Сутерен.мк

Диверзитетот стана голем бизнис

За да ја демонстрираат својата правоверност, американски компании регуларно организираат обуки за „диверзитет, еднаквост и инклузија„ за своите вработени. Обуките се скапи и бесцелни ама на менаџерите им фуфка да прекинат со нив за да не го навлечат бесот на будните преторијанци. Само паднатите профити можат да ги разбудат.

Како што во Македонија, во овој момент, некои и некаде кмишат на некоја обука или семинар за „јакнење на капацитетите на локалната самоуправа“ или „модернизирање на судството“ или „како да се бориме против руските дезинформации“, така во САД во моментов луѓе кмишат на некоја обука или семинар под барјакот на новиот револуционерен фетиш „диверзитет, еднаквост и инклузивност“.

Во САД, оваа индустрија била проценета на 3.4 милијарди долари во 2020-та, а се очекува до 2027-ма да порасне до 17.2 милијарди.
Иако ваквите корпоративни обуки треба да придонесат маргинализираните групи да се чувствуваат подобро во работните средини, малку што укажува на тоа дека тие навистина функционираат. Напротив, тие често водат кон зголемување на тензиите помеѓу вработените, актуелизирајќи ги етничките, националните и расните стереотипи.
„Не постои вработен што сака да слуша за тоа како е угнетуван или како е угнетувач заради бојата на својата кожа.

Плус, возрасните луѓе не сакаат да им биде кажувано што да мислат а тоа е причина зошто малкумина реагираат позитивно на програмите што имаат за цел да го сменат начинот на кој тие размислуваат,“ пишува Ребека Ваник.
И покрај тоа што се покажуваат како неуспешни, многу компаниии не се откажуваат од ваквите иницијативи. И понатаму ангажираат скапи надворешни консултанти, од кои најпознатите ги чинат компаниите и по десетици илјади долари за презентација, а некои институции имаат цели интерни оддели што се бават со овие прашања. Универзитетот во Мичиген, на пример, троши 18 милиони долари за оваа кауза секоја академска година.
Многу компании веројатно и не очекуваат особени резултати од ваквите иницијативи, и само се обидуваат да останат во тек со корпоративните трендови и се плашат од реакциите во јавноста доколку престанат. Се чини дека тоа во моментов е поважно од организациската ефикасност, што кажува многу за квалитетот на водството во приватниот и јавниот сектор.

„Разбуденоста не е толку популарна во општата популација како што корпоративните лидери си замислуваат,“ пишува Ваник.

Дизни и Викторија Сикрет, два гиганта што се во првите редови на фронтот на „диверзитетот, еднаквоста и инклузивноста“, неодамна ги отпуштија генералните директори заради намалените профити. И други индустрии може да научат нешто од ова.

„Раководителите бескрајно коленичеа пред каузите за социјална правда, верувајќи дека тоа ќе придонесе кон имиџот на нивните компании. Но кога тоа се мери во профит, морал кај вработените или иновации, изгледа дека оваа стратегија не функционира“, поентира Ребека Ваник од Спајкд.
Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *