Сутерен.мк

Силуваат деца и поминуваат неказнето

Во Тирана вечерва се одржа мирен протест по мотото „Стоп на молкот” во знак на осуда на насилството врз жените и девојчињата, откако деновиве косовските медиуми објавија дека во Приштина е силувано 11-годишно девојче, од пет мажи, од кои тројца малолетни.

На плоштадот „Мајка Тереза“ се собраа стотици граѓани, главно жени и девојчиња, меѓу нив и познати имиња од областа на музиката и уметноста, како Фифи, Беатрикс Рамосај, Афрдита Дрешај, Моника Љубоња и Еви Речи, кои носеа маички со натпис „Кој има ќерка, го има светот“.

Присутните обвинија дека правдата не се задоволува, кога станува збор за овој вид насилство, посочувајќи примери во Албанија.
Колку од сторителите се казнети, го имаме случајот со Каваја, каде што насилниците беа ослободени од затвор. Го имаме случајот со Решен, за кој не знаеме што се случи со сторителите, рече активистката Џени Карај.

Со скандирањата „Јас викав нееее“ и транспаренти со истите зборови, како и „Сакам да излезам во парк без страв“ и други, тие мирно протестираа, барајќи насилниците да бидат максимално казнети и да има реакција од надлежните.

Пораките испратени од Тирана се во насока на поддршка на косовската организација за феминистичко дејствување, која организира протести во Приштина, како и до властите и институциите.

Илјадници луѓе се собраа денеска и во Приштина на протест против насилството врз жените и девојчињата, што го организираше невладината организација Колектив за феминистичка мисла и дејствување.
„Овој случај, по пат на колективен шок, во никој случај не треба да нѐ изненади бидејќи секојдневно го креваме гласот против насилството што ни се нанесува нам, на нашите пријателки и на жените во Косово. Доволно е да потсетиме дека само во првите шест месеци од 2022 година во полиција се пријавени 36 случаи на силување“, изјави Трина Бинаку, една од организаторите на протестот.
Црвена боја беше фрлена и на влезната врата на Министерството за правда на Косово и на зградата на Судскиот и обвинителскиот совет на Косово.
Исто така, група граѓани протестираа и плоштадот Скендербег во Скопје и го дигнаа својот глас против насилството врз жените и девојчињата.

„Ниедна девојка не ‘го бара’”, „Насилството не е оправдано”, „Солидарност со Приштина”, „За да не ги браните ќерките, едуцирајте ги синовите”, „Не ме пипај” и „Не значи, не” беа дел од нивните транспаренти со кои го искажаа својот револт по грозоморниот случај со силувањето од седум часа во парк на 11-годишното девојче во Приштина.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *