Сутерен.мк

Осамена иднина

Имам 43 години и неодамна го изгубив во сообраќајна несреќа човекот кој беше љубов на мојот живот и кого го сакав пет години. Не можам да се помирам со загубата, со тоа што толку многу ми недостасува, што едвај чекам да заспијам за да го сонувам.

Премногу сум тажна, осамена, напуштена и на моменти дури и гневна. Како да се справам со сите овие чувства?

Несреќна

Несреќна дарлинг, ви се чини дека и нема крај на тагата и дека нема начин да се излезе од таа очајна конотација. Меѓутоа, треба и мора да се најде вратата за излез зашто во спротивно, ќе останете со убави спомени, но без личност на која ќе може да се потпрете, да и се доверите, да ве прегрне и утеши…

Што е најстрашно, ако не преземете нешто, ако се навикнете на таа состојба на апатија, постои веројатност, такви да го дочекате и крајот на својот живот. А тоа не го сакаме, нели?!

Едно време секако дека треба да поминете во одболување на загубата – тоа е најмалку, една година. Брзината на опоравувањето зависи и од степенот на блискоста со личноста што сме ја изгубиле и дали тој губиток бил очекуван или не.

Најмногу би рекла, оздравувањето (да, тагата е болест) зависи од нас самите, од нашиот потенцијал како личности – како се справуваме со стресот и кризите, поддршката што ја имаме од околината, но и од себе самите т.е. колку сме самостојни и зрели.

Важно е да се напомене дека процесот на опоравување (кој всушност, никогаш не ни завршува при многу болни загуби) не значи и крај на тагувањето. Треба време, а за жал, времето е она што најмалку го поседуваме…

Како и да е, не размислувајте ни по периодот на „официјална“ жалост на нови врски и средби туку посветете се себеси, правејќи го она што вам ви годи, но што не е врзано за споменот на саканиот. (Барајте нови интереси, занимации што нема да ве потсетуваат на минатото.)

Со време ќе се чувствувате се подобро и подобро, но, ако веќе запне, ќе мора да побарате стручна помош зашто бесмислено е остатокот од животот да се помине во чувство на напуштеност.

Велат, мртвите со мртвите, живите со живите…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *