Сутерен.мк

Се омажи Малала!

Добитничката на Нобеловата награда за мир во 2014 година, Пакистанката Малала Јусафзаи, се омажи за својот избраник Асер Малик во Бирмингем. На малата тадиционална свадбена церемонија присуствувале семејствата на Малала и на нејзиниот партнер.
Малала Јусафзаи на 17 години стана најмладиот добитник на Нобеловата награда во која било област, кога во 2014 година ја сподели Нобеловата награда за мир со индиската активистка за права на децата Кајлаш Сатирахи.

Како ќерка на директор во училиште, таа уште на 11-годишна возраст, во блог за Би-Би-Си, се заложи силно за тоа девојчињата да одат на училиште. Во тоа време пакистанската долина Сват беше упориште на талибанците и Малала го опишуваше својот живот „под чизмата“ на талибанците. Четири години подоцна, на 9 октомври 2012 година е изведен атентат, кога напаѓач влезе во училишниот автобус при нејзиното враќање дома, барајќи ја токму неа и ја застрела со два куршуми во главата и во вратот. Откако беше застрелана, таа им порача на талибанците кои инсистираа на тоа да ја замолчат, дека само го засилиле нејзиниот глас.

Петнаесетгодишната Малала преживеа со тешки повреди и беше пренесена во Бирмингем, Велика Британија, каде оттогаш живее заедно со семејството.

Минатата година ги заврши студиите по филозофија, политика и економија на Универзитетот Оксфорд. Малала и натаму се залага за образование на девојчињата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *