукат душмани.

Овој пат Марија уште повеќе падна во искушение. Ги замислуваше двете џамии, која од која поголема, оти не беше ги била видела. Се гледаше како прва анама на султанот како сите трчаат по неа, како се облекува секој ден во три рала фустани, како сите и прават темане и како што и да погледне, некој веднаш со скок во раце ќе и го даде. Се замислуваше дека има се на светот. Готова беше и да кандиса, ако не и се појавеше последната слика пред очи.

Пред да гукне да, пред очи и излезе иконата на Христос од новата ресенска црква која ја виде на венчавката. Ја виде пред себе како што ја виде на венчавката кога и се причини дека се поднасмевнува од милината на пеењето, а потоа за миг Христос се нажали и просолзи за неа. Одлучно дигна глава и со солзи во очите проговори:
-Проштевај бегу, не можам Селим, не можам. Пуста да ти е Селим џамија во Едрене, пуста да остани и Света Софија. Си ја сакам верата. За неа цена не гледам. И да ме грабиш никогаш нема да те засакам. Ако сакаш и уби ме, поблиску до Господ ќе сум. Поарно ми е посиромашки со Ристоса и Богоројца, отколку без нив Стамбол да сум и цел свет да го имам. Да си дочекам со нив сакам Веливден, да си одам секоја недела в црква оти секоја недела за нас е Веливден. Пак ќе речам проштевај, ама не можам од верата да се откажам. Ево глава веднам пред тебе, а ти ако сакаш прејчи ја и на кучината фрли ја – рече Марија и клекна на колена пред бегот осенувајќи се со крстниот знак, мислејќи дека тоа ќе и биде последното крстење во нејзиниот живот и ги затвори очите.

Селим нит прозборе, нит се фати за јатаганот. Го стави фесот на глава, в час скокна на коњот и бесно викна:
-Диииии- и се изгуби во далечината.
Марија остана уште некое време клекната благодарејќи Му на Бога што остана жива, но уште повеќе што не падна на искушенијата од примамливите понуди. Потоа стана и потрча кон црквата. Со саати остана пред Христовата икона молејќи се и благодарејќи. Солзите што се лееја што од страв, што од срам, што од радост веќе направија цело вирче пред нејзините колена. Потоа претпазливо се упати кон дома. Немаше ниту сила, ниту воља да објаснува низ што помина.

После неколку месеци отвори душа и раскажа.
Следното утро градот мирисаше на чад. Се расчу глас низ градот дека изгореле многу ниви со жито ноќта, а по неколку недели и дека наместо Селима ќе доаѓал некој друг бег во градот.

(Авторот е митрополит на Европската епархија на МПЦ-ОА. Попознат, како отец Пимен. Роден, одамна во Ресен. Од ‘97 година во Водочки манастир. Живее во кола.)

п.с.

Народната песна

Марие млада невесто

Марие млада невесто
елај се Маре потурчи.
на висок чардак да седиш,
жолти жолтици да нижиш,
на бело грло да носиш.

Подарок ќе ти подарам
Едрене Султам Селим џамија,
Цариград Света Софија.

Пуста ти била Селим џамија,
пуста ти била Света Софија.
Јас си ја сакам верата
нашата вера убава
сека недела Велигден.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *