Сутерен.мк

Љубовни (само)понижувања

За своите 28 години мислев дека сум зрела и дека ваква работа едноставно, не може да ми се случи!? Имено, запознав некого на една забава, испивме малку повеќе, завршивме в кревет и истата вечер него го снема. По некој ден ми се јави и се повтори се, но потоа еден месец од него немаше глас.

Му пуштав пораки, му се јавував, праќав поздрави по неколкумина заеднички познаници… Се додека, една вечер не го сретнав во едно кафуле. Му пријдов, а тој беше толку груб што дури ми е срам и да ја прераскажам случката!

Л.Б., Скопје

Л.Б. дарлинг, 28-те години не ве прават имуна на љубовта. Нема да ве направат ни 88-те! Целата финта во ваквите емотивни лавиринти е да се знае кога да се запре. Меѓутоа, секогаш е полесно да се каже нешто отколку, истото и да се направи, нели!? На мажите им се важни рецките на ѕидот од спалната, а на жените пронаоѓањето на вистинскиот. Што ќе рече, вие сте само шкртка, а тој е обична бараба.

Да беше поинаку, ќе постапеше како господин чоек и барем, ќе ве задржеше како пријател. Драга моја, нема инстант лек за скршено срце (иако, ова овде повеќе личи на повредена суета, ама сеедно). Помислата дека по некоја година, кога ќе го сретнете тој абдал и самите себе ќе се запрашате со што ли заслужил да пролеете толку солзи по него би требало барем малку, да ве освести.

Во меѓувреме, за одмазда би можеле да отидете кај него на работа (додека не е тој таму) и онака, жизнерадосни да му соопштите на неговиот шеф дека сте бремена од неговиот подреден плус, заразени од некоја страва болест, а и дека тој – вашиот, спиел веројатно, со половина од нивниот женски персонал и дека ќе ја тужите фирмата за општествена неодговорност!

Не верувам дека ќе имате некоја конкретна корист од чинот, ама фино ќе се чувствувате некое време. (Или барем, фрлете му расипано јајце во автомобилот.)

После овој поход, затворете се дома неколку денови, испијте некое шише вино и притоа исклучете ги телефоните и интернет врската (за да не дојдете во искушение да му праќате патетични сигнали на дотичниот). Можете и да викнете другарки и со часови (ако имате такви кои ќе ве истрпат) да им зборувате само за него.

Како и да е, повлечете се, исплачете се, истресете ја прашината од вашите колена и продолжете понатаму. Не дека ваквата ситуација нема да ви се повтори. Вљубувањето впрочем е ѓаволска работа…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us