Сутерен.мк

Како ги поднесуваат раскинувањата?

Овен

Страда многу повеќе и подолго отколку што покажува. На прв поглед припадниците на овој знак изгледаат како пет пари да не даваат дека некој ги напуштил, но вистината е дека боледуваат долго и многу! Ќе се повлечат и којзнае дали воопшто и ќе кажат некому за длабоката рана. Меѓутоа, не ги потценувајте! Онаа прикаскана дека некој за инает изел вреќа сол, па пукнал од вода пиење е таман како за нив измислена: само и ако намирисаат дека им ја потценувате или не дај боже, исмевате болката, бидете подготвени на најсурова одмазда – ѕрцките ќе ви ги вадат во секоја можна прилика! Е сега, откако ќе им помине драмата, доживуваат тотална амнезија – нит името нема да ви го запомнат, а камоли нешто друго! Овенот не ве заборава, Овенот ве брише – со солна киселина.

Бик

Биковите го ценат мирот и удобноста на долгите врски. Многу добро ќе размислат пред да одлучат да го прекинат односот со партнерот. Доколку постои и најмала ситница што може да ја одржи релацијата во живот, тие ќе останат. Не се глупави, мрзеливи се. Конформисти. Добро и коркачи… И многу си сакаат да си бидат сигурно згрижени. И спори се. И… Е, ај сеа! Епа шо, ај?! Дека се онака, најзагајлени за себе потврдува и тоа дека, ако се случи „најлошото“ т.е. раскинување на љубовната врска, тие не чекаат многу – многу за да влетаат во нова, па макар и на сила да мора да создадат имиџ на урамнотеженост и хармонија! Вистината е дека колку се понетокму, толку повеќе инсистираат на имиџ на „нормална“ врска во јавноста.

Близнаци

Колку и да глуматараат, ова се најповршните знаци што се однесува до љубовните врски. Не им чуе ни да ги оставите сами на сред автопат, дури истура пороен дожд! Колку и да зборуваат дека им е тешко, тие имаат неверојатна способност многу брзо да заборават се грдо што им се случило и да продолжат понатаму, како ништо да не било. Всушност, тие не ни прават пауза за преболување: штом им влета некој нов, интересен во нивниот видеокруг, започнува новото освојување. Ни Б нема од претходната болка! Она што е најфасцинантното за Близнаците е што без исклучок (доколку тоа го сака и другата страна), остануваат во пријателски односи со сите бивши?! Просто, неверојатно. Па уште и ќе ви држат предавања дека е тоа најпаметниот начин т.е. дека тие се многу подобри луѓе од вас.

Рак

Овие плачковци тагуваат поради прекинатата врска долго и искрено. Кога ќе им се распадне љубовната двојка, Ракот има чувство дека му е разрушен целиот негов свет и дека тој никогаш повеќе нема да биде составен! Алапачи во принцип, ни оваа прилика нема да ја пропуштат на сите да им раскажат колку лошо се чувствуваат и да го бараат сето сожалување што може да им се даде. Секако, никогаш нема да признаат дека и тие сносат барем дел од вината за распадот. Секогаш, предавникот е другиот! Сепак, единствено што може да му го олесни страдањето е нова симпатија која ќе покаже разбирање за состојбата на неговата душа. Постојано нагласувајќи и дека никогаш нема да простат неверство. Колку и да се патетични, овој знак има луда среќа, па често и остануваат новосретнатите покрај него во ваквите ситуации. Сепак, не за долго…

Лав

Лавовите тешко ги покажуваат своите чувства, така што ретко ќе дознаете и препознаете колку многу сте ги повредиле. Едноставно, тоа за нив значи немање самопочит. Бидејќи суетата најтешко се лечи, тие штом почувствуваат и најмала назнака дека крајот се ближи, ќе побрзаат да го напуштат партнерот, пред тие да станат напуштените. Значи, ако сакате да ги раните и тоа длабоко, напуштете ги без никаква најава, најнеочекувано! Има да се патат до изнемоштеност. Поинаку, само вие ќе изгубите од имиџот. Барем во јавноста. Патем, не се злопамтила, така што лошите искуства нема да им ја уништат вербата во љубовта. Ќе се опорават веднаш штом ќе си ја нахранат својата суета. Што ќе рече, не се баш ни за жалење…

Девица

Иако сакаат да се претстават за такви, Девиците не се баш емотивни, но цврсто се врзуваат за луѓето и тоа е всушност, причината што тешко ги поднесуваат раскинувањата. Всушност, прекинувањето на интимните релации тие ги доживуваат многу лично: како да им се руши кулата што тие ја граделе со своите две раце и кофи пот, а промената на дотогашниот животен простор, круг на пријателства, движење, како личен неуспех. Доколку сакате да ги напуштите со што помалку трауми за нив, подготвувајте ги постепено и не пропуштајте прилика да се обвините себеси, како неспособни, асоцијални, некомпатибилни…  За да преболат, потребно им е малку време… Девицата ќе си ги собере мислите, ќе си ги нареди коцките и ќе продолжи понатаму. Рутината е она што овој знак го одржува во живот. Секако, покрај рибањето на плочките во купатилото со четката за заби.

Вага

Вагите не сакаат расправии, препирања и да им се мешате во нивните работи. Што е право, ниту тие не ви се мешаат во вашите. Сакаат хармонија, почит и колку се може взаемна автономија, па штом почувствуваат дека работите излегуваат од оваа рамнотежа, сами што побрзо ќе ја прекинат врската. Вагите се хедонисти во разумни рамки и мазохисти во никакви рамки. Значи, овој знак сака да ужива и за нив љубовниот однос има смисла се додека е уживање. Ако стане напорно, напуштаат без предомислување. Површни? Не. Само реални. (Впрочем, не за џабе се единствените во Зодијакот што се – предмет!) А од романтичните разочарувања се опоравуваат брзо – многу им помага нивната страст за кокетирање. Така што, ич не се за мислење…

Шкорпија

Овие бидејќи се тотални лудаци и опоравувањето им е тотално лудачко: многу тешко и болно ги доживуваат разделбите! Деноноќно ќе анализираат што, кога, како и зошто се случило и тоа баш токму ним?! Ништо не им изгледа ниту нормално, ниту човечно, ниту дел од животот. Катастрофа е се! Па кога ќе почнат со рекапитулации од Илинденско востание до тоа кој ќе патува со Џеф Безос во вселената и влијанието на овие настани врз нивниот емотивен живот… Иха! Ела, фати им го крајот! Не заборавајте дека Шкорпијата никогаш не е виновна, туку дека вие сте најголемиот бедник, кој ете таа, имала несреќа да го сретне. А ќе преболи криејќи ги чувствата, со шегување на своја сметка (не и вие на нејзина), а многу можно е и љубовниот бродолом никогаш и да не го заборави.

Стрелец

Овие егоцентрици нит им е гајле, нит имаат намера да им е гајле за било какво раскинување во нивниот живот! Всушност, тие што се покрај нив подолго време, се на инсистирање на другата страна, а не на Стрелците. Ако Стрелците се прашуваат, можат постојано да живеат по системот„влези – излези“. Лесно ќе го преживеат секое раскинување, но сакаат да „глумат“ чат – пат депресија. Не им верувајте, ама ич! Тие сепак, мислат пред се, само на својата среќа и сите останати се во служба на истото. Ретко кому ќе дозволат да ги повреди, а и ако се случи саканата личност да ги остави, се ќе направат, па и да бидат прогласени за најгњаватори на светот, за да ја вратат назад! Тоа им е од еготриповите, не од нешто подлабоко. Не дека не се способни за љубов, туку не се трошат на другиот…

Јарец

Срамежливи. Тешко пронаоѓаат адекватен партнер. И кога конечно, ќе го најдат нема шанси тие први да ја прекинат врската. Грешни се, но и простуваат гревови. Релативно лесно е со нив да се живее, ако можете да им ги простите повремените испади. Сепак, доколку дојде до прекин на врската тешко дека со некого ќе ја споделат својата тага. Помило им е своите кризи да ги решаваат во тишината на четирите ѕида. Јарците лесно се егзалтираат и им треба повеќе време за да го раздвојат каколот од житото. Кога ќе им се случи раскинување ќе се осамат и ќе размислат за се. Кога ќе се опорават ќе преминат на нови животни подвизи. Поучени се од сопствените грешки, но импулсите тешко можат да си ги контролираат.

Водолија

Водолиите се бог да чува од личности кога се во прашање љубовните врски и така се однесуваат и така би требало и останатите да се однесуваат кон нив – како кон бог да чува! После секое раскинување тие бескрајно ќе анализираат се и на секој и најмал детал и од сите можни агли и да, ќе прифатат и свој дел од вината, но она што е најголема штета (најмногу по нив е што никогаш тие свои елаборации нема да ги изнесат јавно односно, нема да и признаат на другата страна дека е во право) е што се ќе преќутат и нема да кажат ни збор за својата загуба. Водолиите иако, се претставуваат т.е. премолчуваат дека се поинакви, никогаш не забораваат и не простуваат. Ако сме искрени, во суштина се многу задрти, старовремски или по ново – бумери до смрт!

Риби

Припадниците на овој знак, веќе на сите ни е јасно, се збунети, чувствителни, изгубени и бескрајно наивни личности. Кога ќе дојде крајот на љубовта, за нив доаѓа крајот на се! После раскинувањето за Рибите следи долг период на прифаќање на новонастанатата ситуација и идејата дека се напуштени. Потоа доаѓа епоха на плачење во друштво на сродната душа. А тоа трае и трае… Нема лик од оперите кој може да им парира во вакви ситуации. Тие се главните јунаци и хорот во грчка трагедија истовремено! И после часови и часови поминати во разговори со пријателите и најблиските (а богами не да се зборлести!) можеби и ќе стане збор за некаква си рехабилитација. Пропаднатата нивна љубов ќе се влече всушност, со месеци како монолог пред секој со основна култура на слушател…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *