Сутерен.мк

Дали сте за суверена и независна Македонија?

Осми септември 1991 година – граѓаните на тогаш Социјалистичка Република Македонија изгласаа независност на Република Македонија. 96,46 отсто од излезените гласаа „ЗА“ на прашањето – „Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“ По 31 година од овој свечен чин, денеска овој историски момент власта го одбележува со парола, каде никаде не се спомнува името на државата. Македонија во овие 31 година преживеа се и сешто. Сепак, ништо не може да ги избрише спомените кои засекогаш ќе останат врежани – моментот кога Македонија стана независна.

По овој историски момент, за татковината следуваат тешки години. Во 1995 година на трети октомври се случи атентат врз претседателот Киро Глигоров. Во моменти додека сите во земјата беа преокупирани со неуспешниот обид за убиство на првиот човек на државата, во македонското Собрание, се донесе Закон за промена на знамето, со што Македонија тогаш ги ослабна своите позиции во преговорите со Грција.

10 години по добивањето независност, Македонија ги доживува едни од најтешките моменти во својата историјата. Во државата се случи внатрешен воен конфликт, кој започна во јануари кога ОНА ги нападна безбедносните сили на Македонија.

Конфликтот заврши во август истата година откако беше потпишан Охридскиот рамковен договор. По ова следуваа години беа далеку многу помирни од првите 10 независни. Така беше се до 2019-та.

Волјата на Македонците изразена 91-та година беше срушена 28 години подоцна. И покрај неуспешниот Референдум беше променето името на државата. Наместо потребните 50, излезноста беше 36,91 проценти. Гласот на граѓаните изразен преку бојкот на референдумот, беше срушен во Собранието. Република Македонија замина во историјата, се роди Северна.

Македонија во 2019-та година стана двојазична држава. За овие уставни измени граѓаните воопшто не беа ниту прашани, тие беа донесени во тензична атмосфера во Собранието.

Освен Преспанскиот договор, Македонија потпиша и договор за добрососедство со Бугарија, договор кој на официјална Софија и даваше сила да го условува напредокот на Македонија во евроинтеграциите.

Се бараа и се бараат големи отстапки од Македонија. За голем дел од Македонците е непростилива и постапката на сегашниот министер за надворешни работи, кој го, потпиша билатералниот протокол со Бугарија за кој многу експерти алармираа дека задира длабоко во идентитетот.

На овој потпис, му претходеа масовни протести против францускиот предлог – а сплотеноста на граѓаните многу ја споредуваа со расположението кое владееше за време на референдумот пред 31 година.

По 31 година, многу ќе речат дека Македонија сигурно не е на патот, кој го замислуваа луѓето кои изгласаа независност.

Државата сега има променето име, се удира по нејзиниот јазик, идентитет, историски херои. Сепак, останува надежта кај граѓаните дека и по сите удари, по се што преживеа, Македонија ќе остане непокорлива.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *