Сутерен.мк

Светлана Антиќ – Јовчевска: Тонка

-Многу ти благодарам за се. Но, те молам, остави ми го скапиот шампон. Додека можев да излегувам само таков купував. И на телевизија го рекламираат. Ако можам и сама ќе се капам со него.

Ми рече мојата Тонка на нашата последна разделба. Не можеше да потстане од креветот и да ме испрати до излезот. Во нејзините крупни зелени очи заблескаа кристали, а грчевите на за годините неизбрчканото лице ми удрија болен печат во душата. Како да ни е последна разделба. Чувствував дека не е, зашто последните неколку години речиси секоја средба и разделба почнуваат и завршуваат исто или слично.

Староста како една од најтешките болести секој миг и одземаат поголем дел од свеста, а под неа телото станува потешко за движење во извршување на основните потреби. И додека како тркала заглавени во кал, таа шлајфува со јазикот раскажувајќи доживувања преточени во приказни, со дијалози и имитации на сега веќе, упокоените роднини и пријатели, јас читав книга.

Се обидував да одбегнам, да се отргнам од она што по кој знае кој пат го слушам. Знаев однапред и што и со кого расправа. Под дебелите стакла на очилата ќе поткраднев по некој кус поглед и ќе забележев дека нејзиното зеленило како од два малку заматени планински извора се разлеваат некаде во далечина. Во минатото за кое што прилично знаев дека и било тешко и мачно, а таа силна, или барем мене така ми излгедала.

Со саати расправаше, а јас голтав букви и редови од страниците за нечии туѓи маки и несреќи, за незнајни луѓе од 19-от век. Спонтано ќе се свртеше кон мене, можеби кога свеста ќе и испливаше од дупката и ќе ѕирнеше во сегашноста, та ќе ме потпрашаше што читам и зошто си го дорасипувам и онака ослабениот вид. Молкум продолжував да ги вртам страниците од старата книга, оти знаев дека што и да прозборам таа нема да ме дослушне. Не знам како таа веќе се надоврзуваше на она што не го изустив.

-Цел живот дремеш над книгите. Барем некоја полза да имаш од тоа. Читаш за туѓи судбини и се вознемируваш, или бегаш од себе… Можеше една страница да напишеш за мајка ти, на мајчиниот јазик. Да им оставиш на внуците спомен за прабаба им дека имала некој свој јазик. Јазикот ти ги открива корените и тебе и на твоите потомци. Преку јазикот ги почитуваш и ги оставаш незаборавени претците. Убаво е човек да знае повеќе јазици, за толку луѓе вреди, ама само еден е мајчиниот.

Ќе ме опоменеше со ист тон и иста интонација, без прекор, така како што со воедначена фреквенција ги водеше дијалозите со отсутните.

Ја спуштив книгата на масата, се фатив за цигара и молкум се џарев во неа, пребирајќи по зборовите што поедноставно да и одговорам. Да биде задоволна, ама и до неа да допрат. Ако е можно и да се закачат за делот од мозокот кој сеуште не е изрешетан од болеста.

-Е како да пишувам на мајчиниот јазик кога не сум сигурна дека го знам правилно? Секој ден по нешто му менуваат. Сега ли ти текна за тоа? Сакаш ли да ми се смеат?

Се обидов да ги развлечам усните во блага насмевка. На разговорот да му додадам некаква лесна тонација. Не ни бев сигурна дека ме слушнала, иако зеленилото од поточињата се собрало и веќе беше вперено кон мене.

Таа ме слушнала. Ги развлече беззабите усни во горчлива, тажна насмевка (оти вештачките заби одамна не ги поднесува и грижливо ги чува за ковчегот со кој ќе тргне на последното патување. Тогаш, демек треба да бидат чисти и неистрошени. Ха! ). На моја вчудовиденост утешително ми одговори:

-Еее, сега па ич не се знае што е правилно,а што не е. Па и тој што пред сто години ја пишувал книгата ништо ли не згрешил! ( Потскокнав од столот, оти вистина на мое изненадување имаше неколку печатни грешки.) Таа се насмеа гласно и промрмори дека мајката се почитува и ако го знаеш нејзиниот јазик. Затоа се вели мајчин. Тоа е првиот јазик што ќе го слушне детето штом ќе се појави на овој свет. Потоа следат другите навики и уки, кои може да ги стекнува во животот.

Молкум длабоко го вовлекував чадот од цигарата кога забележав дека веќе догорела до филтерот. Се нешто ми недостасуваше од тој никотин и катран, па по навика сум се фатила за друга цигара, втренчено гледајќи во неа.  Таа само одмавна со полусвитканата рака и по недоброј пати покажувајќи го своето негодување за моето пушење „Пуши,пуши, уништувај си го и онака рѓосаното здравје!“, прошепоте како за себе.

-Знаеш ли што, пред да не разделат со граница желба ми беше да почивам во иста дупка со мајка ми. Мислев ако не ме гушнала на овој, да ме гушне на оној свет. Потоа се помирив со судбината, па си велам, земја е земја, а душата не влегува во неа. Таа се лелее низ воздухот, та се надевам дека ќе ја однесе ветерот кај мајка ми.

Зеленилото од нејзините очи повторно заталка некаде, а мене ме „нападнаа“ недоброј слики од нејзиниот живот. Архивата од подрумот ме заплисна со студенило. Вртлози ми минуваа низ главата, наспроти мојата воља.

Сираче кое никогаш не ја видело својата мајка, а две туѓи мајки ги викало „мама“, очекувајќи од нив да бидат вистински мајки. За да ги избегне прекорите и казните покорно ги извршувало сите наредби, па и повеќе од тоа. Секогаш на услуга им се наоѓало на маќеата, на стрините, тетките, на браќата и братучедите, на нивните жени, а најповеќе на строгиот, неправичен, бесчувствителен татко. Од него вчудовидувачки никогаш не се пожалило.

Во семејството на сопругот пак, иста песна. И свекрва, золви, девер, нивните деца, па со сите нив само со добро, а речиси секој од нив, зад нејзиниот грб само лошо. Уффф!  Поднесувала со невидена и неразбрана цврстина од сите нив, мотивирајќи ја да „удираат“ што посилно. Понекогаш завлечена во самотија плачела, цимолела, липала, никому не објаснувајќи ја причината. Знаела таа зошто, но не сакала да изусти и да им ги предочи сите неправди што и ги чинеле. Јанѕата и горчината некогаш морале да излезат од неа, морала да ја преживее катарзата за да продолжи понатаму. Чинам, сите тие неволји ги припишувала на судбината што не ја запознала мајка си чиј збор премногу и недостасувал.

-Барем една слика да ми оставиле, па кога ми е најтешко и кога премногу ми недостасува да ја гледам и пред неа да се исплачам. Се што било мамино, маќеата пеплосала. Дури и во изводот на родените ми го пишале името на маќеата. Намерно, за засекогаш да ми го избришат името на мајка ми. Татко ми не се побунил, оти неговата нова жена, со придојдените и природените деца му била многу поважна отколку мојата тага. Така и ти што сега само чкрапаш со тоа „сапаќало“, еден ден кога ќе се расипе нема да имаш ништо… А ќе биде и тоа.

Така си беседеше таа, додека јас неконтролирано посегнував по третата цигара, додека таа од чадот се бранеше со бавни движења и одмавнувања со рацете. „Од колевка па до гроб само маки. Ебем ти живот!  А таков е животот, како времето. Сонцето пржи денеска, утре грмотевици и молњи, дожд, град…, па пак сонце. Сакаш здравје! Па и ова сега лудило што сака да го уништи светот. Мене ме боцкаат, демек ќе ме подмладат, или ќе ме оздрават. Ха,ха! Секако дека ќе ми дојде крајот, а на вестите кажуваат дека ќе ме заштитат. Чинам дека многу лажат,…  А ти, само пуши! “ И тогаш мрморот ќе го запреше и со нормален тон ќе ме опоменеше дека во собата е многу зачадено, што ни двата ширум отворени прозорци не можат да го вшмукаат.

Секој миг го привикуваше крајот. Во смртта го гледаше спасот и за себе и за сите околу неа. Не ретко не критикуваше затоа што не сме научиле се од неа, а потоа не сожалуваше за тоа што иднината нема да ни е розова. Ни малку таква каква што мајката би им посакала на своите чеда.

-Чувај го здравјето, ама чувај си го и јазикот. Без него не си никој и ништо. Додека им потклекнуваш на другите –добар си. Штом ќе поткренеш глава, веднаш ќе ти се заканат да ти ја скратат. И потоа, потоа, сите те забораваат. Како да не си постоел. Ќе ти дојдат на погребот од лицемерие. Хм!

Го приврши монологот, додека августовското сонце се повеќе продираше преку отворените прозорци. Потстана полека, прошепоте да ги затворам прозорците кога ќе излезе чадот и да ја вклучам климата.

-Разумем шефе, како ти кажеш! Се обидов да се пошегувам, гасејќи ја петтата цигара, додека низ главата молскавично ми летна сеќавање дека од нејзината фамилија ја викаа Тонка нагалено, а од другата сосема спротивно. Дури пежоративно. Без срам!

-Ма ебем ти живот со овие маки и болести!

Прошепоти свиткана како фетус, со едната рака стискајќи го бастумот, а со другата испружена кон вратата.

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и четири книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романите „Ликот во огледалото“ и “Молчи и танцувај”.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *