Сутерен.мк

Светлана Антиќ – Јовчевска: Дневник за самоиспитување

-Издржете, стрпете се, најдете некои нови содржини, направете го тоа за што не сте имале време, згответе, детално исчистете и дезинфицирајте ги домовите, не трупајте храна! Ќе помине и ова „чудо“. Ќе ја победиме и оваа војна со невидливиот непријател што се настрвил како бесно куче… – препорачуваат стручњаците од сите можни медиуми. За на крај, сепак да признаат дека речиси ништо не се знае за смртоносниот вирус Ковид 19. Најважно е да имаме што помалку контакти со непознати луѓе, оти со познатите и со пријателите одамна ретко се гледаме во живо.

Според предвидувањата на стручњаците се уште сме на почеток на „седи си дома“, а мене веќе ми се чини дека ова долго трае. Премногу време имам за социјалните мрежи, за читање и гледање се и сешто, што веќе ми е здодевно. Здодевно гледам, им стана и на многумина та почнаа да пребаруваат по старите фото албуми и да поставуваат слики од пред најмалку една деценија.

Не ми се гледаат сликите, но меѓу тие неодамна избришани од прашина фото албуми најдов неколку роковници, нотеси, со тврди корици исполнети со дневни записи уште од пубертетот, адолесценцијата. Превртувајќи ги листовите на кои мастилото и по четири децении не избледело, нешто и прочитав. Од тие ситно или крупно испишани редови, зависно од расположението во времето кога со најблиските не се споделуваа младешките тајни, понекогаш ниту со другарките, сфатив дека сум ги опишувала чувствата во одредени моменти. Некои датуми се само со две – три реченици. Некои со по неколку страници. Ауу, колку многу молк имало за опис. Тоа ми беше доволно да ми даде сила, да пребарам по своето внатрешно битие за полесно да ја надминам оваа штотуку почната, а мене веќе здодевна самоизолација.

Во преполната глава со информации, небаре ќе станувам доктор на медицински науки, чинам дојде мигот да пребарам по мојата внатрешност, да го исчистам правот од неправдите кон мене, а и кон другите кон кои имав емпатија. Да го пронајдам решението за моето справување со ова што не снајде, оти сами ние, човеколики суштества помалку или повеќе учествувавме во создавање дисбаланс во овоземниот свет. Далеку сме од самосознанието. И јас лично. Но барем да почнеме. Секој почеток е тежок, а тишината се повеќе го освојува нашиот живот. Нашето турбулентно секојдневие.

Иако умеам да се самодисциплинирам, секоја забрана тешко ми паѓа. Не поднесувам ограничувања, уште помалку забрани. Дури и кога лекарите за подобрување на моето здравје, па и по хируршките интервенции ми велеа да се потсмирам, не до крај ги слушав. За мојата самонедисциплина се сетив на операцијата на очите во Белград, кога со темни очила за сонце сакав да шетам. Го стегав син ми за рака и де со едната, де со другата нога упаѓав и во најплитка дупка. А не издржав да не отидам и во ресторан, па сакав да пијам пиво и покрај силните лекови што морав да ги голтам три пати дневно. Син ми со право се лутеше и ме опоменуваше. Молчев тогаш и се потпирав на она што го чувствував.

Така, лека-полека се најдов во ризична група која треба да ги почитува мерките на надлежните, иако не сите се логични и не сите се донесени во консултација со стручњаци. Ако не наши, барем нека „препишат“ од странски. Нејсе!

Туку, ризични групи и во оваа состојба се создаваат, иако и без тоа многу ги има. Млади луѓе невработени или времено вработени, па сега оставени и без таа нередовна и мала плата. Родители со мали деца поради состојбата испратени дома, а ќе останат без средства за основна егзистенција. Најавување на економска криза, која пак најтешко ќе ги погоди најсиромашните. Болните. Инвалидите… Кругот на ризичните групи не се затвора уште од времето кога започна предолгата транзиција. Ни ги затвораа фирмите, останувавме без работа, без средства за егзистенција, без достоинствен живот, со понижувачки статус во општеството. Бевме прогласувани за технолошки, економски и каков се не вишок. На други места не не вработуваа затоа што не бевме „соодветни“, „подобни“, не бевме снаодливи, па кој ќе преживее може само да раскажува. Многумина не преживеаја. И пак кругот се врти.

Ковид 19 велат, треба да не направи подобри луѓе, луѓе кои со малку ќе се задоволуваат, повеќе време ќе посветуваат на најблиските, на семејствата. Или како што не тешат, она што нема да не убие ќе не оснажи. Кого? Најслабите? Тешко е за верување. Особено кога вирусот ќе „заспие“, а големите ненаситни очи на поединци ќе се отворат за надоместување на загубеното во бизнисот, за профитот, за докажување и покажување поени колку тие помогнале на општеството во вонредната состојба. И пак кругот ќе се врти, а природата ќе се мачи да воспостави баланс. До некој нов вирус и запирање.

-Намали со работа, му велам на син ми, а веднаш потоа се гризам за јазикот.
-Имам пациенти, не можам да ги оставам да умираат!, ми вели тој.
Се собирам во себе и како агностик му се молам на Севишниот да го чува и него и сите тие што мораат да работат и во вонредната состојба. Да сум на негово место, и јас така ќе се однесувам.
На последната страница од мојот дневник, напишана 1979-та година пишува „до следниот ден“. Без претпоставка дека денот е означен со Ковид 19. Во 21 век, кон крајот на март кога снежи како во декември.

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и три книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романот „Ликот во огледалото“.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *