Сутерен.мк

Смешкај се, утре ќе биде полошо!

Кога работите ќе тргнат наопаку, а тргнуваат кога ни се чини дека нема никаква шанса за тоа, обично велиме „тоа се марфиеви закони“. Меѓутоа, освен што повеќето од нас мисли дека се работи за повеќе закони, а не само еден единствен кој може да се нарече „марфиев“ и на евентуалното прашање „кој е Марфи?“ ретко кој може да даде валиден одговор. Тоа не треба многу да ве загрижува, затоа што многумина учени и помалку учени љубопитници не успеале да пронајдат прецизна информација…

Авторот на книгата „Марфиевиот закон и останатите причини зошто работите одат наопаку“ – Артур Блох, се чини најблиску е до идентификацијата на ликот и делото на Марфи. Непосредно пред неговата книга да влезе во печат, добива писмо од извесен Џорџ Николс од Јужна Калифорнија. Тоа писмо е единственото сведоштво за евентуалното постоење на Марфи.

Во него, покрај другото, се вели: „ Слушам дека имате намера да објавите книга за Марфиевиот закон. Дали сте подготвени во неа да ја вклучите вистинитата приказна за тоа како Марфиевиот закон го добил името? Настанот се случи во 1949 година, во воздухопловната база „Едвардс“ во Мурок, Калифорнија, во текот на проектот на воздушните сили МХ 981. Беше тоа експериментално истражување на несреќи, под раководство на полковникот Џ.П. Стап, а работите ги извршуваше ’Нортроп Еркрафт’. Јас бев управител на нортроповиот проект. Законот го доби името по капетанот Ед Марфи, инженер од Врајт Филд Еркрафт лабораторијата. Фрустрацијата поради временскиот преносник кој не функционираше, бидејќи дошло до грешка при спојувањето на мерачите на напнатоста, го поттикнаа да забележи: ’Ако постои било каков начин тоа да се сработи погрешно, тој тоа ќе го направи погрешно’, мислејќи со тоа на техничарот кој ги спојуваше мостовите во лабораторијата. Во следните неколку месеци повикувањето на тој закон (кој беше споменат на конференцијата за печат што ја држеше полковникот Стап) во рекламирањето разни производи, фантастично се прошири и Марфиевиот закон се осамостои и тргна по својот пат.“

Сепак, ако ова писмо можеби и не е некој непобитен доказ дека автор на Марфиевиот закон е капетанот Ед Марфи, дефинитивно е точно дека Марфиев закон има само еден и тој гласи: „Ако нешто може да тргне наопаку, ќе тргне наопаку.“

Сето друго што му се припишува на Марфи е само последица на оваа докажана вистина. Или: во текот на историјата научниците и позерите ни ги дадоа законите на космосот, од луѓето од религијата добивме морални закони, од рационалистите законите на логиката, уметниците ни ги подарија законите на естетиката, а интелигентните и брилијантно луди технолози, бирократи, хуманисти и антиопштествени набљудувачи – познати и анонимни – ни ги дадоа космичките мудрости што ги нарекуваме и препознаваме како „марфиеви закони“. Дел од нив (непрепознавањето или двоумењето околу имињата на потписите под цитатите е сосема нормална работа, така што никакво гајле да си немате) ви пренесуваме. Ако за ништо друго, тогаш барем како утеха дека не само вам, ами и на сиот останат свет му се случуваат иронични ситуации за кинење на нервите. Следните правила се токму последица на нив. Духовитата потсмешливост што ја содржат е само доказ плус, дека животот не треба да се сфаќа премногу сериозно. Во спротивно, би било бескрајно здодевно…

Законот на Марфи: „Ако нешто може да тргне наопаку, ќе тргне наопаку.“
Поткрепа или додаток на оваа непобитна вистина се:
• Ако постои можност повеќе работи да тргнат наопаку, ќе тргне наопаку таа, која ќе предизвика најголема штета.
• Ако забележиш дека постојат четири начини на кои работите можат да тргнат наопаку, па тие четири ги избегнеш, веднаш ќе се покаже петтиот.
• Невозможно е било што да се направи отпорно на будали, бидејќи будалите се така инвентивни.
• Ако се чувствуваш добро, не се секирај! Ќе ти помине. (Болинг)
• Предметот ќе падне така, за да предизвика најголема штета.
• Ако се заглави – употреби сила. Ако се скрши и така требаше да се замени. (Ловери)
• Во хиерархијата секој вработен стреми кон тоа да се издигне до своето ниво на неспособност. Со време, секое работно место го завзема вработен неспособен за извршување на соодветните должности. Работата ја извршуваат оние вработени, кои се уште не го достигнале своето ниво на неспособност. Претераната способност е понесакана од неспособноста. Погрижи се за болвите, а слоновите ќе се погрижат сами за себе. (Петер)
• Оние кои можат – прават. Оние кои не можат – подучуваат. (Х.Л. Менкен)
• Оние кои не можат да подучуваат – управуваат. (проширување на Мартин)
• Човек кој се смешка кога работите ќе тргнат наопаку, се досетил на кого да ја префрли вината. (Џонс)

Прв закон на социо – економијата:
• Во хиерархискиот систем платата за одредена работа расте во обратна насока со нелагодноста и тежината на работата.
• Ако не можеш да ги увериш – збуни ги. (Труман)

Прв дебатен закон:
• Никогаш не расправај со будала! Луѓето можеби нема да ја забележат разликата.
• Стручњак е личност, која избегнува ситни грешки додека се залетува во голема заблуда. (Вајнберг)
• Никогаш не спиј со некој – полуд од себе! (Хартли)

Постулатите на Пард:
• Се што е добро во животот – или е незаконито, или неморално или пак, дебелее.
• Три верни работи во животот: пари, куче и стара жена.
• Не се грижи дали си богат или не, се додека можеш да живееш удобно и имаш се што ќе посакаш.
• Убавината не е подлабока од кожата, но грдотијата продира до коските. (Паркер)
• Вкупната количина на интелигенција на планетата е константна: населението расте. (Коли)
• Одвреме навреме, човек се сопнува на вистината, но во поголемиот број случаи, се прибира и продолжува. (Черчил)
• На умниот лилето му овозможува да размисли, а на будалата нешто да си стави в уста. (Тричман)

Десет правила за еден шеф од Спарк:
• Труди се да изгледаш многу важно.
• Обиди се да бидеш виден со значајни луѓе.
• Зборувај авторитативно. За секој случај, изнесувај пчигледни и проверени факти.
• Не влегувај во расправи. Ама, ако те притеснат, постави ирелевантно прашање, а потоа навали се, смеејќи се задоволно додека твојот противник се обидува са разбере што се случува. Потоа, брзо смени ја темата.
• Внимателно слушај додека другите распрваат за проблемот. Фати се за некое излитено тврдење и со него – закопај ги!
• Ако потчинетиот ти постави умесно прашање, погледни го како да се мрднал од умот. Кога ќе го спушти погледот, постасви му го истото прашање со други зборови.
• Добери се до сјајно унапредување, но држи се надвор од видокругот и биди надвор од центарот на вниманието.
• Чекори брзо кога си надвор од канцеларијата. Тоа ги сведува прашањата и на подредените и на надредените, на минимум.
• Секогаш вратата од канцеларијата држи ја затворена. Тоа кај посетителите создава одбранбен став, а исто така, остава впечток дека постојано имаш важни состаноци.
• Сите наредби давај ги усно. Никогаш не запишувај ништо, што би можело да влезе во – „Досие: Перл Харбур“.

Б. Д. Н.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *