Сутерен.мк

Тони Михајловски: Се коцкам и учам

Реакциите и расположенијата му се менуваат брзо, искрено, придружени со еден фин презир за последиците. И токму тоа е она што го прави толку допадлив. Тој е неконвенционален, опуштен, забавен и по малку непредвидлив

Разговорот со него почнува вака:     

  • Еден хронолошки профил на вашата кариера?

– Ма, никогаш не ме бидувало со датумите. Ни кога ме прашуваа по ОНО, Македонски јазик… чат – пат ќе трефнев по некој од историја и толку. Еве, баш денеска на проба размислував за тоа: имам колеги кои знаат колку премиери одиграле, колку претстави… некои мали, некои големи матури прославуваат… па си велам: ајде барем колку премиери сум имал да избројам! Ама, не оди. За хронологија сум тапа.

  • Се работи за мрзеливост или самобендисаност?

– Недостатокот на хронолошки записи во мојата мозочна меморија се појавува уште во моето најрано детство. Што значи, уште пред да станам некаков си глумец. Така што, најверојатно, оваа моја дијагноза е последица на некој ген  од моите предци. И, ако веќе толку инсистирате, ќе ви кажам нешто: дипломирав кај професорот Владимир Милчин, со „Жена“ од Булт и во МНТ ме вработија на први април. (Како некоја првоаприлска шега, нели!?)

А, всушност, што се важни датумите? Кој во која година, на кој ден… Битно е како! Нитно е дали тоа што го работел човекот вредело нешто. Битно е што некој постоел!

  • Значи, битно е што Тони постои?

– Е, тука е зафрканцијата! Зафрканцијата (многу страшна) е во тоа што може да се види најреално за еден човек, дали вредело дека постоел или не, само откако ќе имре. И тогаш можеби ќе се утврди од стручњаците, дека јас потполно сум ја утнал работата. Сепак, се надевам дека сум на вистинскиот пат!

За битноста и небитноста на актерот Тони Михајловски, им препуштаме на „дежурните“. А дека тој постои – постои. И тоа, поприлично транспарентно.

И, иако нема поим од хронологија и слични работи, чисто телеграфски, колку „про форма“: го гледавме во „Крик“, „Женски прилог во ноќта“, „Евангелие по Јуда“, „Бунт во домот за старци“, „Троил и Кресида“, „Буре барут“, „Лепа Ангелина“… во филмот на Ербил Алтанај – „Самоуништување“, а неодамна го заврши снимањето на „Џипси меџик“ на Столе Попов, тој е водител, добитник на награди… , а моментно ја подготвува улогата во претставата „Баханалии“ кај режисерот Бранко Брезовац“…

Постои и тоа како Тони Михајловски! И се смее многу и страшно заразно. И нема со него пози од типот „Ајде сега ќе си играме големи интелектуалци и страшно сериозни типови!“ Нема шанси. Ќе си го каже тоа што го мисли, без никаква шминка.

  • Па, како одат пробите за „Баханалии“?

– Прв пат работам со Брезовац и засега се е во најдобар ред. Немам поим како сето тоа ќе изгледа во Охрид (премиерата е на „Охридско лето“, н. з.) Многу се работи, по некој европски стандард – десет часа на ден, сега ги намалија на осум – само хонорарите ни се некакво… литвански.

Текстот е многу добар. Сите настани се измислени, а секоја сличност со нешто или некого е чисто случајна и неверојатно точна.

  • Колкав ви е хонорарот за претставата?

– За три месеца отепувачка од работа зедов … хм, хм, хм… денари. Кога направив една сметка за овие три месеца – кирија, храна, цигари – излезе дека сум зијан некои 500 германски марки.

  • Пак истото: актерите се недоволно платени…

– Драги читатели на „Екран“: јас што и да сум во оваа држава, материјално сум загрозен! Та бил глумец, работник во ЧИК, новинар… Кога зборувам дека пари нема, мислам на сите оние кои не се доволно платени за својата работа. Само што јас (случајно) како глумец имам шанса тоа да го кажам еве во ова интервју, за разлика од некој друг граѓанин. Не ги двојам луѓето на глумци и неглумци. Туку на оние кон кои државата е мајка и на оние кон кои е маќеа.

  • Па, нели сме сиромашна држава?

– Ајде де!? Не, не е тоа од немање пари, туку од чиста себичност. И никако не можам да сфатам како некој може да биде себичен на два милиони и кусур народ!? Да си себичен, да ги гледаш само своите интереси на двесте милиони, некако и оди. Ама на два!?

  • Улогата на Дионис во „Баханалии“ ви е прва главна улога. Зошто дури сега се случува тоа?

– А, не е така. Главна улога имав и во „Крали Марко во Дизниленд“, претстава за деца на Сашо Миленковски.

  • Се извинувам.

– Главна улога имав и во „Гленгери“.

  • Се извинувам.

– Главна улога имав и кај Горан Тренчовески, во „Евмениди“. Е, сега, ако тоа не биле единствени главни улоги во претставите, односно, ако имало повеќе главни во една претстава, тоа е режисерски концепт и точка.

  • Да, ама сепак, ова ви е „прва главна“ во еден голем проект…

– И во „Баханалии“ има улоги кои ја надминуваат главната. Ама, бидејќи го играм Дионис, кој е бог, името ми налага да сум главен. Боговски.

  • Заглавивме со ова „главна“, ама ниту во матичната куќа не ви се случила главна улога?

– Точно.

  • И нема незадоволство, лутење?

– Не е сеедно кога ќе те „прескокнат“. Си велиш: „Добро ќе беше да ме погодеше.“ Ама не се живцирам. Бидејќи, работата е веќе завршена, а што можеш да сториш!? Ако се нервираш за такви работи, резултатите се бедни: ќе се замериш со колегите, ќе станеш дрзок, безобразен…

Важно е дека работиш и тераш понатаму. Ич не се нервирам за такви работи. Инаку, за други работи… На пример, кога ќе ме касне комарец – уф.

  • Постои ли тандем Тони Михајловски – Сашо Миленковски?

– Во тандем сум со секој режисер со кој работам. Со Сашо Миленковски сега засега сме на иста бранова должина, што се однесува до театарот. И додека размислуваме исто и се согласуваме во работењето, не знам зошто да не работиме заедно. Зарем проекти прават луѓе кои не се разбираат меѓусебно!? И замолчете веќе еднаш на таа тема.

  • Во последно време нешто модерно беше и прашањето: каков театар сакаат младите?

– Да. Во Пилеп го поставија тоа прашање, а младите не дојдоа. Потоа, А1 ТВ им даде шанса да прозборат за тоа. Имислам дека единственото нешто што не требаше да се случи во „светот“ на А1 телевизија беше таа емисија со темата „каков театар сакаат младите?“

Зошто, ако сакам да правам емисија за проблемите на Театарот за деца и младинци, за Драмски, за… ќе викнам луѓе од тие театри, ќе поставам такви прашања…

Не дека младите не треба да ги интересираат тие проблеми, но темата беше сосема друга. И наместо да се разговара за тоа што беше најавено, таму:  ова, она, муабети џ’гррр, м’гррр…

  • Па, каков театар сакате?

– Сакам секаков и секаде. И ваков каков што е, ништо не му фали. Му фали како и на се во оваа држава – пари! Сакам театар каде што има хармонија, чист театар. Со малку повеќе светло, театар со критериум. Театар кој држи до себе, до своето достоинство. Сакам единствен, македонски театар, со сите театри во себе. Сакам театар кој ќе го поддржи театарот, а не обратно.

  • Како што се случи на фестивалот „Војдан Чернодрински“?

– На сите оние кои даваа „историски“ изјави од типот дека сме нечии марионети, обвинувања, проштавања о т.н., имам само да им порачам: аман бате, не ме брани!

  • Ве има во театар, на ТВ, филм… Што ве провоцира најмногу?

– Се. Од радио драма до надсихронизација на цртан филм. Се дружев многу добро со децата од „Досетко“, баш беа супер. Во „Џипси меџик“ учев што е тоа филм (стигнав некаде до буквата „О“, не море уште сум на „К“) бев дервиш и учев ромски јазик… тоа се неверојатни искуства.

Би сакал многу во Македонија да се почне со правење цртани филмови, па да надсихронизирам. Само да се прават како што треба, а не тројца актери да „глумат“ 25 ликови. Па и да си шестпати Борис Мајсторов, тоа не оди. Баш би било добро, тоа со цртаните…

  • Што мислите, на што се должи вашата популарност?

– Не знам. Знам само дека јас ги разграничувам Тони на сцена и Тони приватно. За да бидеш нормален, тоа мора да се прави. Има некои кои на сцената глумат, а надвор од неа глуматараат. Јас не го правам тоа.

  • Никогаш не глумите приватно?

– Па, сите глумиме понекогаш. На час по физичко „кривиш“ понекогаш, понекогаш „те боли стомак“… понекогаш се поклопуваат ситуации од сцената со оние вон неа, но тоа не е глуматарање.

  • Што мислите за еротиката на сцена?

– Ја обожувам еротиката секаде. Културната, оправданата еротика. Бон – тон еротиката.

  • Како настапувате во животот: импулсивно или се е строго пресметано?

– Порано бев поимпулсивен, сега е малку поинаку. Како постар покераш, нели!? Животот е голем комар: никогаш не знаеш која карта ќе ти се отвори. Се коцкам, не да не. Се коцкам и учам. Некогаш сум и пресметлив, но некогаш ми бегаат работите од контрола.

И се уште најчесто реагирам онака како што чувствувам. Така и зборувам, а тоа е импулсивност, нели!? Само искуството, само грешките учат. И така, се коцкам, планирам, одбегнувам, налетувам…

  • Младоста е сепак, најскапиот хазард во животот.

– Затоа и сам си ги плаќам сметките. И тоа дебело. И добро е што наплатувањето ми се случува сега.

  • На што се надева Тони Михајловски?

– На тоа дека нема да ме праша староста, каде ми отиде младоста.

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1996 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *