Сутерен.мк

Совршени домаќинки

Постојано читам, гледам, слушам како бројни жени се образувале, работеле, се омажиле, родиле деца, се грижат за домот, за своите родители, одат на кафе со пријателките, блиски се со сопругот, се дружат со децата, готват, домот им е чист и уреден, имаат кариера, имаат и хоби, имаат и миленичиња, дотерани се, исфризирани, негувани, читаат книги, шетаат по планини, одат на одмор, прават хуманитарни акции, пазарат, одат на родителски, ги носат децата на воншколски активности, садат цвеќиња и косат трева, џогираат и одат на јога, учат кинески и се водителки на телевизиски емисии. А јас ни дел не можам да постигнам од ова?
Насекирана

Насекирана дарлинг, ме погодивте баш во нерв. Истото што и вие и јас се прашувам со децении. Не за дотичните очајнички што очебијно се напињаат да се прикажат во што посовршено издание на некоја супердомаќинска женка, туку што тоа така лесно го пласираат јавно, на широките, гладни народни усти!? Демек, тие не живеат 24/7 туку 72/9. И нормално, не ни помислуваат дека секоја од нас има барем еден прост, пластичен дигитрон.

Зашто се препаметни за да губат време на мозгање дали некому денеска направиле штета со својата „неподнослива леснотија на живеењето“. Со своите опашести лажги.
Фарсата е што убедени се дека ние не знаеме дека за своите 45 метри квадрати стан викаат помош за чистење. (Простор што дувајќи сами ќе го светнат.) На тие безочни „успеси“ децата им ги раснат бебиситерки (ако се родени малите под среќна ѕвезда – бабите и дедовците), шофери ги одвезуваат и развезуваат на приредби, родендени, балет, англиски, сквош и тенис.

Некои од овие „брилијантни изданија на македонската жена“ така се воспитани, а некои богами, сами се воспитале. Тато носел, мажот месел, вујче сечел, швалерот печел – за госпожите спокојно да берат чаеви и кокичиња по падините на македонските библиски убајни.

Ги туркале цел живот зашто сами не би се помрднале од сенката на крушата под која се родиле. Кога пак се поместиле морале да им обезбедат дополнителни ортопедски помагала (готвачи, домари, козметичари, разно – разни инструктори, по една француска пудла таканаречена асистент и секако, стилист, за да не се војват сами по безвезните коктели), за да се упристојат и да можат да се појават пред народот со гротескните изјави како тие постигнуваат резулати на секое поле од сопствената симулација на живеење. Лажги со опашки.

Лично, немам време да се избањам како што треба од обврски, а не уште и да одам на медитации на харерамахарекришна кој само денеска гостува во нашиот град.
Во еден живот не може да се реализира се. Не може се да имаш. Никој нема се. Мора да избереш што ќе бидеш и во тоа да бидеш најдобар. Зашто, кога се расплинуваш, тоа е просечност, невредна ни за споменување…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *