Норвешки научници објавија големо откритие за слабеењето кое покажа дека луѓето што брзо губат килограми постигнуваат поголемо губење на тежината од оние што ги губат килограмите постепено, како и дека е поверојатно дека ќе ја задржат постигнатата тежина по една година. Ова истражување ја доведува во прашање долгогодишната претпоставка дека постепеното слабеење е подобро за долгорочни резултати, сметаат истражувачите.
Студијата, презентирана на Европскиот конгрес за дебелина во Турција, директно му противречи на конвенционалното мислење дека побавното губење на тежината е подобро за трајни резултати.
Истражувањето, објавено на Европскиот конгрес за дебелина, ги процени ефектите од програмата за брзо губење на тежината во споредба со програмата за постепено слабеење. Експерти од Норвешка ги испитаа податоците за 284 дебели возрасни лица кои беа поделени во овие две програми.

Во програмата за брзо губење на тежината, која траеше 16 недели, внесот беше ограничен на 1.000 калории од првата до осмата недела, 1.300 од деветтата до 12. недела и 1.500 калории од 13. до 16. недела. На групата во програмата за постепено слабеење ѝ беше наложено да го намали внесот за 1.000 калории дневно, додека учесниците од таа група сами пријавиле консумација од околу 1.400 калории дневно.
Според британската Национална здравствена служба, на просечен маж му се потребни 2.500 калории дневно, а на просечна жена 2.000. По 16-неделната фаза на слабеење, двете групи учествуваа во идентична 36-неделна програма со цел да се спречи враќањето на килограмите. Истражувачкиот тим утврди дека во текот на почетната 16-неделна програма групата со брзо губење на тежината изгубила значително повеќе телесна маса од онаа со постепено.
Учесниците во првата група изгубиле 12,9 проценти од вкупната маса во споредба со просечните 8,1 проценти колку што изгубила групата со постепено губење. По една година оние во групата со брзо губење на тежината изгубиле 14,4 проценти, додека оние во постепената група изгубиле 10,5 проценти.
– Испитаниците што учествуваа во структурирана програма за брзо губење на тежината имаа значително поголемо губење на килограмите по една година – истакнаа авторите на истражувањето на чело со д-р Лине Кристин Јонсон од Одделот за ендокринологија, дебелина и исхрана во Вестфолд хоспитал траст, Норвешка.
– Овие наоди укажуваат на тоа дека кога се спроведува во контролирана и стручно надгледувана средина, брзото губење на тежината може да биде поефикасен метод од постепеното слабеење за постигнување на клучните цели за телесната маса кои се поврзани со намалените здравствени ризици предизвикани од дебелината – заклучија истражувачите.