Сутерен.мк

Зошто филмовите стануваат толку непотребно долги?

Парадоксално е – додека генералната моќ на концентрација и внимание опаѓа, па оттаму е логично публиката да сака да гледа нешта кои се кратки и незаморни, должината на играните филмови се зголемува. Статистиката покажува дека денес популарните филмови се 50% подолги од оние во 1930-тите

Дури и да не знаете што игра во моментов во кино, речиси сигурно тоа не е нешто што трае само саат и пол, како во добрите стари времиња. Оваа година публиката мораше да издржи подолги продолженија на франшизите за Индијана Џонс, Џон Вик и „Невозможна мисија“. За правењето на „Опенхајмер“ биле потребни 18 километри ИМАЏ филмска лента.

Најновиот филм на Скорсезе кој својата премиера ја имаше на 20 октомври, трае речиси три и пол часа, должина која е скоро двојна од просечниот филм минатата година. Дури и најагилните филмски љубители се мачат да останат концентрирани толку долго. Во текот на премиерата на Канскиот филмски фестивал во мај, некои гледачи задремале, а по проекцијата имало луда трка (и долга редица) за во тоалет. Кога гледањето на филм стана такво мачење?

„Економист“ анализирал над 100.000 играни филмови издадени на меѓународниот пазар од 1930-тата, почетокот на златното доба на Холивуд, користејќи податоци од филмската база на податоци ИМДб. Просечната должина на продукциите пораснала за околу 24%, од еден час и 21 минута во 1930-тите, до еден час и 47 минути во 2022 (графикон горе). Ова се чувствува најмногу кај блокбастерите – од десет најпопуларни наслови, просечната должина се зголемила на околу 2 и пол часа во 2022, речиси 50% повеќе отколку во 1930-тите. Ова влијае врз голем број аспекти, но особено врз кино-прикажувањата, бидејќи долгите филмови значат шанса за само две претстави по вечер, што резултира со помал профит за кино салите.

Должината на филмовите на големото платно се поврзува со желбата на студијата да „напикаат“ повеќе материјал од нивната скапа интелектуална сопственост во еден производ. Надежта е дека еден спектакуларен, долг филм ќе ги извади гледачите од дома, од пред малите екрани и од одењето во кино ќе направи „настан“.

Истовремено, славните режисери сè помалку сакаат да бидат ограничувани со време. Кој може да му каже на господин Нолан да си го скрати ремек-делото? Стриминг сервисите, кои не мора да се грижат за краткоста бидејќи гледачите можат да го паузираат филмот кога сакаат, можат на овој начин да привлечат големи имиња со длабоки џебови и да им ветат креативна слобода. „Убијци на цветната месечина“, по кино-премиерата, дебитира на ЕплТВ+. Нетфликс го финансираше и го прикажа исто толку долгиот „Ајришмен“ на Скросезе од 2019, филм кој веројатно ќе имаше корист од одлучен монтажер.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *