Сутерен.мк

Прва љубов

Се вљубив смртно и несреќно во мојот школски другар, кој не ме сака, ме остави и си најде друга девојка. Само плачам и мислам само на него. Тој ми е прва и последна љубов! Како можеше да ги избрише нашите заеднички месеци?

Андреа

Андреа дарлинг, иако претпоставките ви се дека првата љубов не може да се избрише, не е така, верувајте! Тешко е да не се идеализира првото вљубување зашто за тоа време обично ги врзуваме „најдобрите денови од нашиот живот“. Меѓутоа, сериозно посветените на овие јадови тврдат дека првите љубови се случуваат прерано, а поради големата космичка неправда, по дефиниција се осудени на пропаст. Иако, ни се чини дека тоа нешто ќе трае цел живот, порано или подоцна почнуваме да се прашуваме дали таму некаде има нешто подобро за нас и се впуштаме во барање на вистинската личност од нашите соништа. Иронијата е во тоа што брзо сфаќаме дека таква личност во реалноста не постои, па пак се навраќаме на сеќавањата на тоа, тогашно идеално момче, кое секако, во вистинската појавност не е ни блиску до совршениот примерок за нас, ама такви се маѓепсаните кругови на созревањето. Заради ова изгледа поумните од нас, се согласиле дека остатокот од нашиот живот би бил многу посреќен, ако ја прескокнеме првата љубов. Сепак, дали вреди да се откажеме од тие неповторливи моменти, на кои се сеќаваме со трошка тага во очите само за подоцна да бидеме позадоволни!? Повеќето не (би) го сториле тоа. Слично сум се чувствувала и самата, но децении потоа асоцијација на прва љубов ми се едни фармерки „вранглер“. Толку добро ми стоеја! Уф, да можам барем за еден ден да влезам повторно во нив…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us