Сутерен.мк

Идеална бројка

Имам една ќерка и со сопругот сме бескрајно среќни со неа. Ама тој ти читал нешто на интернет и као сфатил дека семејствата со едно дете се понесреќни од другите. Јас мислам дека сака машко, тој ја обожава ќерката, но неговите родители стално дрдорат како треба да има син, а не дека навистина му е до поголемо семејство. Ние реално, не ни можеме да имаме повеќе деца заради финансиски причини.

Лена, 34, Скопје

Лена дарлинг, иако звучи бизарно, но медицинските експерти во Русија пресметале колкав е идеалниот број на деца што едно семејство треба да го има и тоа, веројатно, го прочитал и вашиот сопруг. Според овие, надобудниве наводно, од бројот на потомството директно зависи дури и здравјето и животниот век на родителите!? Да се чудиш!

Од тоа чудење јас не ни одам на лекар: таман ти рекле ова и ова е корисно, следниот ден веќе не важи терапијата! (Ако докторот евентуално, од откривањето на пеницилинот е информиран дека се смениле некои работи во меѓувреме.)

Значи, одржувањето на „нормалната“ демографска ситуација во една земја е возможна единствено, ако секое семејство има по три деца, што пак, реално е многу лесно изводливо, а никој во основната и пошироката општествена клетка да не биде со претерана грижа на совест.

Има логично објаснување за ваквото „производство“,ама, ако го образложам ќе треба да им ја земам платата на „државните“ маркетиншки агенции.

Меѓутоа, оваа бројка е идеална за државата, но за базичната ќелија (вие и сопругот) совршенството е две деца. Без разлика на полот. Така тврдат Британците и Норвежаните (и споменатите Руси, но колебливо), а нив богами, треба да им се верува. (Особено, што во истражувањето учествувале 1,5 милиони луѓе!) За родителите да имаат стандардно здравје, децата соодветно опкружување, заедницата пристојна статистика…

Локалната традиција пак, вели, кога е веќе едно дете во прашање, „подобро“ е тоа да е женско зашто од секогаш било „од кај ти е жената, од таму ти е родот“. Жените овде, имаат совршена „одмазда“ за сиот патријархарт: своите деца, сопругот, темпото на живот, моралот го подредуваат на роднините по својата крвна линија, а не по онаа на „странците“ – свекорот и свекрвата. Лозата значи, ни се допаѓало тоа или не, т.е. одржувањето на генетиката е во рацете на ќерката, а не на синот.

Машките потомци едноставно, испаруваат во морето на женските врски на планетава. Презимињата притоа (освен, ако не се презива некој Рокфелер, што по автоматизам е привилегија) не значат, ама баш ништо! Мислам навистина, на кој просечен адолесцент (а и средовечен) му е гајле дали е Георгиевски, Наумовски, Најдовски или Петрески, ако не му се задоволени основните социјални потреби!?

Еден бодигард, кој имаше една ќерка, еднаш го прашав зошто нема повеќе деца, а тој ми одговори:„Подобро едно среќно, отколку дузина несреќни.“ Така рече телохранителот.

Јас велам, имајте онолку деца, колку што можете да одгледате. А чии се, сами ќе одлучат. Со ваша помош…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *