Сутерен.мк

Вонбрачни небулози

Имам 32 години и не сум мажена, а очигледно и нема да се омажам. Би сакала да си родам дете и тоа без да му кажам на таткото. Детето го сакам само за себе, а не за статус и придобивки. Не би му кажала на „донаторот“ дека ќе родам, во тоа сум сигурна, ама што вие би ми препорачале? Мислам, зошто би се ставала во ситуации на некакви договори, кога не морам?

Ена, ЕКВ

Ена, ЕКВ дарлинг, вие можете не едно туку, десеттина деца да изродите без да им кажете на нивните татковци. Во западниот (и „цивилизиран“, нели) свет, секоја втора жена има вонбрачно дете. И тоа не од еден татко, туку ги има едно 5 – 6 од сите „континенти.

Мислам, раѓајте, кој ви брани? Меѓутоа, пред тоа треба да си дадете одговор на многу прашања.

Кој ќе го чува тоа дете? Вие сами – тешко, родителите ви ваши – уште потешко, државата – ич!

Дали со вашата плата можете да се издржувате себеси и детето? Кому ќе го доверите на чување кога ќе се разболите или мора да отпатувате некаде?

Дали за одредени болести треба да го и прашате таткото – сепак, тоа ги носи и неговите гени?

Дали сето тоа е фер кон детето? Да расте без татко, без да знае кој му е татко, дека е само производ на инстинкт, а не и на љубов, релација меѓу двајца?

Во ред ли е мајката на детето однапред и свесно да му го скрати правото на целосно семејство и присуство на таткото? Од каде ви е дрскоста да злоупотребите нечии гени за лични желби?

Што ќе се случи кога детето ќе посака да го запознае својот татко? Што, ако пред тоа, ја „запознае“ својата сестра/брат не знаејќи за роднинските врски? А вакви, какви што сме стуткани на стотина квадратни метри, огромна е веројатноста за такво нешто.

Ви го разбирам инстинктот и потребата за раѓање, но подобро е тоа да го направите во договор со некого отколку инкогнито, правејќи се „наудрени“. Така не е праведно кон никого. Па ни кон себеси…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *