Сутерен.мк

Откажано семејство

Мојот син е оженет по втор пат и има две деца со новата сопруга. Од претходниот брак има едно дете кое не го посетува, за кое не плаќа алиментација и со кое не комуницира откако е преженет.

Тоа е така зашто втората жена не му дозволува, а не ни дозволува ни нам, како баба и дедо да се гледаме со внукот. Се обидов да разговарам со неа, но нејзиното оправдување е дека син ми, доколку се гледа со поранешната сопруга заради детето би можел повторно да и се врати и да ја остави неа, сегашната снаа.

Не знам што да правам и како да се поставам?

Пензионерка

Пензионерка дарлинг, со ова ваше обраќање ме враќате во реалноста, а таман помислив дека сме се искултивирале и веќе исчезнале ваквите детинарии.

Немаме проблем да донесуваме радикални одлуки, но очигледно, не успеваме да се справиме и со последиците од истите. Сте успеале да станете сопруга, мајка, баба па дури и пензионерка, а сепак, некое си девојчиште, кое очигледно, само барало сигурен покрив над главата, а не и љубов, почит и зедништво, партнерско егзистирање ви го испретумбала односно го контролира вашиот живот!

Експертите веројатно, ќе најдат оправдување за ваквата ситуација, но за жал, јас не можам да покажам никаква емпатија во случајов. Каков е тој татко кој не сака да си го види своето дете!? Какви се тие баба и дедо што на најмала препрека се откажуваат од своите внуци!? Каква е таа жена, снаа, шо и да е, што забранува некому да комуницира со неговото дете и плус сте прифатиле, токму таква, да биде мајка на вашите други внуци!? Каков е тој маж што сето ова го одобрил и на истото се согласува и понатаму!?

Не ги заслужувате ниту вашата бивша снаа, ниту бившиот ви внук. Сигурно ќе бидат помирни доколку ги оставите сосема на раат. Да претпоставиме и тоа дека сегашната жена на синот би го променила ставот и комуникацијата меѓу двете семејства би се поправила.

Меѓутоа, простувањето и заборавањето се две различни нешта.

Таа болка што сте ја нанеле потклекнувајќи на безмилосните каприци на одредена персона не верувам дека некогаш би исчезнала. За жал, овие ситуации се многу почести отколку што претпоставуваме.

Тоа доцнење со созревањето, тоа повлекување пред искушенијата, тоа негување на нашата лажна слика за пред светот, тоа немање чувство за солидарност, некој мора да го плати. Најчесто, најневините. А сите ние како возрасни, не сме ништо друго, туку само последица на нашите искуства од детството…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *