Канадскиот премиер Џастин Трудо денеска изјави дека Канада „одлучно и брзо ќе одговори“ доколку САД на први февруари воведат царини од 25 отсто за Канада и за Мексико, како што вчера најави американскиот претседател Доналд Трамп, веднаш по неговата инаугурација.
– Сè е на маса и го поддржувам принципот на идентични тарифи – рече Трудо на прес-конференција.
Ќе има трошок за Канаѓаните, додаде тој.
Трудо смета дека на Трамп му се потребни ресурсите на Канада за да ги постигне своите планови и Америка навистина да доживее „златно доба“, како што најави на инаугурацијата.
– Трамп рече дека сака да ја воведе Америка во златно доба, а тоа ќе бара повеќе челик и алуминиум, повеќе критични минерали, посигурна и прифатлива енергија, повеќе од сè, за американската економија да се движи напред со максимална брзина – рече Трудо на прес-конференцијата, коментирајќи ја ескалацијата на односите меѓу двете соседни земји.
Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум повика на „ладни глави“ во врска со првите одлуки на Трамп кои директно ја засегаат нејзината земја.
– Важно е секогаш да се задржи ладна глава и да се држиме до потпишаните декрети, а не до зборовите – рече претседателката на нејзината редовна утринска прес-конференција.
Таа оцени дека првите мерки на Трамп поврзани со миграцијата се слични на оние од неговиот прв мандат во Белата куќа (2017-2021).
– Засега треба да се држиме до декретот. Затоа велам дека треба да останеме смирени и со ладна глава и да одиме чекор по чекор – рече мексиканската претседателка.