Сутерен.мк

Јоланта Делибозова: Храната како музика!

Кога ќе престанат звуците на виолончелото, почнува малку поинаква кулинарска музика. Тоа е секојдневието за бугарската готвачка позната како Јоли, која и досега можевме да ја гледаме во емисиите  „Јолисима“ и „Вкусно со Јоли“, кои се прикажуваа на „24 Кичен“ и Фокс каналот. За неа и музиката и кулинарството се врвна уметност со мноштво различни жанрови. Љубовта, трпението и фантазијата се основните состојќи на секој успешен рецепт. Јоланта Делибозова повеќе од дваесет години е солист на софиската филхармонија, дел од квинтет на популарниот бугарски уметник Теодосиј Спасов, со кого го прошетала светот. Ведрината и насмевката се нејзиниот заштитен знак  и на екранот и на сцената, а фотографијата, цвеќарството и сликарството дел од животот. Нејзиното готварско мото е: Готви умно-живеј подобро!

  • Неодамна на „24 Кичен“ започна емитувањето на серијалот „Домашната подготвена кујна со Јоли“. Зошто се одлучивте за домашна во време кога во светот царува брзата храна?

-Поласкана сум и среќна што тимот од оваа телевизија ми дадоа доверба да продолжам со нови емисии. Го кажувам ова затоа што јас не сум професионален готвач, туку само вљубеник во готварството. Тука и се крие одговорот на вашето прашање. Целта на овие емисии е да и покажеме на публиката што значи вкусна-домашна кујна. А кој може тоа подобро да го направи од една обична домаќинка. Јас сум тоа обична жена. Значи сакам да покажам дека не е нужно да си професионален готвач или да си посетувал специјални гастрономски курсеви, за да се храниш убаво и здраво. Мојата цел е да се вратиме на природата во овој свет во кој се случува револуција на фаст-фуд исхраната. Само таа може да донесе вистинско задоволство. Не случајно емисиите што сега почнаа да се прикажуваат се снимени во Тетевен овој август во куќа на планина. Враќањето кон природата и нејзините дарови е она што ни треба.

  • Рецептите кои ги приготвувате во новите емисии се многу прифатливи за нас, со многу слични продукти намирници и зачини. Кои се главните карактеристики на Бугарската кујна?

– Така е. Македонската и Бугарската кујна се многу блиски. Нормално е да си личат две соседни земји. Многу пати сум и се насладувала на вашите јадења. Искрено да ви кажам отсекогаш сум сакала да ја запознаам подетално. Но, не она кое се сервира по трестораните, туку автентичните јадења кои се типични за помалите градчиња и селата. Тоа се  вистинските извори во кои се кријат кулинарските богатсва. Инаку, Бугарската кујна е многу разновидна. Непрестано ја откривам и се уште не сум завршила. Чудно е што сретнувам соседни села кои имаат традиционално сосема различни јадења. Повторно ќе кажам дека само од овие места и луѓе можеш да го видиш вистинското лице на една национална кујна.

  • Како влеговте во светот на кулинарството и во меѓународен телевизиски гигант како што е Фокс ТВ која ја поседува и „24 Кичен“?

– Во светот на добрата храна сум навистина од раѓање. Отсекогаш сум сакала да се врткам во кујната околу баба ми Јонка Одисеева која навистина беше голема готвачка. Барем во моите очи. Кога човек од срце нешто посакува, тоа може да го оствари. Мене готвењето ми е голема опсесија, но и последователните дружења со семејството и пријателите. Во овие телевизии влегов сосема случајно, како што обично се случуваат убавите нешта во животот. Веќе седум години имам свој кулинарски блог, кој е многу популарен кај нас. Пред две години тимот од Фокс телевизијата ми предложи да снимиме емисии за Аргентинската телевизија кои подоцна ги превзема „24 Кичен“. Многу се радувам што таа соработка продолжува, затоа што јас не сум експерт, ниту професионален шеф, ниту стручњак за гастрономија.

  • Работите со најславните имиња во кулинарскиот свет. Кого би го издвоиле како посебно инспиративен?

– Јас на овој канал сум во истиот ред со вистински титани-шефови како Џејми Оливер, Ентони Бордејн, Дона Хеј и сите останати… што е за мене повеќе од ласкаво. Фантастични се и учам од нив. Сите ме инспирираат на посебен начин. Но морам да признаам дека тоа лошо момче Ентони Бордејн е демонски секси. Многу ми се допаѓа!

  • Имате ли омилен рецепт, што најмногу сакате да јадете?

– Сакам да јадам се и тоа по многу. Често ме прашуваат зошто толку многу сакам да готвам? Многу е просто, одговарам. Јас навистина сакам да јадам. Тоа е вистината. најдрага и посебна опсесија ми е морската храна и се што е поврзано со неа. Јас сум дете од морето, растев во Бургас и тоа ми е во крвта.

  • Вашите колачи и слатки секогаш имаат импресивни декорации. Колку е важен изгледот на храната која се сервира?

– Сакам да правам слатки, но признавам не ги јадам. Пробувам да видам дали е се погодено, но потоа губам интерес за нив. Претпочитам нешто солено, кисело, лутичко… Вистина е дека слатките некако ја раскрилуваат мојата фантазија. Со нив можам да експериментирам, цртам, украсувам… никогаш доволно. Визуелноста е многу важна, тоа е сигурно. Да не заборавиме -прво се храни окото.

 

  • Кој е заедничкиот именител на храната и музиката?

– Има многу. Јас и едното и другото го доживувам како дел од Големата Уметност во која има многу различни жанрови.

  • Колку ја познавате македонската музика?

– Не многу. Сум ги слушала песните за глас и пиано на Гоце Гавриловски, имињата  и делата на Ристо Аврамовски, Тома Прошев, Томе Манчев и традиционалната „Дојрана“ на Трајко Прокопиев.

  • Дали некогаш сте биле во Македонија? Соработувате ли со Македонсската филхармонија?

– О, да. Многу пати. Секогаш со задоволство и радост доаѓам во Македонија. Имаме заеднички концерти со нашите колеги и во Скопје и во Софија. Последен пат бевме пред две години. Инаку вашиот диригент Борјан Цанев редувно гостува во нашиот оркестар. Со нетрпение ја очекувам следната музичка манифестација во Скопје.

  • Активни сте на многу полиња: филхармонија, емисии, снимање це-деа, блог, гостување на емисии… Дали наоѓате време за себе и за семејството?

– Немам никакви проблеми со времето. Музиката ме направи многу организирана и дисциплинирана. Никогаш никаде не доцнам. Времето треба само добро да се распореди. Вистината е една: секогаш има време за тоа што навистина сакаш да го правиш.

  • Има ли шанси наскоро да Ве видиме во Македонија, како шеф или како музичар, сеедно?

– Многу ќе се радувам, навистина сакам да Ви дојдам на гости. Би сакала да зготвам нешто македонско, би работела и со ваши готвачи… Готвењето е пријателство и задоволство кое треба да се подарува и разменува. Благодарам за интересот за мене и за ова интервју. Нека Ви е слатко се на Вас и на Вашите читатели. Бакнежи до прекрасната Македонија од сончевата Бугарија.

Ноне Абрашева Ноциќ

„Теа модерна“, 2013 година

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us