Љубица Гојковиќ: Женствената феминистка!

Насред ноември, што по сите правила би требало да биде есенски, не поклопи снег. Вообичаено за нас – неочекуван и подранет, предизвика малку повеќе нервоза во секојдневието. Затоа, од чист инает кон ова бело, студено и водено изненадување, со актерката Буба Гојковиќ, која на професионалната театарска сцена во Кумановскиот театар е 31 година, а долго е и на локалната ТВ, радијата… еден „мал“ женски муабет

Жена…

  • Да се биде жена е убава работа. Да се биде вистинска жена, уште поубава. Вистинска жена е жена која си го почитува својот физикус. Жена со интелигенција, со моќен ум. Независна, слободоумна во повеќе сфери. Жена со шарм и вкус. Вистинска жена е жената уметник! Жената мајка, сопруга, домаќинка, другар…

Меѓутоа и жена која нема да си дозволи да живее во малограѓански окови. Затоа што поседува сила да ги скрши и да опстои вон нив!

Жена в театар…

  • Откако знам за себе сум в театар. Татко ми (легендарниот актер на Кумановскиот театар, Ѓоко Николовски, з.н.) уште како многу мала ме внесе во тој свет. Растев во него, од 15 години веќе и глумев, така што до ден денес не можам да разграничам што ми е прв дом: дали просторот каде, нели, го создадов семејството или театарот!?

Кога решив и професионално да се занимавам со глума, родителите ме подржаа и особено татко ми, кој многу ми помагаше со своите сугестии и совети. Никогаш немав сопки, подметнувања, провокации, од колегите или претпоставените. Можеби затоа што бев ќерка на  актер, но мислам дека такви работи во Кумановскиот театар тешко можат да се случат.

Ние сме мал колектив, каде што имало несогласувања се разбира, особено околу работата, но тоа се ситници. Меѓу нас постои големо дружење, разбирање, колегијалност и никогаш поделби, двоења. Без никакво претерување – ние сме еден многу солиден театар!

Жена како сопруга, мајка…

  • Имав огромна подршка и разбирање од сопругот. Секогаш беше на моја страна. Моето семејство всушност, секогаш сакало театар. Ќерките често ми помагаа, ме проверуваа за текстот, ме критикуваа. Инаку, кога човек си ја сака работата, а си го сака и семејството, не е тешко да ги уравнотежи работите. Јас мислам не им скусив ништо поради театарот. Заедно мислам дека успеавме да создадеме среќен дом. Само ми недостасуваат ќерќите како публика: едната живее во Скопје, другата е тука, ама е со мали деца). Ги чекам внуците да дојдат во партерот.

Жената – актерка и околината…

  • Еднаш бевме со сопругот во посета на едни пријатели. Една жена, сакајќи да започне разговор, ме прашува: „А вие, каде работите?“ Кога и одговорив дека сум глумица в театар испушти само едно значајно „аааа…!“ Е, што се содржеше тоа „аааа“ можам само да претпоставувам! (Се смее, н.з.)

Никогаш не сум имала непријатности поради мојата професија. Во мојата средина секогаш се гледало на актерите со почит, уважување, симпатија. Немало провокации, но и ние не даваме поводи за тоа. Значи, озборувањата ни се „стандардни“, како и насекаде.

Жената и улогите…

  • Сакам драмски ликови, иако играм многу во комедии. Мислам дека сум најуспешна во драмските улоги. Не сум размислувала кој лик баш јас би го одиграла најуспешно. Веројатно, тоа би бил ликот во монодрамата што јас би ја напишала. Така би се трефнала најпрецизно, нели!?

За 30 – годишниот јубилеј планирав да направам монодрама, ама… Сепак, не се откажувам од таа идеја. Не сум се определила се уште за текстот, а можеби и сама ќе го напишам.

Жената во огледалото…

  • Актерите влегуваат во стотици карактери, но мора да се ослободи од нив. Меѓутоа, од секој одигран лик останува мала трага во нас. Ми се случува во кафеана, на улица, во продавница да „украдам“ нечија гримаса, израз и тоа да ми помогне во некоја улога, но се трудам што побрзо да се ослободам од тоа туѓо влијание!

Многу сум емотивна и ранлива (впрочем, каков глумец би била, ако не сум!?). Знае многу да ме заболи, но глумата ми помага да не го покажам тоа. И мојата појава е таква, не дозволува да се забележи кревкоста внатре во мене. За среќа моја, секогаш кога ми треба имам покрај себе човек, пријател кој ми го подметнува рамото. И повеќе од тоа!

Жена во машки свет…

  • Предноста на мажите е вештачки воспоставена. Не сум феминистка, но не мислам дека мажите се над и подобри. Единствена стравопочит сум почувствувала кон татко ми, кој беше строг, ама имаше едно прешироко срце и претопла душа.

Жените се поспособни, похрабри и поиздржливи. Жена од карактер умее да се пробие и да направи се што ќе науми. Да ги оствари своите амбиции, да стане личност за себе, а не да остане само сенка на некој маж.

Сега е полесно за нас, за разлика од порано. Штета е тоа да не се искористи и да се прифати некоја второстепена улога во животот. Лично, никогаш не сум се почувствувала второстепено, не сум дозволила никој да ми наметне таков став! И секоја жена што мисли да биде жена, не смее да го испушти првенството што природно и припаѓа!

Жената и (не)успехот…

  • Успех е сиве овие години да се одржи стабилно ниво во театарот. Успех е дочекувањето на внуците. Успех е покрај пребродувањата на сите кризи во животот, да се остане нормален. Најголем успех е да се остане ёдрав, исполнет и жив!

Неуспех е жалењето што не се потврдив повеќе на телевизија, на филм. И, жалењето што не родив повеќе деца. Да, за тоа ми е најмногу жал!

Жената во следните триесет…

  • Ако бидам жива и здрава, се уште в театар.

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1998 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *