Сутерен.мк

Синиша Станковиќ: Доенчиња

Расчистувајќи ги работите што многу одамна сум ги оставил во станот на моите родители, најдов поетски ракопис и, останав вџашен. Прво, од денешен аспект никако не ми беше јасно дали е можно еден саркастичен песимист и црнохуморен циник, демек јас, некогаш воопшто и да пишувал песни. Добро, главно некои бунтовни, ама меѓу нив има и стихови за љубовта?!

А потоа, читајќи, лека-полека ми текна колку многу, таму некаде во средината на осумдесеттите, посакував тие песни да бидат вкоричени и објавени, откако одделно ги објавував по разноразни конкурси и во литературни списанија што тогаш сè уште постоеја.

Нормално, не успеав оти не ми одеше дружењето со чичковците од читанките&лектирите, кои си ги штипеа по нозете студентките од провинција, рецитирајќи им, икајќи, токму љубовна поезија, во паузите меѓу две блуења во тоалетите на релација Факултет – Универзитетска библиотека – Јоле… Ми ја сотреа музата и ми ја скинаа романтичарската жичка. Песимисти и циници низаедни.

Мислам, се трудев јас тогаш да напишам и ептен љубовна поезија, ама некако не ми одеше, особено не – по изарчените години меѓу поетите на Струшките вечери на пијанчењето, кога „класиците” ми ја убија љубовта. Во поезијата.

Сепак, иако се префрлив на прозата, поетот во мене ќе „експлодираше” единствено откако ќе го активираше алкохолниот детонатор, а уште долги години потоа, на девојките им ја рецитирав најљубовната песна на сите времиња. Според мене, јасно. Песната за портокалот што како молња влетува низ решетките на казнено-поправниот завод и како камен паѓа во нокширот. Ги повторував најљубовните стихови за затвореникот, кој според поетот, светнат од радост и испрскан со гомна, си мислел дека токму тоа е среќата: тоа што ТАА не го заборавила и сè уште се сеќава на него.

Не оти ме разбираа, тоа девојките на кои се обидував да им објаснам дека сакан човек и испрскан со гомна може да биде среќен, ама, ми успеваше понекогаш. Зашто, и тогаш, оние кои нешто читаа, а особено оние кои нешто и помнеа и рецитираа, важеа за ептен чудни типови, на кои само во краен недостаток на фудбалери и ди-џеи, женските им обрнуваа внимание. За кратко.

* * *

Одамна престанав да се интересирам за римите. Уште откако наполнив 40, сè повеќе читам хороскопи – да не ќе ме огрее конечно среќата под влијание на ѕвездите, како и медицински совети – за да видам дали некако можам да си го регулирам покачениот (во комбинација на нервната ми база и скарата&пивото) крвен притисок, а да не пасам трева и да не се пентерам по Водно. Така и разбрав за еден иљач, што ќе го применувам редовно отсега, ама, онака скришум, за да не почнат накриво да ме гледаат.

Имено, по петгодишно истражување во три болници во Франкфурт, германски експерти дошле до заклучок дека гледање во бујни женски гради може да биде лековито за здравјето на мажите. И уште повеќе: може да им го продолжи животот! Демек, мажите постари од 40 години можеле во добар степен да го избегнат ризикот од инфаркт и од мозочен удар ако секојдневно гледале големи женски гради, зашто, им се снижувал крвниот притисок, им се подобрувал пулсот и значително им се намалувал процентот на заболени артерии.

Јас и порано си знаев дека не е можно опсесијата на сите мои другари – да е последица на само кусиот период на доење кога сме биле бебиња, односно, на пребрзото „одбивање”. Си имало и други причини… Чисто здравствени. Ете, сега и научно е докажано дека ѕверењето во сè поразголените скопјанки, особено ако се побујни, може и лековито да делува на генерациски ми блиските средовечници, разочарани во поезијата, романтиката, љубовта… И со тоа, сè станува поинтересно и некако, полесно за преџвакување и голтнување.

Иако на прв поглед контрадикторно, германскиот иљач има своја поткрепа и во истражувањето на еден белгиски универзитет, според кое, еден поглед кон сексуално привлечна жена е способен да ја уништи способноста на мажите да донесуваат одлуки. Јас си знам дека крвниот притисок најчесто и ми се качува кога под притисок на околината треба брзо да размислувам и да донесувам одлуки прекутрупа. Затоа, подобро е да си гледам во нечии бујни гради и да си здравеам, дури и со уништена способност за одлучување. Нели, убавина и мозок и така, не одат заедно…

Тврдат белигиските стручњаци и дека проблемот на мажите се влошува со зголемувањето на нивото на тестостерон во телото, и тоа го илустрираат со пример од истражувањето. Имено, испитаниците учествувале во финансиска игра и онаа половина од нив, на кои им биле покажувани фотографии на привлечни жени и биле изложени на „сексуални сигнали”, потешко забележувале кој прави дубари во играта, а најлошо поминувале оние со највисоко ниво на тестостерон. Во превод: а видат убава жена, мажите не сакаат ич да му ја мислат и губат осет и за парите, и за сè друго околу нив. И што е најилустративно, тврдат тоа, експертите, дека се работи за појава на која мажот не може да и се спротивстави, но и дека слично истражување е спроведено и кај жените, ама кај нив, немало визуелен стимуланс што така им го менува расположението.

Во превод: нема таква машка убавина што може да им го сврти вниманието на жените – од парите… И оди после пишувај љубовни стихови. Или, биди романтичен. А бе, ајде… Портокал во фекалии.

* * *

Можеби жените полесно донесуваат одлуки затоа што мажите немаат бујни гради, не знам, ама читав дека процентуално многу помалку жени имаат висок притисок и добиваат инфаркт. И колку тоа да има врска и со фактот дека се помалку изложени на искушенија како скара&пиво, сепак…

(Авторот е новинар. Пишува за леб – и за пиво & ќебапи – еве, три ипол децении. Жител на неколку скопски маала, автор на неколку книги… Некогаш – верник во поубавото утре зад првиот ќош, денес – носталгичар и по троа циник.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *