Сутерен.мк

На просечно семејство му требаат 1 000 евра месечно

На просечно четиричлено семејство му се потребни 57.476 денари за да го врзе најкусиот месец во годината, под услов да има сопствен дом. Доколку живее под кирија, износот, кој се смета за минимален, расте на 72.851 денар.

Ова се пресметките направени од Сојузот на синдикатите, во кои, вообичаено, најголемите месечни трошоци се за храна и пијалаци. Во февруари зафаќаат 36,9 отсто и чинат 21.219 денари. Според висината на износот од 7.022 денари, на второто место е образованието, кое во структурата на кошницата учествува со 12,2 проценти.

Дури потоа следуваат станарината, сметките за струја, вода и греење, односно режиските трошоци – со 6.014 денари (10,5%).
Износите за транспорт и за облека и обувки се речиси изедначени – 4.956 (8,6%), односно 4.902 денари (8,5%).

Во месечните потреби на просечно семејство од четири члена се и рекреација и култура со 4.245 денари (7,4%), комуникации со 2.473 денари (4,3%), лична и хигиена во домот со 1.797 денари (3,1%), здравје 1.115 денари (1,9%)…

Има и други трошоци, но дали има пари за нив? Со минималната плата од 20.175 денари, тешко. Или, ако и двајцата родители работат за минималец, тогаш во домашниот буџет има прилив од 40.350 денари. Што значи кусок од 17.126 денари. Ако, пак, се кираџии, сите потреби во месецот не ќе можат да ги решат без три и пол минимални плати.

Нешто е подобра состојбата ако математиките се прават со просечната плата од 38.843 денари. И тоа, доколку имаат стан или куќа во сопственост. Во спротивно, парите ќе им бидат доволни само за намирување на најосновните потреби, односно од двете плати ќе им останат нецели пет илјадарки.

Споредено со минатиот месец кога синдикалната кошница изнесуваше 57.163 денари, актуелната е поскапа за 313 денари.

Од декември ССМ ги прави пресметките според нова методологија за утврдување на минималната синдикална кошница, во чија структурата се содржани 11 ставки.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *