Сутерен.мк

Прекорот на мажените!

Имам 28 години, старт на многу успешна кариера, мислам и дека пристојно изгледам, но сум сама. Во смисла – живеам во сопствен стан, ама без партнер. Имам добри пријатели, ама изгледа тоа не им е доволно на моите родители и роднини. Особено, прекорите доаѓаат после некои семејни веселби.

Петра, Скопје

Петра дарлинг, имав јас една баба Петра која пред седумдесеттина години, на сред Скопје, се пораѓала во штала, оти тоа било нешто срамно, а ќерките и синовите ги квалификуваше и мажеше според мислењето на нејзиниот свекор. Сакам да кажам, ако до пред пет децении жени ни се пораѓале по плевни како да им објасните на тие шталски мајки дека нивните ќерки сакаат поинаква биографија!? Тешко.

Живеењето сам, во сопствен простор е нешто прекрасно и треба секој да го искуси тоа! (Вие сте една од среќните зашто повеќето виреат со родителите сосе своите, новоформирани семејства.)

Така се запознавате себе си и се подготвувате за идните искушенија. Што ќе рече, да не правите хистерични драмолетки секогаш кога ќе ги изгубите клучевите од дома…

Е сега, факт е дека во еден момент на семејните веселби двојките наеднаш (како договорени!?) се свртуваат еден кон друг и разговараат меѓу себе, а оние што се сингл немаат кому да му се обратат, па гледаат онака „бело“ над главите на останатите.

Меѓутоа, тоа е проблем на нашата недоделкана култура, а не на самците: сите се нешто многу „светски“, а не знаат да организираат распоред на столици на обична свадба!

Вие сте топ. Уживајте во самотијата и ич да не ви е гајле. Ќе се случи и сопруг, партнер, а можеби и деца и ќе копнеете за овие денови на „жигосаност“.

За секого велат, таму надвор има по една сродна душа. Јас би рекла, можеби и две, па и повеќе…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *