Сутерен.мк

Приказната на Украинката Светлана од Карпош

Светлана Георгиевска Калач потекнува од Украина, но љубовта ќе ја донесе во Скопје, но кога саканиот ќе го напушти овој свет таа останува на улица заедно со своето дете. Сега спие во дуќанот каде што работи…

Георгиевска потекнува од Одеса, но пред 30 години доаѓа во Македонија и кога ќе ја прашаат, вели дека имала среќен брак и единствен недостаток на бракот бил тоа што траел кратко.
По два месеца од смртта на сопругот таа со детето ќе се најде на улица, без поддршка од најблиските, па така своето засолниште ќе го пронајде во дуќанот во скопската населба Карпош 4, каде што го вади лебот и се уште престојува тука.
– Со сопругот многу се сакавме и имавме големи планови, пред да си замине на другиот свет тој работеше во Црна Гора, па планиравме и да се преселиме таму.

– Со свекрвата уште од првиот ден не се согласувавме едноставно, таа не ме сакаше, живеевме во заедница со свекорот, свекрвата и деверот. Па, откако почина маж ми, јас едноставно, станав вишок, куќата беше на име на деверот. После два месеца, се иселив и тие пари што ми ги остави сопругот отидоа на кирија за пет години. Детето имаше 13 години кога го изгуби татка си, јас морав да бидам храбра и да не покажам слабост пред него иако бевме во неизвесност.

– Едноставно морав да прекинам со киријата, немав приходи. Поради вирусот останавме без работа и морав да се преселам во овој дуќан за кој секако плаќам кирија. Се перам и бањам кај пријателки, а за храна се снаоѓаме некако, купувам нешто од маркетите. Овде, единствено чај или кафе можам да сварам.

– Имам онколошки проблеми, имав операција, но повторно докторите велат дека не ми е добра ситуацијата… Ако се разболам, ќе останам без денар, ќе завршиме покрај контејнери. Ми доаѓаат секакви мисли и оние најцрните, да не се мачам повеќе, само тоа што го имам син ми ме одржува во живот. Не се смеам воопшто, сум заборавила како изгледа тоа – вели Светлана низ солзи пред камерите на емисијата ,,Срце на Дланка” на Алфа ТВ.

Сите кои сакаат да му помогнат на ова семејство, тоа можат  да го направат на телефонскиот број 070/587 727 или на жиро-сметката  200002542315187 Стопанска банка, Светлана Георгиевска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *