Сутерен.мк

Ѕвездан Георгиевски: Врвот на инаетот

Светот е буквално ризница на бизарни факти, произведени од човекот; податоци кои навидум не служат за ништо, ама се доволно фасцинантни да ве направат горд на човековиот род.

Не можам да се сетам дали беше таткото или дедото на американскиот писател Томас Вулф (тоа е авторот на еден од романите, чиј наслов сите го парафразираат или цитираат, а ретко кој го читал – „Погледни го домот свој, ангеле“). Значи, кој и да е, чувствува дека му доаѓа физичкиот крај и ги собира своите синови крај неговата постела. Им објаснува дека сите долгови се исплатени, им го дели имотот и им вели дека ќе умре идниот ден во 9 часот сабајле. Следниот ден неговите синови повторно седнуваат околу неговата постела. Прозборуваат по некој збор, а ѕидниот часовник почнува да отчукува девет пати. Стариот ја врти главата кон ѕидот и – умира. Работата е во тоа што часовникот бил 15 минути напред. Томас Вулф ова го нарекува волја.

Сепак, мој дефинитивно најомилен факт е оној за писателот Бранвел Бронте, најпознат по тоа што е единствениот брат меѓу сестрите Бронте, кој умрел стоеќи, потпрен на рамката од каминот, само за да докаже дека човек може да умре стоејќи. Имено, некој понадичар му рекол на братот Бронте, додека овој туберколозен лежел во претсмртна постела, броејќи си ги деновите до крајот, дека никој не умрел стоејќи и дека не може да се умре на нозе. Тогаш Бронте се обложил дека тој ќе умре на нозе. Легендата вели дека со денови стоел потпрен на каминот за да не се случи да умре седејќи или лежејќи. Волја? Или инает?

Некој погрешно би сфатил дека во двата случаја станува збор за волја за умирање, некаков опозит на страотниот човеков инстинкт за преживување. И точно, човекот е едно од најраспространетите и најиздржливи живи суштества на планетата. Тој може да преживее и во пустината Гоби, и на Грендланд. А како тргнале работите, ќе го насели и Марс. Конечно, тој опстанува дури и во Куманово, па и во Скопје, зошто тогаш не би можел и на Марс.

Од друга страна, пак, Фројд вели дека животот не е ништо друго туку борба на човекот и неговата желба за смрт. Имено, според него, човекот стреми кон вечноста, односно иманентно за секоја органска материја, значи за минлива материја, е да стане вечна. Да се претвори во камен. Или во прав и пепел.

Но, во горенаведените примери не станува збор ниту за волја за смрт, ниту за инстинкт за преживување. Тука е во прашање волја да се прави нешто за да се докаже дека тоа нешто може да се направи. Не е значи никому битно дали дедото на Томас Вулф починал во 9 часот наутро или во 9 и 15 минути. Освен на тој што починал. Иако останува нејасно зошто тоа и нему би му било битно. Како што ни Бранвел Бронте не останал баш нешто славен со тоа што докажал дека може да умре стоејќи, а веројатно намерата и не му била да стекне слава. Туку, ете, нешто да докаже.

Значи, станува збор за волја за чинење на работи за да се докаже дека тие работи можат да се направат. Со други зборови, тоа е демонстрирање волја која нема влијание врз надворешниот свет (смртта на двајцата спомнати во примерите не е спорна – тие биле во агонија. Единствено што требало да се издејствува со волјата е чинот, односно времето на умирањето) и која не служи буквално за ништо. Таа не носи ниту штета, ниту полза. Тоа е волја поради волја. Сама, издвоена, есенцијална, а сепак масивна и непробојна – волја. Или, кажано во некаков дијалектички клуч, тоа е волја по себе и за себе.

Или, преведено на македонски, станува збор за – инает. Кај нас би се рекло: „Од инает и кило сол ќе изеде“ (иако, според афинитетите на авторот на овие редови кон солта и соленото, ова количество и не е премногу фасцинантно). Значи, тоа е оној нештетлив за опкружувањето, неразбирлив за околината, а сепак впечатлив – инает.

Иако најчесто се користи во негативна, пежоративна конотација, инаетот, барем во онаа форма за која тука зборуваме, во суштина е врвниот дострел на човековата интелигенција. Се разбира дека инает се појавува и кај останатите форми во животинскиот свет (секој што има некое домашно милениче, порано или подоцна се соочил со експресивното искажување на неговиот инает, а за јарци и магариња ич муабет да не правиме), но инаетот кај животните е мотивиран од нешто, катализиран од некаква надворешна појава (потребата или непотребата да се помине од точка А до точка Б, да се изврши нужда на омилениот тросед, да се јаде во тој момент или не… ), додека човековиот инает е дефинитивно одраз на состојбата на умот, на борбата со самиот себеси и на тежнението да се надминат сопствените граници на издржливоста.

Ако барем малку веруваме во античката максима „Во здраво тело, здрав дух“, тогаш инаетот е типичен нејзин производ. За терање инает е неопходна добра (одлична) психо-физичка кондиција, која ќе овозможи минимално разочарување, ако инаетот не ни успее. Натаму, инаетот треба добро да се осмисли; за него треба да бидете вооружени со завидно количество упорност; да имате план Б во случај инаетот да тргне наопаку, односно резервно прибежиште, а воедно и да бидете подготвени на невидени страдања.

Делува парадоксално, иако споменуваме страдање и танталови маки, инаетот е одлика само на хедонистите, само на оние што знаат да уживаат во моментот и кои знаат да ги најдат убавите работи и во најтешките моменти. Зашто, не постои ништо што може да се спореди со онаа сатисфакција, со она блажено задоволство што ќе го почувствувате откога од инает ќе го изедете оној килограм сол. Не постојат тие јастози и тие шатобријани, не постојат тие моцарт-торти и кавијари што ќе ве задоволат повеќе од инаетчиската сол. Зашто со солта вие не го храните телото, туку ја храните вашата духовност, сопствената аура, своето его, односно својата врвна волја.

Недостижниот врв на овој хедонизам се токму примерите на предокот на Томас Вулф и на братот Бронте. Не знам, ама убеден сум дека во еден момент, во еден миг, во еден трепет, што би се рекло, непосредно пред дефинитивно да ги склопат очите, тие почуствувале задоволство, блаженост, какво што не почувствувало ниту едно друго човеково битие.

А, ќе се сложите: врвот на инаетот е – од смртта да направите задоволство.

(Авторот е новинар. Фото: Владимир Плавевски)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us