Сутерен.мк

Дејан Дуковски: Кој прв почна?

Млад (роден е 1969 година), успешен драмски писател, стана „име“ (со вертикално значење), преку драмите: „Џинот и седумте џуџиња“, „Балкански вампир“, „Балканот не е мртов“, „Буре барут“…

Професионалец (неговиот коректен однос кон новинарите, само го потврдува тоа), кој одава впечаток дека брза – полека. Дека работи по сопствено темпо, претпазливо.

За себе вели дека е среќен човек пред се, затоа што не го фаќа паранојата.

Го сака Скопје и убавиот ритам во него, што во последно време го нема.

За останатите работи, со авторот и асистентот на ФДУ на филмско и театарско сценарио во редовите што следат…

А поводот е неговиот најнов текст „Мајку му Ебам кој Прв Почна“, што веќе се подготвува во МНТ, во режија на Александар Поповски…

  • Во што и како ја гледате смислата на театарот денес?

– Не ми е многу до смислата на театарот. Си ја барам мојата смисла. Не знам многу други мастрафи во животов, освен да се занимавам со ова, со што се занимавам. Некои работи што сакам да ги правам, ги правам, а добиваат смисла во театарот. Знам дека не сум баш конкретен, ама некако така е. Сите сме невини кога сонуваме.

  • Постојано се спори што е точно драматург во театар?

– Драматург значи има и на филм. И во ТВ продукции. Едно е да работиш како драматург, друго е да пишуваш драми. Јас досега професионално не сум работел како драматург на претстава. Сум работел со драматурзи на мои текстови. Со Филип Давид, на пример. Извесно време работев како драматург во МТВ, во драмската редакција. Тоа е посебно искуство. Разнолично, барем.

  • Каде се беше „Буре барут“ и што се случува со текстот?

– Овде не доби никаков публицитет, па морам да објаснам од почеток. Минатата година „Бонското биенале“ го отвори македонскиот текст „Буре барут“ од Д. Дуковски, во режија на С. Унковски, во изведба на ЈДП од Белград. Ова биенале е најдобар презентер на нови драмски текстови од двегодишна европска продукција. Работи на принцип на селекција на селектори, од самиот фестивал и селекција на драмски автори, од секоја земја посебно – „кумови на фестивалот“. Македонски кум е Горан Стефановски. Тој го предложи текстот за Македонија. Текстот го предложи и југословенскиот кум, Душан Ковачевиќ, кој на некој начин, направи отстапка, па предложи македонски текст. (Што, не дека не му беше забележано!)

Значи, Македонија не само што учествуваше, туку и го отвори последното биенале. Уште поважно, „Theater heute“, еден од водечките светски часописи за театар, во конкуренција од присутните осумдесет драмски текстови, го одбра горенаведениот текст и го објави во целост. Посвети голем уводен текст на уредникот и интервју со авторот. Целиот текст го преведе Моло Дор, кој во моментов е еден од водечките писатели во Германија и Австрија. Ова се бајаги страници за драматургија на една мала земја, во еден исклучително голем и влијателен часопис.

Благодарение на тоа влијание и мојот договор со една од најголемите агенциски театарски куќи во Германија, „Буре барут“ оваа година ќе има к’смет да биде изведуван во повеќе национални театри низ Европа. Доста договори се веќе потпишани. Ова е конкретно. Знам дека не е баш скромно, ама така е екако. Текстот излезе и во полскиот часопис „Дијалог“, претставата гостуваше во Рим, треба да гостува во Прага, Москва…

  • Тврдите дека вашиот нов текст е сложен. Дали тоа значи дека „Буре барут“ е едноставен?

– Не мислам дека „Буре барут“ е едноставен. Едноставно, кога почнав да го работам „Мајку му Ебам кој Прв Почна“ си дадов прилично амбициозна задача. Текстот има седум дела: Смисол, Радост, Вера, Надеж, Љубов, Чест, Грев. Секој дел има мотив, цитат од некои големи драмски митови…

Делови од драмски конструкции и атмосфери на Шекспир, Чехов, Де Сад… Сенки од ликови како Годо, Ричард Трети, Фауст, Хамлет, Пиеро…

Се обидов да пуштам подлабока вертикала на текстот. Репликите се брзи, ситуациите стегнати, но постои предисторија. Напнатост од некаде порано… Ликовите во секоја сцена влегуваат со некој поголем багаж. Мислам дека е доста тежок текст за работа. Среќен сум што работиме со оваа екипа, со која работиме. Александар Поповски е во одлична форма. А ваква актерска екипа може да посака било којголем европски театар.

  • Кого сакавте да испровоцирате со насловот?

– Себе. Најмногу.

  • Се сметате ли за дрзок и бунтовен?

– Не се работи за провокација. Не се работи ни за дрскост и бунтовност. Едноставно, за точност. Обично викаме дека водиме љубов, ама во тој контекст правиме и некои поконкретни гадости… Мислам дека насловот е точен за овој текст. Едноставно го покрива моето генерално чувство околу целата материја. Не се работи ни за намерна вулгарност. Не е текстот вулгарен. Можеби, мака е.

  • Тргнувајќи од вашите досегашни драми, од каде толку многу „Балкан“?

– Од наоколу. Никогаш теоретски не сум размислувал за тоа. Едноставно: тука е, па боли. Како кога ги прелистуваш старите фотографии. Има некоја сета. Некои ти се допаѓаат, некои не. Ама обично, се твои. Заробен си во нив. „Балканот не е мртов“ најконкретно се занимава со траумите од просторов. Доби награда за текст. „Буре барут“ несвесно се занимава со истата параноја. Доби награда за текст. Овој текст се занимава со некои други паранои. Веројатно, ќе ја прекине традицијата на награди…

  • Колку Дејан Дуковски го „имитира“ Горан Стефановски?

– Колку Горан го имитира Бонд? Колку Бонд г имитира Брехт? Колку Брехт го имитира…

Не е тоа имитирање, тоа е учење. Она што го пишувам јас е многу различно од тоа што го пишува Горан. Среќен сум што го имам Горан за професор, пријател и драмски писател на мојот јазик. Горан е сигурно еден од подобрите современи драмски писатели во Европа.

  • Како се чувствува еден драмски писател во Македонија?

– Добро. Ама ќе помине.

 

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1997 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *