Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Кога “експертите“ ти судат!

Досега се напишани многу анализи за добрите и лошите страни на социјалните мрежи. Лично мислам дека со повеќето забелешки сите ние се согласуваме, особено за оние негативните, но продолжуваме да ги користиме овие платформи, пред се поради тоа што истите станаа дел од нашето секојдневно живеење, или што би рекла една моја пријателка, без фејсбук нема да знам каде има попусти или што ново и тајно се случило на работното место, или кај соседите. До таму е стигната работата. Оваа платформа кај нас стана официјален офис на кодошите, кои имаат обврска да гледаат кој на кого му стиснал лајк и да пренесат таму каде што треба, потоа само тие да видат “говор на омраза или насилство во зборовите“ и да пријават за истото некоја личност што ги нервира, да прикажат што ручале денес, или евентуално до каде стигнале со затегнување на телото во теретана. Со еден збор се што некогаш се правело пред коперација.

И тоа не е така страшно. Народ сме што сака да види се, да коментира се и да има став за се. Но, мислам дека во последно време од сите овие нај јаки квафалификации, несомнено се издвојувава квалификацијата експертското милење. Секојдневно можеме да прочитаме “експертско мислење“ за одреден вид на исхрана, препарати за козметика и нивна употреба, за одреден филм, за некоја јавна личност што и фали, дали и недостасува нешто, за нечиј стајлинг…за политика и политичари ич муабет да не правиме. Тие се секогаш на тапет. Но, она што најмногу ме изненади е реката “стручни“ коментари на фејсбук за едно момченце кое јавно изјави дека не сака да јаде грашок. Момченце кое е дел од извидници, и кое многу искрено зборуваше за тоа како го разбира извидништвото, што сака да јаде и како го замислува поинаку местото на кое во моментот се наоѓаше. Момче чие интервју го гледаа сите неколкупати, пред се поради спонтаноста во одговорите, неговата симпатична физиономија, гестикулација што ја правеше додека зборуваше, но најмногу поради искреноста, која едноставно пленеше. Толку чиста искреност која ретко можеме да ја видиме кај некои други деца, бидејќи добар дел од нив на памет го кажуваат она што некој друг им го напишал.

Ако ова момченце беше од некоја друга држава малку е ако кажам дека веднаш ќе беше ангажирано од некое филмско студио. Но, за несреќа е од Македонија, каде како што впрочем и се очекуваше, по интервјуто се јавија еден куп фејсбук експерти кои го анализираа неговиот говор, за на крај да заклучат дека детето не се храни здраво и дека родителите сериозно треба да поведат сметка за неговата исхрана. Каква будалаштина! Каков идиотизам! Од коментарите на таканаречените експери за се и сешто научивме дека кај нас не смее да се случи нешто симпатично, убаво, нешто што ќе не насмее до солзи, нешто што ќе ни го разубави денот. И ако случајно е такво, мора да се претвори во пепел, да се унакази, да се избербати, затоа што групата експерти очигледно не знае поинаку освен да критикува, да наоѓа мани, забелешки…

Дали за тоа се виновни социјалните мрежи? Не. Тие само со поголема брзина ни соопштуваат во што се претвориле нашите сограѓани денес. Во ситни души. Мрчатори, кои заборавиле да се смеат, да ја гледаат радоста. Се превориле во машини за оцрнување, ботови спремни за караница, злопамтила чија љубомора ги јаде од внатре секојдневно. Луѓе кои создале живот на основа на љубомора и завист и без која веројатно веќе не можат да живеат. Коментарите на интервјуто на ова момченце го покажа сиот гнилеж во општеството, во кое треба да растат и да се образуваат децата и младите.Од тука не се прашувајте зошто младите ја напуштаат државата. Не.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *