Сутерен.мк

Колебливо мајчинство

Пет години сум во брак, но се уште немаме деца иако, сопругот се повеќе инсистира на тоа. Проблемот е во мене, не е физички туку психолошки. Не сум сигурна дека сакам дете. Ми е страв дали од самата помисла за тоа. Ми е страв од се што ќе следи потоа. Вработувањето не ми е сигурно, немаме свој стан, а ни многу слободно време. А годините поминуваат. Веќе имам 36, а јас се уште се премислувам. Се плашам и дека бракот може да ми се распадне заради мојот неинтерес за раѓање. Веќе почнуваат кавги меѓу мене и сопругот. Понекогаш мислам дека не сум нормална.

Јасна, Прилеп

Јасна дарлинг, многу од жените имаат вакви дилеми, но не ги кажуваат јавно. Без секирација, сосема сте нормални и како такви, најважно е да постапите онака, како што вам најмногу ви одговара.

Точно е дека со годините за некои работи во животот стануваме престари. Една од нив е и родителството, но тотално погрешна е одлуката за мајчинство токму од тие побуди. Желбата за дете треба да биде искрена, цврста и пред се, ваша. Треба и да се признае дека колку и да притискаат традиционалните норми, некои жени едноставно, никогаш не чувствуваат потреба да станат мајки. И тука нема ништо ненормално! Важно е да се препознаат своите вистински желби.

Родителството е најтешката и најубавата работа на светот. Никој, ниту еден маж, пријател, партнер не може да ви пружи толку љубов и среќа колку детето. Меѓутоа, само кога тоа е искрено посакувано. Секако дека, ако се има стабилен животен сопатник, сигурни материјални примања, одлуката ќе биде многу полесна, но тоа не е пресудно за да се има хармонично семејството.

Стравовите се о.к., но искрено, најчесто, тие се користат како оправдување за неподготвеноста личноста да се одрекне од комоцијата зашто, проширувањето на семејството носи базични промени на дотогашниот начин на живот. Финансиската стабилност е важна, но не и пресудна. Често децата од сиромашните семејства се многу посреќни отколку оние кои имаат се.

Битна е и таа сопственост на квадратните метри, но топол дом не прават големите салони и скапите дрангулии туку чувството на сигурност и љубов. Детето треба да дојде во мирна околина, во добра врска зашто наспроти „општото“ мислење породот нема да го поправи бракот туку напротив – ќе ја влоши состојбата уште повеќе.

Едноставно, вниманието на партнерите веќе не е насочено еден на друг туку кон приновата и, ако односите се разнишани тие лесно ќе се разрушат. Дури и во многу складните релации бебето го протресува тлото иако, откако ќе помине тој период на прилагодување многумина потоа се прашуваат како воопшто живееле пред да се роди!?

Освен тоа, треба да занете и дека младите мајки често се изненадени кога од болница ќе се вратат дома со новороденчето и кога тоа ќе почне да плаче, а тие не можат да ја препознаат причината. Дури тогаш, соочени со конкретна ситуација, им станува јасно дека „мајчинскиот инстинкт“ е обичен мит. Да се биде мајка треба да е трезвено, одлучно решение. Зашто тоа е доживотна и најодговорна обврска во вашиот живот.

Не постои правило за исполнет живот. Меѓутоа постои за спротивното. Несреќно е битисувањето кога одбираме пат кој не е во склад со нашата природа. Сеедно дали е тоа мајчинството или животот без деца…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *